1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затворање врати, гаснење светло, намалување на греењето...

Сузане Ајкенфондер
1 септември 2022

Од денеска во Германија во сила се нови мерки за заштеда на енергија. Тие треба да придонесат за побрзо завршување на зависноста од руски гас.

https://p.dw.com/p/4GIXi
билборд енергија штедење Германија
„Драги љубители на туширањето, со штедливи слушалки за туширање се штедат 30% енергија за топла вода“ - германската влада и со вакви билборди се обидува да ги охрабри граѓаните на штедење Фотографија: Rina Goldenberg-Huang/DW

Поради загриженост од можен теснец во снабдувањето со енергија, германската влада ги стега и помалите „шрафови“ во делот на трошењето на енергија. Денеска во сила стапи низа мерки кои ќе важат првично до крајот на февруари наредната година. Се работи за „заедничка задача на политиката, компаниите и потрошувачите“, се вели во уредбата донесена од страна на Владата. „Секој заштеден киловат час помага по малку за излез од зависноста од руски гас“, се вели од Берлин. Со мерките, зедно со оние кои ќе почнат да важат од 1 октомври, би требало да се постигне намалување на потрошувачката на гас за 2 до 2,5 проценти, соопшти министерот за економија Роберт Хабек.

Намалување на собната температура, ладни ходници и фоајеа

Отсега, транзитните простории како што се ходниците, фоајеата или техничките простории во јавните згради веќе нема да се загреваат - освен ако за тоа нема безбедносни причини. Во просториите на јавните згради, каде што се извршува физички лесна и претежно седечка работа, максималната температура ќе изнесува 19 степени Целзиусови. Досега препорачаната минимална температура изнесуваше 20 степени. Горна граница од 18 степени се применува за работните простории во кои луѓето вршат лесна работа „претежно додека стојат или одат“, 16 степени за простории каде што се извршува средно тешка работа главно во седење или стоење, и дванаесет степени за места каде што се извршува физички тешка работа.

Новата регулатива не се однесува на клиниките, установите за нега или другите социјални установи. Приватните работодавци имаат поголема слобода кога станува збор за контрола на собната температура, како на пример во делот на температурата во канцелариите.

Привремено се прекинуваат клаузулите во договорите за изнајмување кои предвидуваат одредена минимална температура. Добавувачите на гас и сопствениците на поголемите станбени згради мора да ги информираат своите клиенти или станари во рана фаза - за очекуваната потрошувачка на енергија, нејзините трошоци и потенцијалните заштеди. Тоа треба да се случи најдоцна до почетокот на грејната сезона.

Изгаснати светла на знаменитости како дворецот Шарлотенбург во Берлин
Изгаснати светла на знаменитости како дворецот Шарлотенбург во БерлинФотографија: Paul Zinken/dpa/picture alliance

Приватните базени остануваат ладни

Приватните внатрешни и надворешни базени веќе не може да се загреваат со гас или електрична енергија од мрежата. Ова, како што се вели, „не е животно неопходно“. Од мерките не се засегнати базените во центрите за рехабилитација, хотелите и објектите за рекреација.

Бојлерите и проточните бојлери веќе не смеат да се користат за загревање на водата во мијалникот, освен ако тоа не е неопходно од хигиенски причини.

Ќе биде исклученоосветлувањето од чисто естетски или репрезентативни причини на објектите и спомениците. Исклучок се прави при краткотрајното осветлување на културните манифестации и фолклорните фестивали. Билбордите ноќе остануваат темни.

- повеќе: Како Германците штедат енергија

Забрането е да се имаат трајно отворени врати на продавниците и влезовите во деловните простории во трговијата на мало, освен ако не се работи за излез за итни случаи или пат за бегство.

Според германската влада, многуте регулативи за заштеда на енергија, треба да имаат и „ефект на сигнал и пример“ и да поттикнат дополнителни доброволни мерки за заштеда на енергија.