1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Кршење на човековите права на надворешната граница на ЕУ

Јацек Лепјарц
24 септември 2022

Цел свет е импресиониран од полската солидарност со бегалците од Украина. Но, неа ја нема кон мигрантите кои се „заглавени“ на границата со Белорусија. Ним им помагаат активисти за човекови права.

https://p.dw.com/p/4H90B
Бегалци на полско-белоруската граница
Бегалци на полско-белоруската граница Фотографија: Oksana Manchuk/BelTA/TASS/picture alliance/dpa

Катаржина Вапа потекнува од Хајновке во источна Полска, недалеку од границата со Белорусија. Наставничката по англиски јазик по студиите се вратила во своето родно место. И со години тука се ангажира за заштита на природната средина и – против десните радикали. Прашумата Пушча Биаловиеска почнува веднаш пред нејзината куќна врата. Во септември ланската година, мајката на две ќерки видела дека со нејзината шума „нешто не е во ред“. Одеднаш меѓу дрвјата почнале да се појавуваат странци, непознати луѓе. Исцрпени, слаби, често болни и настинати. Тоа биле бегалци кои во Полска стигнале од другата страна на границата, од Белорусија.

Режимот на  Александар Лукашенко ги користи мигрантите како политичко оружје  против ЕУ. Луѓе од Ирак, Авганистан или Сирија се префрлани на подрачја до границата со Полска, па се  присилувани илегално да ја преминат границата на ЕУ.  Варшава реагираше остро, во пограничните региони префрли силни полициски и воени сили, етаблираше „забранети зони“ во кои никој не смее да влезе (па ни новинарите, н.з.) за никој да не може да види што прават таму безбедносните сили. 

Катаржина Вапа - помош по цена на лични последици
Катаржина Вапа - помош по цена на лични последици

Помошод локални активисти

Многу брзо локални активисти, меѓу кои и Вапа, формирале група за помош на мигрантите. Низ прашумата барале заталкани мигранти, им пружале прва помош. „Често моравме да преземаме улога на лекари, адвокати, негуватели или дури и бебиситери.  Еднаш носев на свои раце маж кој беше на умирање,  во последен момент го спасивме“, раскажува активистката. Во друга прилика на босоног бегалец му подарила чевли.

Вапа е една од ретките активистки која во медиумите го покажува своето лице – тоа била одлука со тешки и далекусежни последици. По емитувањето на првиот телевизиски извештај, нејзиниот профил на Фејсбук го преплавиле пораки со омраза. Државните медиуми ја прогласиле за жртвен јарец. А средбите со безбедносните сили понекогаш знаеле и да ескалираат.

„Немав баш добро чувство кога ќе видев како ми се приближуваат четири маскирани и вооружени војници. А еднаш мојот автомобил го запре полиција. Службениците почнаа да удираат по покривот од возилото. Буката беше страшна, моите деца почнаа да плачат. Ги преколнував полицајците да престанат, но залудно. Моравме да ги сокриваме спасените бегалци од припадниците на безбедносните сили,  за да не ги протераат назад во Белорусија,“  вели Вапа.

Иако таквите „пушбекови“ се нелегални, во Полска ги практикуваат, ни вели активистката, која во август во Гдањск доби награда од фондацијата Гранд пресе за својот ангажман.

Владина политика против бегалците

Полската влада притоа поттикнува омраза против неа и другите активисти за човекови права. Владејачката партија Право и правда (ПиС) по изборната победа есента 2015 година почна да спроведува деснопопулистичка политика и тоа без обѕир на владеењето на правото или заштита на малцинствата. Партијата го контролира правосудството, владејачкото мнозинство усвои ригорозен закон за абортус, ЛГБТК-заедницата е изолирана и оцрнувана, а мигрантите од Блискиот Исток и од Африка се третираат како терористи. Таа политика во Полска има многу приврзаници. Но има и храбри активисти кои не сакаат да се помират со кршење на човековите права во Полска. 

