1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еутопија и балканфобија

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
27 ноември 2023

Додека се употребува терминот Балкан, а не Југоисточна Европа, просечниот ЕУ-граѓанин во овие земји-членки не ќе гледа нешто сродно-европско, туку туѓо-балканско. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4ZTYS
Знаме на ЕУ и на земјите од Западен Балкан
Знаме на ЕУ и знамиња на земјите од Западен БалканФотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

Има зборови за чија употреба синонимите не се безначајни. Особено кога едниот збор е историски „товарен“ со многу негативни стереотипи. Зборот Балкан е таков збор. Тој е кратенка од „Балкански полуостров“. Овој пак првпат бил употребен во 1808-та, од германскиот географ Јохан Август Цојне. Тој тргнал од погрешната претстава дека планинскиот масив Балкан се протегал од Црното Море до Алпите. Така настанала сликата за Балканот како „граница” на Европа или како мост кон Ориентот. Брзо потоа Цојне бил побиен од Австриецот Јохан Георг фон Хан.Тој го предложил терминот „Југоисточна Европа”.Терминот Балкан уште има изразито негативно значење. За разлика од него, терминот Југоисточна Европа е неутрален. Затоа што не е товарен со грди историски слики и асоцијации како зборот Балкан.

„Западен Балкан” - политички или географски поим?

Балкан за европските умови сугерира дека се работи за нешто различно од Европа.Ниту целосно Европа ниту целосно Ориент. Таа слика за Балканот и денес доминира во Европа. Притоа, се‘ до средината на 19 век, тоа што денес е „Западен Балкан”, Европа го викала „Европска Турција”. Зборот „Балкан” има турско потекло и означува „висока планина”. Дали Европа го избрала токму турскиот збор за да означи дека тој регион и‘ е туѓ, бидејќи таа пет века го поврзувала со османската доминација? Тогаш зошто не го нарекувала тоа царство „Балканска Турција”, туку „Европска Турција”? Во терминот „Европска Турција” има повеќе „европскост” отколку во терминот „Балкан”. Особено во 20-от век Балканот стана симбол за „Туѓоста”, за „Другоста” во однос на Европа.

Поимот Југоисточна Европа не е товарен со овие негативни асоцијации. Тој, едноставно, сугерира географска припадност на големиот европски континент. Нели тоа чувство треба да се зајакнува со сите средства во ЕУ? Впрочем, ЕУ беше основана за да се надминат сите наследени омрази и стереотипи меѓу европските народи, кои во минатото беа повод и за војни. Зошто тогаш Брисел во 21-от век ја создаде бизарната синтагма „Западен Балкан”? И тоа откако беа примени Словенија, Хрватска, Бугарија и Романија? Во однос на кој друг географски Балкан, се определува што е „Западен Балкан”? Дали тој „Западен Балкан” е политички или географски поим? Понатаму, чуму новокомпонираниот термин „Западен Балкан”, кога веќе исто толку долго постои неутралниот поим „Југоисточна Европа”? Логично би било, европското обединување да создава нови симболи на припадност, а не на различност. Затоа во ЕУ не би требало и понатаму да се „култивираат” негативните стереотипи. Зарем не помислија политичарите во Брисел дека првиот чекор во приближувањето на тој проблематичен” дел на Европа кон ЕУ, треба да биде отфрлањето на терминот „Балкан”? Додека се употребува терминот Балкан, а не Југоисточна Европа, просечниот ЕУ-граѓанин во овие земји-членки не ќе гледа нешто сродно-европско, туку туѓо-балканско. Името Балкан (па и Западен), не олеснува, туку отежнува. Тој е се‘ уште „страшило” за просечните европски уши.

