1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската СПД (не)сака да оди на избори со Олаф Шолц?

Тагесшау | ЕМФ
19 ноември 2024

На помалку од сто дена пред предвремените избори во Германија, владејачките Социјалдемократи наголемо дискутираат за својот кандидат за канцелар. Олаф Шолц засега нема добри карти.

https://p.dw.com/p/4n9r4
Олаф Шолц
Во СПД сѐ уште дискутира дали Олаф Шолц е соодветен за нејзин врвен кандидатФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Унијата (ЦДУ/ЦСУ) го има Фридрих Мерц, Зелените го имаат Роберт Хабек, а прашањето на водечките кандидати е во голема мера решено и кај Либералите (ФДП), АфД и БСВ. Само партијата на канцеларот - СПД - на помалку од 100 дена пред предвремените избори сѐ уште дискутира дали Олаф Шолц е соодветен за нејзин кандидат за канцелар. Дали навистина треба повторно да се оди со канцеларот како главен кандидат, кога во сопствените редови се има Борис Писториус, омилен според актуелните истражувања на јавното мислење? Повиците за промена на главниот кандидат стануваат сѐ погласни, и покрај јасните про-Шолц изјави на партиското раководство. Сега раководството на СПД сака брзо да стави крај на дебатата. Но, дали тоа ќе ги замолчи критичарите?

Што зборува против Шолц?

Од перспектива на критичарите на Шолц, многу работи зборуваат против него. Ова се рефлектира и во бројките на истражувањето на јавното мислење Дојчландтренд: само 45 отсто од поддржувачите на СПД сметаат дека тој е добар кандидат на СПД за канцелар, а 47 отсто од поддржувачите се на мислење дека тој не е добар кандидат за канцелар. Речиси трите години на „семафор-коалицијата“ во Берлин се како баласт за рејтингот на Шолц. Незадоволството од работата на владата достигна ново ниво на крајот на октомври: според Дојчландтренд, само 14 отсто од испитаниците биле задоволни од работата на владејачката коалиција. Нормално, тоа првенствено го засега канцеларот како шеф на владата. Недостигот на лидерство е само една од работите за кои Шолц е обвинет.

Покрај тоа, јавната комуникација на Шолц често се доживува како „здрвена и штура“. Тој постојано се соочува со обвинувања дека не покажува емоции и не се обраќа доволно „свртен“ кон граѓаните. „Шпигел“ пишува дека на состанок на конзервативниот Зехајмер Циркл (една од струите во пратеничката група на СПД, н.з.), било речено дека Шолц е „долу“ кај народот.

Шолц никогаш не бил партиски миленик. Редовно постигнуваше слаби резултати на внатрешните избори во трката за лидерство на партијата - во 2019 година, тој и Клара Гејвиц загубија од Заскија Ескен и Норберт Валтер-Борјанс. По неговиот изненадувачки успех на сојузните избори во 2021 година, со кои СПД за првпат повторно стана „канцеларска партија“, внатрешните сомнежи на партијата за Шолц се чинеше дека беа отфрлени. Сега тие се вратија - со оглед на лошите бројки на СПД, многу од 207-те членови на пратеничката група на СПД мора да очекуваат дека нема да бидат реизбрани.

СПД партиски конгрес Олаф Шолц
Само 45 отсто од поддржувачите на СПД сметаат дека тој е добар кандидат на СПД за канцеларФотографија: Liesa Johannssen/REUTERS

Што зборува „за“ Шолц?

Искуството на Шолц и победата во 2021 година зборуваат „за“ Шолц. Освен тоа, фановите на Шолц ја фалат неговата разумност, компетентност и преглед. Шолц неспорно има многу владино искуство - прво како градоначалник на Хамбург, потоа како министер за финансии и вицеканцелар во кабинетот на Меркел и сега како канцелар на - иако неуспешна - „семафор-влада“.

