1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економски раст: Југот на ЕУ е потпора на еврозоната

Дирк Кауфман
10 февруари 2025

Економијата во еврозоната стагнира - главно поради слабоста на Германија. Само од југот на Унијата доаѓаат релативно добри бројки: од Португалија, Шпанија и од Грција. Зошто е тоа така?

https://p.dw.com/p/4q6TE
Дали јужните земји од ЕУ ќе ја преземат улогата на локомотива на економијата на Унијата и на еврозоната во иднина?
Дали јужните земји од ЕУ ќе ја преземат улогата на локомотива на економијата на Унијата и на еврозоната во иднина?Фотографија: Frank Rumpenhorst/dpa/picture alliance

Пред само неколку години Португалија, Италија, Шпанија и пред сѐ Грција беа проблематичните деца на Европската унија (ЕУ) и на еврозоната. Но тоа веќе не е така. Шпанскиот премиер Педро Санчез неодамна на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос го изрази своето уверување. „Ние на југот можеме да придонесеме и за решенија за заедничките проблеми.“

Тој зборуваше за можноста за производство и извоз на повеќе чиста енергија - во Шпанија ова е главно сончева енергија - во енергетската криза по руската инвазија на Украина. На овој начин, според Санчез, Шпанија треба да стане „најдобрата економија во светот“.

Шпанскиот премиер Педро Санчез ја ветува „најдобрата економија во светот“
Шпанскиот премиер Педро Санчез ја ветува „најдобрата економија во светот“Фотографија: JAVIER SORIANO/AFP

Германија создава поделба југ-север

Од паневропска перспектива, пак, ситуацијата воопшто не изгледа розово: економијата во еврозоната стагнира. Заедничкиот брутодомашен производ (БДП) остана на нивото од есенскиот квартал во последниот квартал од 2024 година, објави на крајот на јануари канцеларијата за статистика на ЕУ, Евростат. Во летниот квартал растот беше 0,4 отсто.

Нема доволно пареа за целиот воз

Најголемата економија во еврозоната слабее, а некогашните проблематични деца зајакнуваат - дали јужните земји ќе ја преземат улогата на локомотивата на ЕУ и на еврозоната во иднина? Економистот Габриел Фелбермајр на тоа не гледа така. Директорот на австрискиот Институт за економски истражувања за ДВ вели: „Не, тие не можат да го направат тоа, едноставно тие за тоа се премногу економски мали“.

Германија и Франција, според Фелбермајр, „веќе сочинуваат повеќе од 50 отсто од БДП во еврозоната. И овој индустриски силен северен блок вклучува земји како Австрија, Словенија, Словачка, а исто така и Холандија“. И тие не се единствените погодени. „Земјите кои не се членки во ЕУ, особено Чешка и до одреден степен Полска, исто така страдаат од слабоста на индустриското јадро на ЕУ“.

Германската хемиска индустрија особено страда од високите цени на енергијата
Германската хемиска индустрија особено страда од високите цени на енергијатаФотографија: Thorsten Martin/LANXESS

Високи цени на енергијата

Што е тоа што ги прави јужните земји од ЕУ толку силни, а силниот Север да изгледа толку застарен? За економистот Ханс-Вернер Син, поранешен шеф на минхенскиот институт ИФО, ова се должи на надворешни причини, како и на политички одлуки: „Во последниве години, Германија претрпе многу од енергетската криза, која беше предизвикана од комбинацијата на војната (во Украина) и недостигот на енергија што самата си го предизвика“.

Тој особено го критикува планираното постепено откажување од фосилните горива за сметка на зелените извори на енергија. Притоа, „ЕУ и Германија го загубија чувството за пропорција и рамнотежа. Резултатот од овие интервенции доведе до тоа нашата земја сега да има највисоки цени на струјата во светот“.

