1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арсовски: Сиљановска не става во ситуација на дупло голо

ДТЗ
13 мај 2024

„Договорот од Преспа е завршена работа и треба да се прифати и почитува, во спротивно многу висока цена ќе платиме. Ќе се антагонизираат односите со Грција и ќе се мултиплицираат нашите непријатели“, вели Арсовски.

https://p.dw.com/p/4fnM8
Nordmazedonien Gordana Siljanovska Davkova
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Не поминаа ни 24 часа од инаугурацијата на новата претседателкаГордана Сиљановска Давкова, а веќе бура од реакции го брануваат и регионот, но и домашната политичка сцена, по избегнувањето на употребата на „Северна“ во уставното име на земјата. Некои ја критикуваат, други се обидуваат да го дефокусираат проблемот, посочувајќи дека „во Изборниот законик пишува само Република Македонија“, иако неговите измени се донесени неодамна.

Го прекршила ли Уставот новата претседателка, какви последици може да донесе непочитувањето на Договорот од Преспа и воопшто на меѓународните договори потпишани со соседите, што би значела конфронтацијата на земјата со две држави членки на ЕУ - Бугарија и Грција - се само дел од дилемите коишто се наметнаа откако Вилата на Водно ја доби новата станарка во наредните пет години. 

Политичка цена

„Секоја изјава на претседателот има политичка цена. Еве гледаме што се случи во првите 24 часа“, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски за ДВ, откако изминатото деноноќие брујат медиумите во регионот во врска со одлуката на Сиљановска да не изговори „Северна“, при давањето на свечената изјава во Собранието и преземањето на највисоката функција во земјата. Во пресрет на инаугурацијата, Атина веќе најави дека со внимание ќе го следи секој чекор во земјата, особено употребата на уставното име, коешто беше оспорувано од дел од кандидатите и за време на изборната кампања. 

Арсовски вели дека без оглед на тоа дали „Северна“ и се допаѓа или не на новата претседателка, при заклетвата таа мора да го почитува Уставот, а со тоа и новото име на државата што го договориле владите на двете земји.

„Таа не е во позиција како на рафт во супермаркет да одлучи ова ми се допаѓа - ќе го почитувам, а она што не ми се допаѓа нема да го почитувам. Договорот од Преспа е завршена работа и треба да се прифати и почитува во земјата, во спротивно многу висока цена ќе платиме. Ќе се антагонизираат односите со Грција и ќе се мултиплицираат нашите непријатели“, вели Арсовски. 

Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

„Скршени стаклените нозе на договорот“

Северна Македонија, според нашиот соговорник, не само што го смени Уставот, туку и ратификуваше меѓународен договор којшто е над Уставот.

И универзитетскиот професор и поранешен министер за надворешни работи Денко Малески, во колумна за порталот „Либертас“, пишува дека со својата постапка, не искажувајќи го новото уставно име, туку само „Македонија“, новата претседателка ги скршила стаклените нозе на Преспанскиот договор и дека иако кај поголемиот број Македонци предизвикала позитивна реакција, сепак, кај оние граѓани кои се свесни за тоа какви последици носи овој потег, предизвикала кревање на веѓите.

„Тоа беше момент на пркос против неправдата која, согласно меѓународното право, ѝ е нанесена на една држава која под притисок на друга мораше да го смени уставното име. Кажано од позиција претседател, тоа беше и повик до граѓаните и до вработените во државната администрација, да го следат нејзиниот пример“, вели Малески.

Преспански договор
Поранешниот македонски министер за надворешни работи Никола Димитров и неговиот тогашен грчки колега Никос Коѕијас при потпишувањето на Преспанскиот договор, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис ЦипрасФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Личен чин на самоидентификација

Но, од кабинетот на Сиљановска велат дека претседателката има право во своите јавни настапи да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи и согласно европските вредности и начела.  Но, таа сепак ќе се придржува до официјалната примена на уставното име.

„Согласно Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име. Македонските институции во последниве пет години речиси целосно ги исполнија обврските од Преспанскиот договор и претседателката очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатерални обврски кои ги презеле кон земјата“, се додава во соопштението. 

Професорката Билјана Ванковска, која што исто така учествуваше во трката за претседател како кандидат на Левица и се изјасни дека е против сите договори кои ги има потпишано земјата, оди и чекор понатаму.

„Убаво што не спомнала Северна, ама мене ме жеже и пече она Северна на сите документи, патокази, дипломи, печати.Не е Сирма војвода таа што својот проблем ќе го реши, додека цел народ стенка од него. Ако е јунак, ќе упати раскинувачка нота до Атина“, порача таа ан Фејсбук.  

„Фанта финта“

Арсовски вели дека во демократија секој има право на свое мислење, но тој не ја разбира оваа „фанта финта“ на Сиљановска. „Ако е планот на новата претседателка да го раскине Преспанскиот договор - тоа значи излегување од НАТО, раскинување на договорот и враќање на името. Сиљановска може да мисли дека цената што сме ја платиле е повисока од бенефитите. Но, тоа треба да го каже, треба да застапува таква политичка теза. Вака сме во ситуација кога сме во 'дупло голо“. Ниту името сме го вратиле, ниту бенефитите од Преспанскиот договор ќе ги видиме. А, негативните ефекти допрва ќе ги почувствуваме“, вели политичкиот аналитичар. 

Опасност од второ вето

И политичкиот аналитичар Џелал Незири, смета дека се можни реперкусии на меѓународен план. „Како прво, Грција ќе го врати ветото за ЕУ, со што ќе имаме второ вето, освен бугарското. Еднаш ставено вето не се отстранува лесно и брзо. Ова значи дека земјата ќе заглави во евроинтеграцискиот процес, со што Албанија ќе се одвои и сама ќе ги продолжи преговорите со Брисел“, вели тој. 

Што се однесува на домашен план, тој засега не верува дека ваквата постапка на Сиљановска може да има ќе последици и на домашната политичка сцена, во пресрет на разговорите за формирање влада.

„По се изгледа ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН ќе формираат коалиција, иако нивната влада може и да ја врати земјата во целосна изолација, каква што ја имавме во периодот 2006-2016 година. Не се очекува ВЛЕН да ја условува ВМРО-ДПМНЕ ниту со уставни измени, ниту со почитување на Договорот од Преспа. Нивна главна цел е промената на власта, со тоа што ДУИ ќе биде пратена во опозиција, вели Незири во изјава за ДВ. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема