1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: По многу дожд, голема суша

СН/агенции
16 јуни 2023

Температури до 30 степени, многу сонце, малку дожд. Германците уживаат во убавото време; базените, плажите и езерата се добро посетени. Но, горештините и сушниот период предизвикуваат проблеми. На пример, шумски пожари.

https://p.dw.com/p/4SgrN
Последици од шумскиот пожар во германската покраина Мекленбург- Предна Померанија
Последици од шумскиот пожар во германската покраина Мекленбург- Предна ПомеранијаФотографија: Steven Hutchings/dpa/TNN/picture alliance

Еден таков шумски пожар, во југозападниот дел на сојузната покраина Мекленбург-Предна Померанија, штотуку е ставен под контрола по тридневно беснеење и 160 евакуирани жители можат да се вратат во своите домови. Но, ќе потрае уште некое време додека пожарот целосно не се изгасне.

Опасност од пожари постои и во други делови во Германија, предупредува Германската метеоролошка служба (ДВД). Загрозените области, означени со темно црвена боја, се наоѓаат и во Долна Саксонија, Хесен, Рајланд-Пфалц и Баварија. Метеорологот Андреас Бремсер за новинската агенција ДПА објасни дека горните слоеви на почвата во многу делови од земјата се целосно исушени, како што би било вообичаено во август.

ДВД предвидува дека летово речиси нема да има долготрајни дождови потребни за полнење на подлабоките слоеви на почвата. Имено, при краткотрајни обилни врнежи паѓа голема количина на вода, но исушената почва не е во состојба доволно брзо да го впие тоа количество.

Климатски промени

Овој сушен период во Германија следи по екстремно влажната зима. Тие долгорочни суши станаа уште поверојатни поради климатските промени, вели Кирстен Тоник од Институтот за истражување на климатските влијанија во Потсдам. Таа потсетува дека Германија со години се бори со многу сушни периоди. „И покрај обилните дождови на крајот на оваа зима, сè уште ни недостига едногодишно количество врнежи за да ги надоместиме дефицитите од претходните години“, вели таа.

Сушниот период во Германија следеше по екстремно влажна зима
Сушниот период во Германија следеше по екстремно влажна зимаФотографија: Sebastian Gabsch/Geisler-Fotopress/picture alliance

И Андреас Маркс, шеф на мониторингот на сушата во Хелмхолц-Центарот за еколошки истражувања (УФЗ) во Лајпциг, вели дека треба да ги погледнеме исклучително сушните месеци во изминатата година. На пример, август 2022 година беше најсушниот месец во цела Германија од 1951 година. „Тоа е можно објаснување зошто оваа, всушност, добра зима не беше доволна за да се спречи сушата: бидејќи почетната ситуација беше толку неверојатно неповолна“, објаснува Маркс.

Тој посочува дека зимата била „речиси фантастична“. „Од декември наваму, генерално имаше премногу влага, а март и април беа многу влажни. Во исто време, пролетта не беше премногу топла. До април, ситуацијата беше навистина добра“.

Но, од мај врне премалку. „Во појасот од источна Долна Саксонија преку Саксонија-Анхалт до Берлин и Бранденбург, имаме ситуација во која континуирано е премногу суво веќе пет години“, предупредува Маркс.

Последици за луѓето и за земјоделството

Во Германија, но и во останатиот дел од Европа, постои зголемена опасност по здравјето предизвикана од екстремните временски услови како што се екстремните горештини. Според извештајот на Европската агенција за животна средина (ЕАА), објавен оваа среда (14 јуни), речиси 195.000 луѓе починале во Европа во периодот од 1980 до 2021 година поради поплави, бури, екстремна топлина и студ, шумски пожари и лизгање на земјиштето.

Долгиот сушен период е проблем и за земјоделците. Метеорологот Бремсер вели дека особено загрозени се свежо засадените растенија и оние кои не пуштаат длабоки корени, но дека растенијата со длабоки корени како виновата лоза и овошните дрвја се уште имаат корист од обилните дождови оваа пролет.

Во некои германски покраини, земјоделците мора да плаќаат надокнади за заштита на подземните води доколку црпат вода за наводнување. Германскиот сојуз на фармери ја критикува оваа мерка и бара изградба на дополнителни акумулациски езера. Освен тоа, нагласуваат дека се потребни и нови поотпорни видови растенија.

Опасност од шумски пожари постои речиси во цела Германија
Опасност од шумски пожари постои речиси во цела ГерманијаФотографија: Michael Probst/AP Photo/picture alliance

Човекот како ризик

Но, самата суша не предизвикува шумски пожари, туку во повеќето случаи тоа е човечката негрижа. „Логорски оган, скара или невнимателно фрлено догорче од цигара носи голем ризик“, предупредува Торге Брунинг, инженер за заштита од пожари во осигурителната компанија Р+В Осигурување. Во Германија постојат строги прописи за заштита на шумите. Така е во шумите и во заштитени подрачја каде што е забрането палење оган не само како логорски туку и употреба на скари и апарати за готвење за кампување.

Покрај тоа, постои апсолутна забрана за пушење во шумите низ Германија од март до октомври. Секој кој ќе го прекрши ова правило може да се соочи со големи парични казни.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема