1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се распадна германската владина коалиција

БГ/ ДПА
6 ноември 2024

Германската владина коалиција се распадна по тригодишно владеење. Канцеларот Олаф Шолц во средата го разреши министерот за финансии Кристијан Линднер, и со тоа и стави крај на трипартитната коалиција.

https://p.dw.com/p/4mieQ
Германија Кристијан Линднер Роберт Хабек Олаф Шолц
Лидерите на трите владини партнери, Кристијан Линднер, Роберт Хабек и Олаф ШолцФотографија: Frederic Kern/Geisler-Fotopress/picture alliance

Германскиот канцелар Олаф Шолц го разреши министерот за финансии Кристијан Линднер, кој е и лидер на партијата на Либералите, помалиот коалициски партнер во Владата.

Со таквиот потег на Шолц им беше ставен крај на разговорите за изнаоѓање компромис во трипартитната владина коалиција во Германија, која ја сочинуваат Социјалдемократите (СПД), Зелените и Либералите (ФДП). 

Во изјава по состанокот, Шолц рече дека ја изгубил довербата во Линднер кој „не му служел на јавното добро, туку неговата клиентела и партијата“.  

Владините партнери со недели спореа околу државниот буџет за следната година, а веќе подолг период односите во коалицијата не се на високо ниво поради судири околу бројни важни прашања за иднината на државата. 

Германија Олаф Шолц
Германскиот канцелар Шолц снимен во својата канцеларија за време на коалициските преговориФотографија: Liesa Johannssen/REUTERS

На состанокот на највисоките функционери на трите партии во средата вечерта, Линднер побарал одржување на предвремени парламентарни избори во земјата. Канцеларот Шолц го одбил таквиот предлог. 

Малцинска влада или нови избори? 

Министерот за финансии Линднер, деновиве предизвика бура во јавноста откако протече документ со негов потпис во кој се бара „економски пресврт со делумно фундаментална ревизија на клучните политички одлуки“ - преку намалување на даноци за компаниите, олабавување на прописите во врска со заштитата на климата и намалување на субвенциите и социјалните давачки. Социјалдемократите и Зелените одговорија со жестока критика за потегот на Линднер. 

Кристијан Линднер
Министерот за финансии Кристијан ЛинднерФотографија: Soeren Stache/picture alliance/dpa

Тој документ е и основната причина за отпуштањето на Линднер од страна на канцеларот Шолц. 

Неизвесно е што понатаму ќе се случува со германската влада. Социјалдемократите и Зелените повеќе немаат мнозинство во Бундестагот, а малку е веројатно дека најголемата опозицијата партија, сестринската ЦДУ-ЦСУ, ќе се согласи да поддржи малцинска влада. 

Канцеларот Шолц најави дека на почетокот на јануари ќе бара гласање за доверба во парламентот, а предвремените избори најверојатно ќе бидат организирани во март следната година. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема