1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Несреќна и опасна изјава на Сиљановска Давкова“

БГ
14 мај 2024

Сиљановска Давкова направи преседан кој идната влада на ВМРО-ДПМНЕ не смее да го повтори, реагираат германски парламентарци на неупотребата на уставното име од страна на новоизбраната претседателка.

https://p.dw.com/p/4fpJL
Гордана Сиљановска-Давкова Собрание
Претседателка Гордана Сиљановска-Давкова при давањето заклетва во СобраниетоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Одлуката на новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова при давањето заклетва во Собранието да не го употреби името Северна Македонија, предизвика реакции меѓу пратеници во германскиот Бундестаг.

Германското МНР уште во понеделникот порача дека мора да се почитува Преспанскиот договор, додека водечки парламентарци за Дојче Веле велат дека новата претседателка на Северна Македонија направила опасен преседан. 

Според пратеникот на владејачките Либерали (ФДП) задолжен за европски прашања, Томас Хакер потегот на Сиљановска Давкова е „несреќен и за жалење“. Тој додава дека, во тој контекст, има разбирање за одлуката на грчката амбасадорка да ја напушти инаугурацијата.

„Европскиот пат на Северна Македонија и пред изјавите на новата претседателка беше доволно тежок. И вистина е дека и ЕУ сноси дел од вината за бавниот пат на земјата кон ЕУ.

Либерали Томас Хакер
Според пратеникот на владејачките Либерали (ФДП), Томас Хакер потегот на Сиљановска Давкова е „несреќен и за жалење“.Фотографија: Anila Shuka/DW

Но, доколку и новата влада им се приклучи на провокациите на претседателката, таквите изјави ќе бидат во спротивност со Преспанскиот договор. И тоа ќе биде големо назадување на патот кон ЕУ“, вели Хакер.  

Непотребно разгорување на спорот  

Директна осуда на изјавите на претседателката Сиљановска Давкова дојде и од сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ во Германија, опозициската ЦДУ. Пратеникот на демохристијаните и надворешно-политички говорник, Јирген Харт вели дека Брисел мора да им испрати јасна порака на Сиљановска и на ВМРО-ДПМНЕ дека таквата политика нема да се толерира. 

ЦДУ Јирген Харт
Пратеникот на ЦДУ, Јирген ХартФотографија: picture alliance/photothek

„Повторното разгорување на спорот за името на Северна Македонија е целосно непотребно и опасно. Новата претседателка на Северна Македонија, Сиљановска Давкова на својата функција е исто толку обврзана да го почитува компромисот меѓу Северна Македонија и Грција, колку што беше и нејзиниот претходник“, вели Харт и додава: 

„ЕУ мора да им испрати јасен сигнал на претседателката, како и на победничката партија на изборите, ВМРО-ДПМНЕ, дека патот на Северна Македонија кон благосостојба и слобода, како и во ЕУ, води исклучиво преку почитување на постигнатиот компромис со Грција“. 

По бројните реакции во јавноста, кабинетот на Гордана Сиљановска Давкова во понеделникот соопшти дека „претседателката ќе се придржува до официјалната примена на уставното име“. Оттаму додадоа дека претседателката ја потпишала официјалната изјава за стапување на должност со уставното име- Република Северна Македонија, a таа и во иднина ќе го користи тоа име. 

Сепак, Гордана Сиљановска Давкова останува на ставот дека „македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи, и согласно европските вредности и начела“. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема