1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и Тунис: Миграциска контрола врз грбот на бегалците?

Џенифер Холејс | Тарак Гуизани
20 јуни 2023

Бегалскиот договор кој го предлага ЕУ, може да го спаси Тунис од економски колапс. Но, критичарите стравуваат дека тој ќе биде на товар на мигрантите и барателите на азил.

https://p.dw.com/p/4SlBY
Италија бегалци
Мисија на спасување бегалци пред италијанскиот брегФотографија: Emilio Morenatti/AP/dpa/picture alliance

Како ќе игледаат во иднина европско-туниските односи, ќе се покаже во следните десетина дена. Во овој период, пред самитот на Европската унија на крајот на јуни, тунискиот претседател Каис Сајед треба да реши дали ќе ја прифати „Партнерската програма“, предложена од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Понудата е доставена неодамна: Урсула фон дер Лајен на тунискиот претседател му предложи пакет економска помош од 900 милиони евра и 150 милиони евра натамошна буџетска помош, како и уште 105 милиони евра за заштита на границите и борба против шверцерите.  

Критичарите стравуваат меѓутоа дека на ЕУ главно ѝ е важен третиот елемент од спогодбата, евентуална помош од Тунис за контрола на миграцијата од северна Африка кон Европа.

Факт е дека понудата стигна само неколку дена по предлог за европска реформа на политиката на азил и миграција. Таа на Италија треба да ѝ овозможи да ги депортира барателите на азил и мигрантите во земји како Тунис.

„Предложениот пакет од ЕУ ќе ја стабилизира туниската економија, но цената за него би била целосна кооперација од Тунис во миграциските прашања, како и прифаќање на одбиените туниски и супсахарски мигранти“, вели Хамза Медеб, научен соработник на Карнеги центарот за Среден Исток, во разговор со Дојче веле.

Смртоносен шверц на луѓе

Тунис, оддалечен само 150 километри од италијанскиот брег, се претвори во важна крстосница за мигрантите на патот кон Европа. Според наводите на италијанското Министерство за внатрешни работи, во тековнава 2023 до италијанскиот брег веќе стигнале околу 53.800 мигранти од Тунис, двојно повеќе од целата ланска година. Многу од овие луѓе стигнале со помош на шверцери со луѓе, за кои профитот има поголема вредност од безбедноста на луѓето кои им се доверуваат.

Интернационалната организација за миграција (ИОМ) изнесува податок дека само во првите четири месеци на 2023 година умреле или изчезнале околу 1000 луѓе, додека бројката во 2022 година била – 690 лица.

И Тунис и ЕУ имаат голем интерес да го окончаат циничниот бизнис на шверцерите и трговците со луѓе, изјави фон дер Лајен во Тунис неодамна.

Урсула фон дер Лајен  Каис Саид ЕУ Тунис
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и тунискиот претседател Каис Саид - заеднички интерес против илегалната миграцијаФотографија: Italian Premier Office/AP/picture alliance

„Намерата заеднички да се поведе битка против овие мафијашки мрежи, кои заработуваат енормни суми пари, во моите очи е најважната најава. Се надевам дека засегнатите држави сериозно се обврзуваат на ефикасна борба против овие мрежи. Но, стравувам дека се потребни многу поголеми напори и финансиски средства од досега предвидените за да ги заштитат луѓето од тоа да станат робови или да бидат прошверцувани. Соодветните напори треба да бидат насочени и кон земјите на потекло, како и кон мафијата во Европа“, истакнува Хајке Лешман, раководителка на бирото на германската фондација Хајнрих Бел во Тунис.

Мохамед Хамед доаѓа од Судан, а во Тунис чека на виза за ЕУ. Тој се сомнева дека предложениот договор ќе ја подобри ситуацијата, вели во разговор со Дојче веле. „Жално е тоа што, без оглед како и да изгледа договорот меѓу ЕУ и Тунис, најголеми губитници ќе бидат мигрантите и бегалците“, вели тој.

Економски притисок

Во суштина, предложениот договор не е никаква новина,оценува Ромдхане Бен Омар, портпарол на тунискиот Форум за економски и социјални права, во разговор со ДВ. „ЕУ даде предлог кој го претстави уште во 2014 година, кога Тунис го одби. Но, сега тој повторно е на маса. И натаму тој цели кон запирање на илегалната миграција преку нудење пари и помош за Тунис“.

Меѓутоа, можно е подготвеноста на Сајед за соработка сега да е поголема отколку во 2014 година. Во тоа време Тунис, во контекст на Арапската пролет од 2011 година, која својот почеток го имаше токму во оваа северноафриканска земја, уште важеше за позитивен пример за демократска трансформација.

Но, во моментов состојбата на туниското стопанство се влошува со толкава брзина, што американската рејтинг-агенција Фич кредитната способност на Тунис неодамна ја спушти на најнизок степен. Од аспект на агенцијата Фич, на земјата ѝ се заканува опасност да не е во состојба да ги отплаќа кредитите, што може да доведе со крах на државните финансии. 

Каис Саид  бегалци Тунис
Тунискиот претседател Каис Саид во разговор со бегалци во пристаниште во Тунис - земјата стана важен јазол на патот на илегална миграција кон ЕвропаФотографија: Tunisian Presidency/ZUMA/picture alliance

Прифаќањето на понудата од ЕУ може да значи економска пресвртница, но за да ги добие парите, Сајед треба да надмине уште една пречка.Зашто, предлогот од ЕУ е поврзан и со кредитен договор меѓу Тунис и Меѓународниот монетарен фонд во висина од 1,7 милијарди евра.

Тој договор пак со месеци е блокиран, откако влијателниот туниски синдикат Џенерал лабор унион, како и самиот Сајед, го одбија. Претседателот побара преработка на „дикатот“, образложувајќи дека договорот во оваа форма е „несодветен“ и некорисен за народот.

Мигрантите од државите од Супсахарска Африка се непожелни

Од аспект на невладината организација Хјуман рајтс воч, предложениот миграциски договор во сегашната форма е етички неприфатлив. „Во највисок степен е проблематично што ЕУ се обидува да ги сузбие илегалните патувања од Тунис. Секој има право да ја напушти некоја држава, па и сопствената, и секој има право да побара азил. Обидот да се спречат луѓето да отпатуваат, го крши ова право", вели Лорен Зајберт, научен соработник на Хјуман рајтс воч во одделот за бегалски и миграциски права.

Парите од предложениот бегалски договор ќе одат на зајакнување на туниските сили за безбедност, вклучувајќи ја полицијата и националната поморска гарда, стравува Зајберт. „Тие во минатото извршија тешки напади против мигрантите и барателите на азил“, истакнува Зајберт.