Повторно поларна светлина на небото над Германија
6 ноември 2023Поларната светлина е фасцинантен природен спектакл што ретко се гледа во Германија, а често – во Скандинавија. Но, на викендот некои ранобудници во неколку покраини – Хесен, Северна Рајна Вестфалија и Баварија имаа доволно среќа да ги откријат светлечките превези на темното небо.
Поларната светлина настанува кога таканаречените соларни ветрови наидуваат на кислородот во горните слоеви на атмосферата на Земјата. Ова создава вишок енергија, која потоа се појавува во форма на светлина. Земјиното магнетно поле ги насочува сончевите ветрови, кои се состојат од гасови, кон половите, затоа таму главно се гледа поларна светлина. Неа ја има во различни бои: црвена, зелена, сина, виолетова, бела и жолта. Во Германија, пак, обично е црвена. Фотографијата е направена во близина на Франкфурт.