1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГерманија

Темните и светлите страници во националните наративи

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
2 октомври 2023

Балканските народи кои биле во сојуз со Третиот Рајх се обидуваат срамот и вината да ги „екстернализираат“, да ги префрлат врз некој друг, на пример, врз Германците. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4X23S
Споменик на Холокаустот во Берлин, Германија
Споменик на Холокаустот во Берлин, Германија Фотографија: Bildagentur-online/Joko/picture alliance

Балканските национални наративи се преполни со херои, со големи царства и славни победи. Во нив поразите служат само за да се култивира сопствениот народ како вечна жртва, со што индиректно пак се воспитува на патриотизам. Мрачните периоди се најчесто табуизирани. Се чини дека секој сака да се краси со своите херои, но не сака да биде потсетен на злосторниците како свои предци. Зошто ни е толку тешко да ги прифатиме и нив како „свои”? Затоа што тогаш треба критички да се соочиме со последиците на нивното „злодело”. Треба да го прифатиме срамот за злоделото кое тие го направиле. Треба да сочувствуваме со нивните жртви и да тагуваме заедно со нив. Во спомен на нивната болка и како знак за покајанието во име на нашите предци. Без овие стадиуми во процесот на критичкото соочување со минатото, не може да се обликува свест кај еден народ за сопствената одговорност за иднината. Минатото не можеме да го промениме, но затоа треба да ја прифатиме одговорноста за себе, такво нешто никогаш повеќе да не се повтори.

Обработка на минатото“

Иако идејата за европското обединување се роди брзо по крајот на војната, во Германија долго владееше молк за неа. Западните Германци почнаа да се соочуваат со минатото дури во седумдесеттите. 1960-та Теодор В. Адорно го одржа прочуеното радио-предавање „Што значи обработка на минатото?”. Тоа ја поттикна критичката свест кај студентите, а таа кулминираше во демонстрациите 68-та. Секако, поимот „обработка на минатото” („Aufarbeitung der Vergangenheit“) беше присутен кај многу Германци и во годините по војната, но како желба да се стави точка зад минатото, за да се избрише од сеќавањето. Политичките преговори на Конрад Аденауер и Шарл Де Гол, кои резултираа со „Елисејскиот договор“ меѓу СРГерманија и Франција во 1963-та, за западните Германци значеа не само нормализирање на односите со Франција, туку и рехабилитација на новата демократска Германија. Тоа ја засили желбата да се заборави минатото. Сепак, само неколку години подоцна, 1969-та, германските психијатри Маргарете и Александар Мичерлих укажаа во книгата „Неспособноста да се тагува“ зошто германскиот народ сака што побрзо да го заборави минатото. Затоа што се плаши да се соочи со себе, со своите (зло)дела и тие на своите предци, а со тоа станува „неспособен да тагува“. Зошто е толку важна способноста јавно да се покаже тага и срам пред споменот на минатото? Затоа што само тој ментален и психолшки чин води кон промена и преобразба на сликата на еден народ за самиот себе. Затоа што способноста да се тагува и да се почувствува срам поради учеството во злоделата во минатото е сведоштво за моралната големина и за демократската зрелост на еден народ. За балкански уши срамот поради минатото на сопствениот народ уште се доживува како понижување на националната гордост. Особено кога се работи за Холокаустот,  балканските народи кои биле во сојуз со Третиот Рајх се обидуваат срамот и вината да ги „екстернализираат“, да ги префрлат врз некој друг, на пример, врз Германците. Тие народи одбиваат да ги „интернализираат“, да ги прифатат срамот и тагата за злоделата на предците како дел од својот национален наратив.

