1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските газди останаа без наследници

Филип Вундерзе (ВДР)
25 јануари 2025

На десетици илјади компании им се заканува затворање во наредните години, бидејќи нивните сопственици не можат да најдат наследници. Ова е голем проблем за целата германска економија.

https://p.dw.com/p/4pAe9
Германија Бизнис
На десетици илјади компании им се заканува затворање бидејќи нивните сопственици не можат да најдат наследнициФотографија: picture-alliance/dpa

„Знаењето ќе се изгуби. Тоа е опасно“, вели Хартмут Пецолд додека сложува неколку кутии со глина за полирање заедно со средствата за чистење на прозорци на автомобили во неговиот магацин во Хаген. Од 1988 година, 68-годишниот Хартмут и неговиот 66-годишен брат Кристијан развиваат и продаваат производи и бои за нега на возила.

„Кога толку години се занимавате со површините на возилата, кога сте обработувале илјадници литри боја, кога сте освојувале награди и натпревари, сакате да го пренесете тоа“, вели Кристијан Пецолд. „Кога сте на возраст за пензионирање и гледате дека сите други веќе се збогувале, се прашувате уште колку долго сакате да го правите ова“. Браќата Пецолд ја сакаат својата работа, но веруваат дека времињата во Германија станале полоши.

Животното дело треба да заврши во добри раце

Приходите се намалени во последните неколку години, старите клиенти пропаѓаат, а браќата знаат дека е неопходно компанијата да премине во други раце. Со години се обидуваат да најдат наследник - засега без успех. „Ако се грижите за нешто, тогаш сакате компанијата да продолжи да работи, а не да пропадне“, вели Кристијан Пецолд. Нивниот животен труд и знаење треба да завршат во добри раце, но не доаѓаат предвид ниту надворешни ниту семејни наследници. 

„Наследувањето на компаниите претставува голем  предизвик за германските средни бизниси“, потврдува Марк Еверс, експерт во Германската комора за индустрија и трговија (ДИХК). „Бројот на претприемачи кои бараат наследник е три пати поголем од бројот на заинтересирани лица. Според проценката на ДИХК, во текот на следните пет години повеќе од 250.000 компании ќе бидат затворени доколку не биде можно да се најде наследник - надворешен или во семејството. 

Проблемот е демографијата 

Неповолните демографски движења во Германија имаат свои последици. Токму на возраст од 18 до 40 години се одлучува дали некој ќе преземе претприемничка одговорност. „Сепак, овие генерации секоја година се помалубројни. Во исто време, се повеќе претприемачи достигнуваат возраст за пензионирање“, вели Еверс.

Една од причините се самите претприемачи: на 29 отсто од нив им е тешко емоционално да се одделат од нивната компанија. Секој петти претприемач чека предолго за да го пренесе својот бизнис, надевајќи се дека подоцна ќе добие повеќе за тоа. 

Компанија изградена со срце 

Сепак, браќата Пецолд од Хаген не размислуваат така. „Нашиот бизнис е првенствено изграден со срце“, вели Хартмут Пецолд. „Тогаш сè уште бевме гладни за успех. Се држевме цврсто. Дваесетчасовниот работен ден не ни беше проблем. Се разбира, ако сакате премногу рамнотежа помеѓу работата и животот, тоа нема да успее“.

Да се ​​биде претприемач значи и жртва и апсолутно убедување, вели Хартмут Пецолд. И посочува: „Мотивацијата мора да биде присутна од самиот почеток, за да ја гледате работата како смисла на животот. Дека компанијата ви го исполнува животот". 

ДИХК предвидува дека на Германија во иднина ќе и недостасуваат токму такви претприемачи. „Знаењето и вредностите исчезнуваат. Ако има помалку компании, ќе имаме помала конкуренција и помалку иновации“, велат од Германската индустриска и трговска комора. „На крајот цените ќе пораснат, а ќе имаме проблем со меѓународната конкуренција“. 

Трансферот на компанија треба да биде добро подготвен 

Важно е компаниите да бидат подготвени за иднината. Околу три до десет години пред планираниот трансфер, сопствениците треба да почнат да се подготвуваат за следната генерација. Дали понудата е ориентирана кон иднината? Дали маржите се задоволувачки? Дали производството е во согласност со најновите стандарди? Дали е во ред организацијата на компанијата? Прашања кои уште одамна си ги поставиле браќата Пецолд од Хаген.

На крајот на месецот треба да им се јави уште еден потенцијален заинтересиран кандидат. Но, тие не се премногу оптимисти.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема