Германската економија е во криза: компаниите алармираат
3 февруари 2025Пониски трошоци за енергија, помали даноци, повеќе финансиски стимули за инвестиции, пофлексибилно трудово право, замрзнување на социјалните трошоци, и пред сѐ - помалку бирократија. Тоа се нешта кои германската економија ги бара од идната сојузна влада. „Економијата е во пад. Стапката на невработеност расте. Германија е сѐ понеатрактивна за инвеститорите“, рече Рајнер Дулгер, претседател на Здружението на работодавачи, опишувајќи ја актуелната ситуација кон крајот на октомври на конгрес на организацијата. Има сѐ помалку добро образована квалификувана работна сила, вели Дулгер и додава дека за разлика од тоа нивото на регулација и бирократија се зголемени во последните години, исто како што се зголемени и трошоците за работна сила, односно за други издатоци. „Земја која станува сѐ поскапа за инвестирање мора да станува и сѐ подобра и подобра, ако сака да биде место во кое се инвестиа. Но, тоа во Германија веќе не е така“, вели тој. Сојузната Република веќе не е конкурентна во глобална споредба – тоа е дијагнозата на Дулгер.
Улогата на индустријата во Германија
Економската сила на Германија во добар дел, односно повеќе од 25 проценти, се потпира на индустријата. По две години во рецесија, Сојузното здружение на германската индустрија (БДИ) тврди дека производството во компаниите денес е помало отколку пред пет години. Слични негативни вести доаѓаат и од другите сектори. Секаде во Германија сѐ помалку се произведува, помалку се гради, помалку се купува. Економските експерти кои ја советуваат сојузната влада во тековната годишна анализа велат дека забележале континуиран пад што се протега по должина и ширина - во сите индустрии и сектори. Особено загрижувачко е што Германија сè помалку извезува. Со децении, германскиот модел се засноваше на едноставна формула: суровините и полупроизводите се купуваа релативно евтино во странство, а потоа, со помош на германските инженерски вештини и евтината енергија, тие беа „оплеменувани“ во технологија која ја носеше престижната етикета „Made in Germany“.
Руската агресија против Украина, енергетската криза, инфлацијата и форсирањето на транзиција во правец на климатско неутрална економија резултираа со зголемување на цените на енергијата. Тоа беше проблем особено за оние компании кои трошат многу енергија. „Најважните економски гранки, како што се машинската индустрија и производството на електрична опрема, се посебно погодени, а што се однесува до хемиската индустрија, по значителниот пад во 2023 година, таа сепак се стабилизираше, но на ниско ниво“, пишува советодавното тело на Владата, во кое седат водечки економски експерти.
Компаниите се селат во странство
Економијата бара значително намалување на цената на струјата за повторно да стане конкурентна. На самиот врв на листата на желби е и барањето за намалување на бирократските трошоци. Минхенскиот Ифо-институт во тој контекст зборува за сума од 65 милијарди евра годишно – толку пари германските компании мора да потрошат за исполнување на различни законски обврски, на пример во однос на деловната документација или исполнување на предусловите за одобрување на нови проекти. Расположението во компаниите е лошо, а неизвесноста во однос на економскиот развој е голема. Наместо да инвестираат во сопствената земја, компаниите бараат атрактивни алтернативи во странство. Како што покажа истражување на БДИ, околу една третина од анкетираните компании потврдиле дека веќе ги преселиле своите оддели за истражување и развој во странство. Шефот на БДИ, Петер Лајбингер, предупредува дека таквата миграција ја загрозува Германија како дестинација за економска активност – и тоа „до срж“, како што вели тој.
Иницијативата, во која се здружени околу сто деловни и лоби здруженија, од сојузната влада бара ни повеќе ни помалку туку целосен пресврт во економската политика. Во средата, 29 јануари, организираа голема акција ширум Германија, каде што имаше различни активности со кои компаниите сакаа да ја подигнат јавната свест за проблемите со кои се соочуваат и испратија барања до политичарите. Централниот собир се одржа пред Бранденбуршката капија во Берлин. Со тоа стопанството испраќа „СОС порака до политиката“, велат организаторите. „Будење за политиката“, пишуваше на веб-страницата на која се најавуваше акцијата. Изборите на 23 февруари се „судбоносни“, тврдат организаторите на акцијата. Дулгер, заедно со шефовите на четирите најголеми компании во земјата, испрати жестоко писмо до лидерите на партиите во Бундестагот. Бараат по изборите да се зајакнат стимулите за бизнисите во руралните средини. А според нив, тоа значи инвестиции во опрема, дигитализација, транспорт и инфраструктура, но и станбена политика, здравство, образование, култура или социјални установи.
Во актуелните анкети, економијата и миграцијата се двете најважни теми кои најмногу ги загрижуваат германските граѓани. Граѓаните најмногу веруваат дека демохристијаните од ЦДУ и ЦСУ може да ги решат овие проблеми. Во анкетите токму тие, заедно со нивниот кандидат за канцелар Фридрих Мерц, уживаат доверба кај најголем број гласачи, околу 30 отсто. За формирање влада на Демохристијаните, доколку победат, ќе им треба коалициски партнер или партнери. Тоа би можело да биде СПД или Зелените, двете партии кои ја сочинуваат сегашната малцинска влада во Берлин.
Како понатаму со САД?
За коалициските преговори за формирање на нова сојузна влада, партиско-политичките убедувања на потенцијалните партнери нема да бидат единствените важни прашања. Надворешните влијанија, особено глобалните промени по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, се очекува да одиграат голема улога. Германските компании загрижено гледаат преку Атлантикот. Во 2024 година, САД беа најважниот трговски партнер на Германија за првпат по десет години. Околу десет проценти од германскиот извоз отиде во САД. Повеќето германски компании очекуваат негативни ефекти на меѓународниот пазар бидејќи Трамп, како што најави, сака да ја контролира трговијата и да воведе царини за стоки од други земји. Американскиот пазар е од клучно значење за германската фармацевтска индустрија, но и за производителите на машини и автомобили.
Германија продава повеќе во САД отколку што купува од таму. Овој факт е трн во окото на Доналд Трамп, кој има намера да го намали трговскиот суфицит со Германија, а истовремено да привлече германски компании повеќе да инвестираат и произведуваат во САД.