„Култура на сеќавања“

За модерната „култура на сеќавање“ се многу значајни настаните со симболично значење. Таков настан за Германците беше коленичењето на Вили Бранд пред споменикот во Варшавското гето 1970-та. Сепак, дури 1997-та, речиси половина век по војната, започна да се обликува посебната  германска „култура на сеќавање”. Обединета Германија тогаш избра да го памети 27 јануари, датумот на кој 1945-та беше ослободен логорот во Аушвиц од страна на Црвената армија, како ден на сеќавањето на Холокаустот. Често се истакнува дека тој е еден од најтешките, но и еден од најважните датуми во германскиот календар на колективното историско паметење.Затоа што тој ја дефинира физиономијата на модерната германска држава. Таа е незамислива без паметењето на Холокаустот. Затоа што Берлин, некогашниот поделен град, денес е израз на обединета Германија и симбол за поинаквиот национален наратив, во кој и темните и светлите страни се јасно видливи, среде Берлин се наоѓа  огромниот споменик на Холокаустот.  Тој е едно бескрајно поле од 2711 бетонски стели, кој го симболизира чувството на трепет и болка, пред кои замира секој збор и секоја слика. Чувството на немоќ го зголемуваат тесните коридори, сугерирајќи го лавиринтот на незамисливото зло. Овој споменик е едно од местата со силно симболичко значење во Берлин. Тој ја презентира поентата на германската култура на сеќавање. Никогаш повеќе да не се подлегне на искушенијата на националната митологија која во минатото ја сакрализираше војната.

Бјорн Хеке АфД
Бјорн Хеке, десничарските политичар од Алтернатива за Германија (АФД) се пожали во говорот во Дрезден дека Германците биле „единствениот народ во светот кои во срцето на главниот град поставија споменик на срамот” Фотографија: Britta Pedersen/dpa/picture alliance

Десничарските политичари на Алтернатива за Германија (АФД) не ја сакаат германската култура на сеќавање. Нивниот претставник во Тирингија, Бјорн Хеке, кој радо ја имитира реториката на Хитлер, 2017-та се пожали во говорот во Дрезден дека Германците биле „единствениот народ во светот кои во срцето на главниот град поставија споменик на срамот”. Тој побара поинаква култура на сеќавањето, во која ќе се истакнувала врската на денешните Германци со големите германски поети, филозофи и научници од минатото. Зошто му пречи сеќавањето на Аушвиц? Бидејќи тоа ја разобличува неговата политичка реторика како копија на реториката на Хитлер. Притоа, тој не мора да чека на 27-ми јануари за да биде потсетен на Холокаустот. Доволно е да отиде во Вајмар, градот кој е симболот за прочуената „вајмарска класика”, градот во кој живееле и твореле поетите Шилер и Гете, за да биде во истиот миг потсетен и на нив и на Холокаустот. Високиот споменик на ридот, во некогашниот логор „Бухенвалд”, се гледа јасно од плоштадот пред театарот, каде што е и споменикот на двата Шилер и Гете.

Зошто овој политичар, кој потекнува од Хесен и никогаш не живеел во бившата ДДР, ја избра за својата политичка активност токму источната покраина? Затоа што таму најде симаптизери за својот историски ретрограден профил. Имено, во антифашизмот како официјална идеологија на ДДР, кој беше диктиран од Советскиот Сојуз, некогашните симпатизери на Хитлер најдоа погодно прибежиште, во кое сите преку ноќ станаа антифашисти, кои тврдеа дека сите фашисти останале во Западна Германија. Во таа смисла, ДДР ја „екстернализираше” вината за Холокаустот врз западните Германци. Затоа тие Германци што беа социјализирани во ДДР никогаш вистински не се соочија со минатото. Токму затоа АФД има многу симпатизери во источните покраини, бидејќи им помага и ден-денес да не ги прифатат мрачните страници од минатото како дел од својот национален наратив. А кусо откако политичарот на АФД, Бјорн Хеке, го нарече споменикот на убиените Евреи среде Берлин „споменик на срамот”, групата германски уметници, „Центар за политичка убавина”, го зема под наем плацот до неговата куќа во селото во Тирингија. Таму таа постави 24 бетонски стели. Уметничката акција е финансирана од донации. Со нив е обезбедена киријата за плацот со „споменикот на срамот на Бјорн Хеке” за многу години. Полицијата го чува деноноќно од тие што сакаат да го оштетат или да го тргнат. Од минатото никој не може да избега...

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи