1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фон дер Лајен најави екстра даноци за големите профитери

БГ /АП
14 септември 2022

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен најави план за ограничување на добивките на производителите на електрична енергија кои прават големи профити во екот на енергетската криза.

https://p.dw.com/p/4Goy6
Европска комисија Урсула фон дер Лајен Европски парламент Стразбур
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пред Европскиот парламент во СтразбурФотографија: Jean-Francois Badias/AP Photo/picture alliance

Европската комисија претстави план со кој се надева дека ќе обезбеди 140 милијарди евра за помош на граѓаните погодени поради растечките цени на енергенсите. Најголемиот дел од средствата ќе се обезбедат преку дополнително оданочување на производителите на електрична енергија кои прават големи профити во актуелната криза, предизвикана од војната во Украина и климатските промени.

Тоа е само еден од предлозите со кој треба да се ограничи кризата во Европа, која може да доведе до рестрикции, затворање на фабрики и длабока рецесија претстојната зима. Другите мерки предвидуваат заштеда на енергија и реформа на пазарот на електрична енергија. Мерките треба да бидат одобрени од сите 27 земји-членки на ЕУ.

Европа е погодена и од најголемата суша во последните 500 години. Цените на природниот гас, кој се користи во домаќинствата, индустријата и за производство на електрична енергија, е за 10 пати поголема во ЕУ одошто пред почетокот на пандемијата на Ковид-19 во 2020 година.

„Русија продолжува активно да манипулира со нашиот енергетски пазар“, рече Фон дер Лајен пред пратениците во Европскиот парламент во Стразбур. „Затоа, овој пазар веќе не функционира“. 

Профит на грбот на потрошувачите  

Одделни земји усвоија субвенции, намалување на даноци и други ослободувања за домаќинството и стопанството откако високите цени на енергенсите предизвикаа рекордна инфлација. Но, додека економиите сѐ уште се опоравуваат од пандемијата, мора да се најдат пари надвор од националните буџети за да им се помогне на милиони луѓе кои едвај ги плаќаат сметките за струја. Затоа Европската комисија сака да ги оданочи профитите на производителите на електрична енергија кои користат нафта, гас и јаглед, но и обновливи извори и нуклеарна енергија. Проценките се дека некои компании прават пет пати повисоки профити од вообичаено. 

Инфлацијата го зголемува притисокот врз сиромашните

„Овие компании прават профити кои никогаш не ги очекувале, не ни сонувале за нив. Во овие времиња, погрешно е да се прават огромни приходи и да се профитира од војната на грбот на потрошувачите“, рече Фон дер Лајен.

Облечена во украинските национални бои, Фон дер Лајен најави и реформа на пазарот на електрична енергија. И пред почетокот на војната во Украина, многу ЕУ членки повикуваа на реформа на енергетскиот пазар верувајќи дека влијанието на природниот гас врз цената на електричната енергија е непропорционално.

Сепак, ЕУ членките се длабоко поделени околу начинот како тоа да се стори, и неизвесно е дали предлозите на Комисијата ќе бидат прифатени. Министрите за енергетика на ЕУ минатата недела не успеаја да постигнат договор на оваа тема, а следниот состанок е закажан за крајот на месецов.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема