1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

УЈП ќе блокира сметки, ако не се плати солидарен данок

ДТЗ
31 октомври 2023

На компаниите што нема да платат данок на солидарност на 24 ноември ќе им бидат блокирани сметките, најави директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

https://p.dw.com/p/4YEU6
Сања Лукаревска УЈП
Директорката на Управата за јавни приходи, Сања ЛукаревскаФотографија: Petr Stojanovski

Фирмите тешко го плаќаат екстра данокот којшто беше воведен како еднократна давачка за ублажување на ефектите од кризата. Од вкупно 150 даночни обврзници за коишто било утврдено дека лани оствариле поголеми приходи, само 98 платиле солидарен данок во висина од околу 36 милиони евра, иако првичните проценки на Владата беа дека по овој основ ќе се соберат од 50 до 80 милиони евра.

Останатите фирми коишто не го платиле екстра данокот, кој беше планирано да биде насочен кон антикризни мерки, ќе добијат писмена опомена на 6 ноември, а доколку во меѓувреме не ја исполнат обврската ќе им биде блокирана сметката на 24 ноември. 

Кој платил најмалку, а кој највеќе? 

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање информираше дека вкупната уплатена сума е 2.210.108.927 денари. Најнискиот износ  што е уплатен по тој основ е 39.342 денари, а највисокиот 257.293.088 денари. Само еден даночен обврзник направил пребивање со поврат на ДДВ во износ од 42.259.181 денар.

„Бидејќи рокот беше до 25  октомври, за сите кои немаат направено плаќање на данокот на солидарност ќе се преземат мерки согласно со Законот за даночна постапка. На 6 ноември веќе ќе ги доставиме опомените, доколку и по тоа немаат направено уплата на 24 ноември, веќе ќе пристапиме кон блокирање на нивните сметки“, најави Лукаревска. 

Меѓу нив има и јавни претпријатија кои го немаат исплатено долгот. 

Иницијативи 

Додека Владата сметаше дека овој солидарен данок ќе има позитивно влијание врз одржување на нивото на јавниот долг, стопанствениците реагираа дека станува збор за  погубно и деструктивно решение за бизнисите. 

Законот за данок на солидарност помина на Владата кон средината на јули, а Собранието го донесе на 19 септември по скратена постапка. Стопанската комора на Северна Македонија на 13 октомври поднесе Иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за данок за солидарност пред Уставниот суд, со предлог за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени врз основа на оспорениот Закон, до донесување на конечната одлука.

Данокот за солидарност се однесува на сите компании кои минатата година оствариле приход поголем од 10 милиони евра и имаат поголема добивка за 20 отсто од четиригодишниот просек. Разликата во приходите кои го надминуваат просекот ќе им биде оданочена со 30 отсто.