Се повампири преку ноќ „балканфобијата"

Во времето на Југославија, тогашната најпрозападна социјалистичка држава, стереотипот за Балканот беше речиси „мртов”. Југословените тогаш не беа за Западот „Балканци”. Се распадна Југославија и се повампири преку ноќ „балканфобијата”. Почнаа постјугословенските војни и светот пак најде доказ за „страшилото” Балкан. Лесно можеше да се најде и причината за војните во „варварскиот балкански карактер”. Притоа австрискиот писател и еден од најострите критичари на воената пропаганда, Карл Краус, уште во Првата светска војна пишуваше дека војните на Балканот се „скицираат” на генералските маси во европските метрополи. Тој варварски Балкан беше исто толку производ на европските „Големи сили”, колку што беше и плод на борбата за чисти национални држави во едно историско подрачје на Европа, во кое долго владееја империи, чии поданици потекнуваа од многубројни етнички групи.По распаѓањето на Југославија, ова подрачје за просечниот Германец пак стана симбол за војни, за сиромаштија, за миграција, за криминал и корупција. Иако сегашноста во многу нешта ги потврдува и денес овие предрасуди за Балканот, тие, всушност, се идентични со оние од времето на Балканските војни. Стереотипот за Балканот, како апсолутната Другост за остатокот на Европа, всушност, говори дека остатокот на континентот уште ги „гледа” овие земји како нешто непожелно и, можеби, сака да ги држи малку подолго далеку од себе.

Притоа, зошто мешавината од народи во овој дел на Европа, мора да е нешто лошо? Нели ЕУ е симбол за „единство на различности”? Тоа што за Европејците денес е грдо во Балканот, може да биде и убаво. Доколку ЕУ го поттикнува и кај овие земји „единството во различностите”. Една слична идеологија – „братството и единството” – доволно долго успешно функционираше во Југославија. Што значи, народите во подрачјето, кое ЕУ сега го нарекува „Западен Балкан”, беа способни неколку децении да не се однесуваат како типичните „варварски Балканци”. Доколку ЕУ би избирала позитивни термини и слики, со кои би им ги приближила на своите граѓани народите кои „чекаат” пред нејзините порти, тогаш таа би била верна на својата визија. Да го надминува трагичното минато на Европа, на сите нејзини делови, со мирољубива визија. Малечките балкански народи се „заразија” со сонот за „големи држави”, имитирајќи ги големите европски држави. Комплексот на мала вредност на речиси сите балкански народи се раѓа во споредбата со големите европски држави. Балканските народи ја бараат сатисфакцијата ретроградно, во старите, пропаднати царства. Тоа ЕУ не би смеела да го толерира во своите „редови”. Затоа што тој ретрограден поглед го храни „страшилото Балкан”.

Доколку ЕУ сака да ги „ослободи” земјите кандидати од Југоисточна Европа од тој погубен „призрак” на Балканот, тогаш треба да го укине терминот  „Западен Балкан”  и да го употребува само неутралниот термин „Југоисточна Европа”. Тоа ќе биде доказ дека ЕУ не сака да ги одржува во живот негативните слики за тие народи, што чекаат на прием. Може ли, воопшто, тие да бидат примени еден ден во ЕУ со сиот историски товар на стереотипот Балкан? Секако не! Зашто прво треба сите членки на ЕУ во нив навистина да гледаат европски земји. Зборот „Балкан” треба да стане минато, за да може еден ден да исчезнат и стереотипите создадени за него. Верувам дека и земјите како Македонија или Албанија би се доживувале себеси многу поинаку доколку ЕУ би ги нарекувала јужноевропски земји. Македонија  и Албанија не се помалку Југот на Европа од Грција и Италија.

ЕУ како „ЕУтопија”

Од друга страна, земјите кои за ЕУ денес се уште  „Западен Балкан,”  треба критички да ја преиспитаат својата претстава за ЕУ како „ЕУтопија”. Треба да престанат самите да се однесуваат според стереотипот „Балкан”.Треба да престанат да чекаат да станат членки на ЕУ, за да почнат да се однесуваат европски. Таа увереност е или знак на незрелост или изговор да не се промени ништо кај себеси. Затоа се чини дека не само политичарите, туку и македонските граѓани веруваат во  волшебната моќ на ЕУ.  Оставаат да им се распаѓа државата, чекајќи ја ЕУ. Притоа забораваат дека стабилноста на некои ЕУ-членки,  како Германија,  потекнува, пред се‘, од нејзините стабилни државни институции. Тие не ги направи стабилни  членството во ЕУ.  Тие беа изградени во долг процес од германските граѓани. Ниту земјите-членки на ЕУ се утопискиот рај, ниту земјите-кандидати за ЕУ во Југоисточна Европа се „варварскиот Балкан”.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи