1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинички центар нема да остане без струја

ДТЗ
15 декември 2022

Премиерот Димитар Ковачевски најави решение - се чека Собранието да даде зелено светло за прераспределба на средства за државата да им ги покрие долговите.

https://p.dw.com/p/4Kxg0
штекер струја
Клинички центар нема да остане без струјаФотографија: Jens Niering/picture alliance

ЕВН утринава ја исклучи струјата во „Железници Транспорт“ поради долг од 6,5 милиони евра, но по неколку часа сијалиците во оваа компанија под државна капа повторно светнаа. Иако на листата на најголеми должници се наоѓа и Клиничкиот центар во Скопје, премиерот Димитар Ковачевски најави дека ниту најголемата здравствена установа нема да остане во темно. 

„Струјата во Клиничкиот центар нема да биде исклучена“, изјави Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата, кој рече дека во меѓувреме е повторно вклучена струјата и во МЖ Транспорт. Тој најави решавање на проблемот со државните институции коишто со години натрупувале долгови за потрошената електрична енергија.

Рокот помина

ЕВН им даде рок на големите неплаќачи до 15 декември да ги подмират долговите, а во спротивно најави дека ќе им биде исклучена струјата. Па така, рано утринава се исклучени мерните места на МЖ Транспорт. Без снабдување останаа сите делови кои се напојуваат од Електродистрибуција.

Димитар Ковачевски
Клиничкиот центар нема да остане без струја, вели премиерот Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

Од „Железници Транспорт“ потврдија дека нема струја во депото во Лисиче во Скопје и во објектите во Велес. Оттаму најавија дека исклучувањето на струјата ќе повлече и прекин на сообраќајот што ќе се случи откако ќе биде потрошена нафтата во возовите. Без објектите каде што беше исклучена струјата, претпријатието не може да функционира, бидејќи тука возовите се снабдуваат со нафта, а пумпата работи на струја. 

Ковачевски вели дека дел од институциите, особено во здравството, реално имале проблем за плаќање на цената на електричната енергија која се зголеми повеќекратно. 

„Владата предвиде средства и штом Собранието ќе ја направи прераспределбата на средствата во Буџетот, ќе се платат сметките на должниците“, вели премиерот. Тој се надева на експедитивност на пратениците за одобрување на финансиски средства. 

Долгот ќе се плати - не требаат други гаранции 

И вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека долгот кон ЕВН за неплатени сметки за струја на државни институции ќе биде подмирен веднаш штом во Собранието ќе помине пренамената  на средствата. 

„Веќе во овој момент во 'Железници Транспорт' има струја. Премиерот, вицепремиерот и министерот за финансии кажаа дека ќе се платат долгови кон ЕВН и тоа е сосема доволно за кој било економски оператор да сфати дека тоа е Влада и држава и оти не треба никакви други гаранции“, рече Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање зошто досега Владата не испратила гаранција до ЕВН дека ќе го подмири долгот. 

Фатмир Битиќи
Долгот ќе се плати, не требаат други гаранции, вели вицепремиерот Фатмир БитиќиФотографија: Furkan Abdula/AA/picture alliance

Според него, не е точно дека државните институции со години не плаќале струја, туку, како што посочи, само имале потешкотии во плаќање заради промената и енергетската криза. 

Вкупниот долг на државните и јавни институции за струја е над 40 милиони евра. Долгот на Клинички за период од 3 години е повисок од 7 милиони евра. Македонски Железници-Транспорт во октомври годинава беше посочена меѓу државните институции коишто потрошиле повеќе струја во однос на истиот месец лани. Железница потрошила за 760 отсто повеќе струја во однос на октомври 2021 година.