Трипартитната констелација беше новина на сојузно ниво и условите беа тешки. Многу потешко отколку што се предвидуваше кога се пишуваше коалицискиот договор. Руската инвазија на Украина од февруари 2022 година ја направи јасна енергетската зависност на Германија од Русија, заостанатите инвестиции во железницата, мостовите, образованието, Бундесверот, слабата економија - а по пресудата на Сојузниот уставен суд во ноември 2023 година, имаше и огромна дупка во буџетот од милијарди евра. Она што следеше беше постојана расправија на владејачката коалиција за пари, која конечно заврши со голем удар една година подоцна, на 6-ти ноември. Тоа што пратеничката група на СПД му аплаудираше на својот канцелар откако тој го разреши министерот за финансии Кристијан Линднер и со тоа стави крај на владата, кажува многу. Канцеларот конечно покажа силно лидерство, кое тврди дека го поседува.

Канцеларот Шолц ја водеше Германија низ повеќе кризи во изминатите три години, спречи Германија да стане завојувана страна, испорача оружје на Украина во соработка со меѓународните партнери и веројатно беше неверојатно трпелив и упорен во посредувањето меѓу ФДП и Зелените и на тој начин се погрижи коалицијата да не пукне порано - сето тоа „Тимот Шолц“ го наведува на „про“ страната на аргументи.

Владиното искуство и претпазливост наспроти неискуството и недостигот на контрола – веројатно на ова сакаат да се фокусираат стратезите на СПД за изборната кампања во дуелот Шолц против Мерц. Така може да се толкуваат и последните изјави од раководството на СПД.

Германија коалиција
Коалицијата на СПД, Зелените и Либералите беше новина на сојузно ниво и работеше во тешки времиња (фото од лево кон десно: Кристијан Линднер, Олаф Шолц, Аналена Бербок и Роберт Хабек)Фотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

Што вели Шолц за Шолц?

Самопофалбата не му е непозната на Шолц. Тој се смета себеси за прилично добар и тоа му е заедничко со политичари како Маркус Зедер и Роберт Хабек. Силната самодоверба е дефинитивно корисна особина во политиката, но неа кај Шолц многумина ја доживуваат и како ароганција. На Шолц му е сосема јасно дека повторно ќе влезе во трка за кандидат за канцелар - „патем, со цел да победи“, како што неодамна повторно нагласи. Тој уште во јули изјави: „Како канцелар повторно ќе се кандидирам да станам канцелар“. Тогаш сè уште постоеше „семафор-коалицијата“, а сојузните избори се очекуваа во нивниот редовен термин во септември 2025-та.

Ризикот од промена на кандидатите

На СПД ѝ треба некој како Ненси Пелоси, пишува „Зиддојче цајтунг“, осврнувајќи се на промената на кандидати во последен момент кај американските Демократи. Се вели дека влијателната Пелоси одиграла значајна улога во смената на Џо Бајден со Камала Харис. Но, такво сценарио би вклучувало голем ризик за СПД. И покрај „шушкањето“ во СПД, тоа во моментов не изгледа особено реално. Шолц би морал да отстапи, а не изгледа така. Исто така, нема некаков „СПД-Пелоси“ кој би го притиснал да го стори тоа. Писториус би морал јавно да се огради од Шолц и да каже: Ќе го сторам тоа. Ништо не укажува ниту на вакво нешто.

Борис Писториус и Олаф Шолц
Борис Писториус и Олаф Шолц (архивска фотографија)Фотографија: Christian Charisius/dpa/picture alliance

Промената на кандидат на помалку од 100 дена пред изборите веројатно би била протолкувана како панична реакција на СПД и веројатно би била соодветно искористена од политичката конкуренција. Таа би оценила дека тоа е признание оти Шолц веќе не може да победи на изборите. Тоа би било еднакво на демонтажа на актуелниот канцелар. Би имало ли решение со кое ќе се зачува образот на Шолц? Тешко.

Сепак, ниту алтернативниот кандидат Борис Писториус, инаку актуелен министер за одбрана, нема само поддржувачи во СПД. Неговиот бескомпромисен курс во политиката за Украина, испораките на оружје, барањето повеќе пари за Бундесверот и подигање на воената способност на армијата - сето тоа не е баш добро прифатено, особено во источните германски покраини и левото крило на пратеничката група на СПД.