Адвокатката Марта Горжинска се ангажира за помош на мигрантите
Адвокатката Марта Горжинска се ангажира за помош на мигрантитеФотографија: Wiebke Rannenberg/PRO ASYL

Една од нив е адвокатката Марта Горжинска. Таа во текот на студиите по право како волонтерка им помагала на мигрантите од Сомалија. Пред десет години почнала да работи за Хелсиншкиот комитет за човекови права во Варшава. Откако од медиумите дознала дека бегалци од Авганистан без храна и вода мораат да преживеат и по неколку дена на полско-белоруската граница, помислила: „Можеби таму може да помогне моето искуство“ и тргнала на пат.

На терен спонтано е формирана „Група граница“, чија цел била заштита на мигранти кои станале „жртви на  нехумана политика на полската влада и на Белорусија“,  вели Горжинска.

„Дојдов во прашумата за да ги документирам повредите на човекови права и да пружам правна помош“, се присетува адвокатката. Но, многу брзо на терен сфатила дека на многу бегалци прво им треба топла облека и храна пред да им се пружи правна помош.

Горжинска им префрла на властите дека не сакаат да стапат во контакт со невладини организации. „Полската држава не го положи испитот. Наместо тоа, нас нѐ оцрнува како предавници и непријатели на татковината“.

Успешните моменти се ретки, а тагата речиси секојдневна. Властите официјално зборуваат за 16 смртни случаи на граница. Според сознанијата на оваа адвокатка, станува збор за најмалку 20, а веројатно и уште повеќе жртви. „Кој има право на азил, а кој не, е друго прашање. Не можеме да дозволиме луѓето да страдаат на граница и да умираат таму“, е мотивот на нејзиниот ангажман.  Горжинска во август беше одликувана од фондацијата Про азил за заштита на човековите права. Лаудаторка беше ополномоштеничката на германската влада за човекови права, Луизе Амтсберг од Партијата на Зелените.

Јакуб Кирсновски, раководител на Здружението на католички интелектуалци (КИК)
Јакуб Кирсновски, раководител на Здружението на католички интелектуалци (КИК)Фотографија: Jacek Lepiarz

А каде е католичката црква?

Јакуб Кирсновски е раководител на Здружението на католички интелектуалци (КИК), угледна организација која е попозната по организирање предавања или средби со познати личности, отколку по спектакуларни акции. „Не можевме да седиме со скрстени раце“, вели 40-годишниот педагог за луѓе со посебни потреби. На негов повик лани се одзвале неколку стотини членови. Во рок од една недела во источна Полска се ставени темелите на помош за мигрантите,  на 16 октомври 2021 година е забележана и првата акција на самата граница.

Кирсновски воопшто не го крие разочарувањето од католичката црква. Додуша, еден надлежен бискуп ги повикал верниците да им помогнат на мигрантите, но до денес црквата не се ангажира вистински. Според мислењето на Кирсносвки, причината е блискоста на црквата и ПиС. „Штета што во акцијата на пружање помош не учествуваат идни свештеници. Миењето нозе на некој бегалец би било практицирање на Евангелието“, вели тој.

Ѕидот на полско-белоруската граница е висок
Ѕидот на полско-белоруската граница е високФотографија: Michal Dyjuk/AP Photo/picture alliance

И членовите на КИК биле изложени на шиканирање од страна на државни органи. Во декември 2021 година полицијата спровела четворица волонтери и упаднала во просторија на КИК. Потоа следело поведување постапка поради пружање помош околу илегален премин на граница, кој потоа е прекинат. Во март е уапсена една 20-годишна активистка.

Од летото 2022   на полско-белоруската граница се наоѓа ѕид висок 5,5 метри.   И покрај таа блокада, секој ден неколку десетини мигранти успешно ја преминуваат границата. „Ѕидот не го реши проблемот, само го заостри. Забележавме дека сѐ поголем број бегалци имаат скршени раце или нозе“, велат активистите за човекови права. Тие во меѓувреме се спремаат за следната зима. Таа ќе стигне наскоро, а со неа и нови проблеми и нови опасности за бегалците на надворешната граница на ЕУ.

DW Korrespodnent Jacek Lepiarz
Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.