1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државата ќе мора да ги покрие дел од долговите за струја

ДТЗ
5 декември 2022

„Не трпам директори кои не плаќале струја“, вели премиерот Димитар Ковачевски. На некои должници државата ќе им помогне, од други пак ќе се бара одговорност.

https://p.dw.com/p/4KV4d
Димитар Ковачевски
„Не ми е сфатливо како може со години да не се плати струја“, вели премиерот Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

Државата ќе мора да ги покрие долговите за електрична енергија на оние клучни институции кои имале објективни причини за такво нешто. Од другите неплаќачи ќе се бара одговорност, најави денеска (5.12) премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Владата.

„Не ми е сфатливо како може со години да не се плати струја тоа е недомаќинско, раскалашено однесување на дел од директорите на тие институции. Кај дел има и објективни фактори, на пример здравствените институции кои беа оптоварени со многу трошоци во текот на корона кризата“, вели Ковачевски.

Вкупниот долг на државните и јавни институции за струја е над 40 милиони евра. Поради тоа се најавуваше дека без струја можат да останат затворите, судовите, Зоолошката градина,  факултетите и други институции.  На листата на должници се и Клиничкиот центар и Железница.

„Државата ќе мора да ги покрие трошоците на некои клучни институции, другите кај кои не постојат толку објективни причини за неплаќање на сметките ќе бидат повикани на одговорност. Ако ние имаме енергетска криза во текот на две години, а тие имаат неплатени сметки три години, тогаш енергетската криза не влијае. Не трпам директори кои не плаќале струја затоа што сметале дека нивните институции не можат да останат без струја само затоа што се од витално значење“, изјави Ковачевски.

штекер струја
Државата ќе ги покрива долговите за струја за да не останат витални институции во темно Фотографија: Jens Niering/picture alliance

Во врска со насобраниот долг од околу 7 милиони евра, и министерот за финансии Фатмир Бесими деновиве најави дека ќе го проверува буџетот, ставка по ставка за да се види од каде може да се префрлат пари за да се скуси овој долг и најголемиот медицински центар да се остане во темница.

Блокови и за малите компании

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска повторно порача граѓаните да бидат спокојни зашто електрична и топлинска енергија ќе има до крајот на грејната сезона.  Со оглед на зголемувањето на ДДВ, конечна одлука нема за цената на струјата за домаќинства, неа ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика.

„Ние ќе бидеме посветени за да нема зголемување на цената на електрична енергија посебно за домаќинствата во првите шест месеци од наредната година“, рече Бектеши на прес-конференција. Промена на блоковите во домаќинствата најверојатно ќе нема, се разгледува можноста да се воведат блокови и за малите потрошувачи – микро и мали компании кои согласно законот можат  да користат струја од регулиран пазар.