1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Компаниите не куртулија од солидарниот данок

ДТЗ
19 септември 2023

Ќе се оданочуваат компаниите кои лани оствариле промет над 10 милиони евра и имале зголемена добивка за 20% во однос на просекот од последните три години

https://p.dw.com/p/4WZ6p
Даноци и финансии
Ќе се оданочуваат компаниите кои лани оствариле промет над 10 милиони евраФотографија: Colourbox

Компаниите кои оствариле добивка минатата година ќе мора да платат екстра данок. Пратениците го усвоија Законот за солидарен данок со кој дополнително ќе се оданочуваат компаниите кои минатата година оствариле промет над 615 милиони денари (10 милиони евра), а добивката била зголемена за 20% во однос на просекот од последните три години.

Според пресметките на Владата, ќе се обезбедат средства во висина од 50 до 80 милиони евра. Додека Владата смета дека овој солидарен данок ќе има позитивно влијание врз одржување на нивото на јавниот долг, стопанствениците реагираат дека станува збор за погубно и деструктивно решение за бизнисите. 

Еднократно решение 

Овој данок не е дел од даночната реформа, туку станува збор за еднократно решение кое се воведува во вонредни услови, во услови на криза. Главната карактеристика на овој данок е што со него се обезбедуваат средства за справување со кризата.

„Средствата кои по овој основ ќе се слеат во буџетот ќе бидат планирани во посебната програмата за справување со кризата и наменети за антикризни мерки за поддршка на компаниите и граѓаните. Основната карактеристика на овој закон, кој претставува и препорака на Европската комисија, е солидарноста на дело, а ќе има и позитивно влијание врз одржување на нивото на јавниот долг“, е ставот на Владата.

Но, Сојузот на стопански комори (ССК) оценува дека ваквото законско решение е погубно и деструктивно за бизнисот и дека со него Владата испраќа порака според која плаќачите на данок треба двојно да плаќаат и се за сметка на неплаќачите на данок, кои сега се посебно стимулирани. 

Димитар Ковачевски
Владата смета дека овој солидарен данок ќе има позитивно влијание врз одржување на нивото на јавниот долгФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Лоша порака за инвеститорите 

„Погубен и деструктивен за бизнисот и за стопанството во целата држава е Законот за данок за екстра оданочување, популистички наречен данок на солидарност. Покрај што во самото создавање на законот воопшто не беа земени предвид забелешките на тие што треба да го плаќаат, вака како што е донесен ќе направи непоправлива штета за компаниите. Законот пред сѐ се коси со начелата на бизнисот, со правата на инвеститорите и со исплатата на дивиденда“, велат од ССК.

Тие наведуваат дека трошоците за данокот на „солидарност“ излегуваат надвор од деловните годишни планови, по затворање на фискалната година, распределбата на дивиденда, отсуствуваат од годишните инвестициски и развојни стратегии. „Оној што малку се разбира во деловно и финансиско работење, знае колку погрешни се овие мерки и колку погубни резултати ќе има врз бизнисот“, посочуваат од ССК. 

Стопанствениците сметаа дека „не постои пример во светот каде се носи закон за ретроактивен период, закон кој условува, кој демотивира и дестимулира“. „Концептот на данокот ги демотивира субјектите за нови инвестиции, затоа што повисок данок ќе платат субјектите кои реинвестираа од добивките во претходните три години, што претставува лоша порака за идните инвеститори. На ваков начин, со дополнително „казнување“ на оние што ја крепат државната економија и што го развиваат БДП на државата, македонската економија нема иднина“, наведува ССК.