1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиГерманија

Голем пожар во Берлин: „Огромна опасност“ од експлозии

СН/агенции
4 август 2022

Големите горештини и долготрајната суша го отежнуваат гаснењето на пожарот во главниот град на Германија. Огнената стихија почнала да се шири по експлозија на полициски полигон.

https://p.dw.com/p/4F7cX
Црн облак на чад се издига над берлинската населба Груневалд, каде од утрината беснее голем пожар
Црн облак на чад се издига над берлинската населба Груневалд, каде од утрината беснее голем пожарФотографија: Beate Schleep/dpa/picture alliance

По експлозиите на полицискиот полигон за контролирано активирање на експлозивни направи во берлинската населба Груневалд, огнот ја зафати градската шумата во близина. Според службените наводи на берлинските пожарникари, огнот се проширил утрината.

Се слушаат и повремени експлозии. Во утринските часови огнот беснеел на површина од околу еден и пол хектар, која се наоѓа на југозападот од Берлин.

Според службените наводи, засега не се заканува опасност за стамбените населби. „Тоа ќе го спречиме“, изјави гласноговорникот на пожарникарната служба. Според неговите наводи, пожарот утрово се наоѓал на 2 километри од најблиските куќи.

Засега не е погодена ниту сообраќајна инфраструктура. Нема ни повредени. Властите им порачуваат на граѓаните да го заобиколат колку можат повеќе погоденото подрачје.

Карта на местото на експлозијата во берлинската населба Груневалд
Карта на местото на експлозијата во берлинската населба Груневалд

Голема суша, високи температури

Засега се претпоставува дека на натамошно ширење на огнот би можел да делува фактот што веќе некое време владее суша, односно оти дрвата и растенијата се запаливи. Дополнителен проблем на теренот се и високите температури во Германија.

Огнот засега се шири неконтролирано. „Тоа не загрижува. Ситуацијата е непрегледна“, вели гласноговорникот на пожарникарната служба.

Поради новите експлозии и опасноста која се заканува од летечките предмети, пожарникарите во утринските часови не можеле да започнат со гаснење на огнот. Пожарникарите се повлекле на одалеченост од околу 1.000 метри од огнената линија.

Во акцијата на терен учествуваат 100 припадници на пожарникарната служба и локалните полициски сили. Побарана е помош и од дополнителни пожарникарни екипи и од специјалните единици на Бундесверот.

„Во моментов сме во фаза на советување и набљудување“, рече еден гласоговорник на пожарникарните екипи. Според наводите на берлинската полиција, засега не е во целост јасно како воопшто дошло до експлозијата.

На полицискиот полигон е складирана одземена муниција и експлозивни направи, а специјаните единици тој материјал го уништуваат во контролирани услови.

Берлинските пожарникари во борба против пламените јазици во Груневалд
Берлинските пожарникари во борба против пламените јазици во ГруневалдФотографија: Berliner Feuerwehr

Запрени се некои железнички линии

Во утринските часови беше запрен регионалниот и локалниот сообраќај со брзата (при)градска железница во насока на запад, линијата С7 го поврзува центарот на Берлин со Груневалд. Што се однесува до регионалниот железнички сообраќај, засега се запрени неколку линии.

Во овој момент не е познато во која насока пожарот во Берлин ќе се одрази и на брзите линии на Германските железници, кои го поврзуваат Берлин со остатокот од земјата, а еден дел од берлинската обиколница е затворен за сообраќај.

Германските власти преку службените апликации ги предупредија граѓаните на пожар и ги повикаа да го избегнуваат погоденото подрачје. Жителите од околните насеби се замолени да ги затворат прозорите и вратите на становите и куќите, и да ги исклучат клима уредите.