Вернер Син за ДВ вели дека од тоа страда „особено хемиската индустрија“. Водечката германска индустрија, автомобилската, исто така е под голем притисок: „Правилата за потрошувачка на возниот парк поставени од ЕУ ѝ ја одзедоа конкурентноста на автомобилската индустрија“.

Предностите на јужните земји од ЕУ

На тоа слично гледа и Габриел Фелбермајр. Туризмот и земјоделството играат поголема улога во јужните земји, каде што има „значително помал индустриски удел во севкупното создавање на економска вредност. Повисоките цени на енергијата низ Европа, трговските војни, предизвиците на декарбонизацијата - сето тоа на југот едноставно влијае помалку отколку на северот.

Покрај тоа, тие имаат и „самосоздадена“ предност: од 2010 година, јужните земји имаат пониски стапки на инфлација од северните. „Ова е од корист за нивната конкурентност. Реформските напори по должничката криза на еврото вродија со плод. Тоа може да се каже и за Грција, Шпанија и Португалија“.

Неговата сенка надвисната над сè: американскиот претседател Трамп, кој му се заканува на речиси целиот свет со високи царини
Неговата сенка надвисната над сè: американскиот претседател Трамп, кој му се заканува на речиси целиот свет со високи цариниФотографија: Ben Curtis/AP Photo/picture alliance

И згора на тоа - Трамп

На крајот од економскиот тунел нема светлина на повидок. Во најдобар случај, се појавува анемично нагорно движење, изјави главниот економист на Комерцбанк, Јерг Кремер за новинската агенција Ројтерс. „Длабоката структурна криза во индустријата и заканите со царини на Доналд Трамп влечат сè надолу“. Американскиот претседател ѝ се заканува на Европа со царини. Ова особено тешко ќе ја погоди извозно ориентираната Германија.

Опасноста препознаена, опасноста избегната?

„Засега нема знаци на закрепнување“, потврди за новинската Ројтерс, Себастијан Дулијен, директор на Институтот за макроекономија и истражување на конјунктурата (ИМК).Тој наведува различни причини за тековниот пад на германската економија, вклучувајќи ја и „агресивната индустриска политика на Кина, која врши притисок врз извозот. Освен тоа, основните каматни стапки на Европската централна банка,кои сѐ уште се високи со оглед на моменталната економска ситуација, ги кочат инвестициите“.

Останува надежта дека сознанието е првиот чекор кон подобрување. Германскиот министер за економија Роберт Хабек на неодамна завршениот Светски економски форуми во Давос рече: „Ние, во извесна смисла, го занемаривме фактот дека ова не е краткорочна криза, туку структурна криза“.

Земјите од јужна Европа генерираат голем дел од својот БДП на плажите на Медитеранот
Земјите од јужна Европа генерираат голем дел од својот БДП на плажите на МедитеранотФотографија: Lorenzo Carnero/ZUMA/dpa/picture alliance

Ова е особено видливо во индустријата, која се бори со високите цени на струјата. Надворешната трговија, која е важна за Германија, слабее, а расположението на потрошувачите се влошува. „Мораме одново да го откриеме нашиот бизнис модел“, бара сега Хабек.

Што е неопходно?

Европската комисија, сепак, очекува благо економско закрепнување во еврозоната и раст од 1,3 отсто во 2025 година. Европската централна банка, за која експертите веруваат дека е блиску до намалување на каматните стапки, најверојатно ќе преземе дополнителни чекори во таа насока во текот на годината.

Шефот на ВИФО (WIFO), Габриел Фелбермајр, смета дека сегашната рамнотежа на силите меѓу северните и јужните земји не е необична: „Понекогаш предничи индустриски силниот север, а потоа повторно јужните земји со силни услуги. Тоа не е различно ниту во другите големи економии, како што се САД“.

Клучно е „северот да ги турка неопходните реформи за поголема конкурентност, но југот да не попушта. Исто така, важно е повторно да се зајакне внатрешниот пазар, кој исто така е средство за врамнотежување меѓу одделните региони“, вели Фелбермајр за ДВ.