1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Доктрината Суровикин ја маскира слабоста на Путин

14 октомври 2022

Моќта на Путин забрзано му се лизга од рацете, затоа што ја губи поддршката за војната и затоа што државниот и воениот апарат полека одат во спротивни насоки. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4IB6O
Генерал Сергеј Суровикин (л.) и рускиот претседател Владимир Путин (архивска фотографија)
Генерал Сергеј Суровикин (л.) и рускиот претседател Владимир Путин (архивска фотографија)Фотографија: Alexei Nikolsky/IMAGO

За Украина, Западот и демократијата победата е на дофат. Што и во иднина да се случува во Украина, секоја анализа мора да ја земе предвид политичката и воената слабост на Путин и Русија. Што и да направи или не направи, Путин веќе не може да ја добие војната затоа што неговите трупи се деморализирани и слабо опремени, неговите ресурси се истрошени, додека неговата „парцијална мобилизација“ отвори нова политичка криза, неговите јастреби се во конфликт со војската, неговите сојузници од Азија му го вртат грбот, па дури и меѓу неговите интимни соработници се јавуваат гласови на несогласување.

Моќта на Путин се базира на античкиот компромис помеѓу политиката и олигарсите, заедно со привилигираните односи со „силовиките“, пред сѐ мислејќи на разузнавачките служби. Путин во овој момент е ослабнат како лидер на војната која тој ја започна, што поради успесите на украинската контраофанзива, што поради атентатот врз мостот Керч, мост кој ја симболизираше руската анексија на Крим. По ова последно воено и политичко понижување, внатрешната клима во Русија стана особено експлозивна. Од една страна, московската елита за првпат навистина сфати дека се наоѓа во војна и дека војната, санкциите и западната изолација сериозно и егзистенцијално ѝ се закануваат на Русија.

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Одлуката пак за „парцијална мобилизација“ го уништи обидот на Кремљ да го изолира руското општество од конфликтот во Украина. Кој е во состојба и кој ќе успее, едноставно бега од земјата. Од друга страна, јастребите и ултранационалистите бараат од Путин конечно да ги употреби сите средства на располагање во војната, со ист степен и ниво на бруталност како тој применет во Чеченија и Сирија. Партијата на тоталната војна, предводена од чеченскиот лидер Рамзан Кадиров и сопственикот на паравоената милиција Вагнер, Евгениј Пригожин, како и Димитри Медведев, ја претставуваат струјата на ултрадикали која се залага за целосно уништување на „украинскиот режим“ и се најгласни во заканите и поканите за употреба на нуклеарно оружје. Токму оваа група се залагаше и денес го слави бомбардирањето на Киев и десетина други украински градови, каде највеќе се гаѓаат културните знаменитости и институции, енергетската инфраструктура, а да не зборуваме за нападите врз цивилната популација.

Губењето на војната значи и губење на моќта

Овие хушкачи на војната се одговорни и за последната од една долга низа на „чистки“ во редовите на воената командаи именувањето на генералот Сергеј Суровикин за врховен командант на руската воена инвазија. „Генералот Армагедон“ има навистина застрашувачка биографија - од поддржувач на државниот удар против Горбачов во 1991 година, преку обвиненија за нелегална трговија со оружје, до бруталните кампањи во Чеченија или уништувањето на Алепо во Сирија. Се разбира, подемот на оваа четворка од Апокалипсата, доаѓа пос серија критики искажани јавно кон Путин, нешто што заедно со одвивањето на војната во Украина драматично го ослабна на домашен и меѓународен план, не само воено, туку и политички. Од тие причини Путин е приморан на постојана воена ескалација која за него лично е станата егзистенцијална. На Путин му е јасно дека не може да ја изгуби војната, а да не ја изгуби и моќта.

Проблемот за Путин е дотолку поголем, што со изборот на ескалација и подемот на моќта на радикалите и јастребите во неговата номенклатура, почнува да ги оддалечува или алиенира добар дел од вооружените сили и команданти врз кои падна најголем дел од одговорноста за неуспесите во Украина, додека и понатаму не го решава клучното прашање и проблем: Москва губи насекаде од украинската војска, принудена е на повлекување и не е во состојба да ги контролира ни оние територии кои неодамна ги анектираше преку фарса-референдумите.

Ескалацијата на Путин не е само реперкусија за, како што тој го опиша, „терористичкиот напад“ врз Кримскиот мост. Според украинските тајни служби, новите брутални бомбардирања биле договорени и испрограмирани пред десетина дена, додека експлозијата на мостот беше само употребена како изговор. Вистинската цел е да се направи што поголем притисок врз украинското општество, затоа што во војна е клучно да се разбие волјата за отпор на непријателот. Но, со ескалацијата Путин врши притисок и врз Западот и особено Европа, обидувајќи се да го подели и разедини обединетиот фронт и да ги примори на преговори, се разбира под неговите неприфатливи услови.

Но, нема гаранции дека новите лидери во Украина ќе го свртат бранот на војната. Во својот дневен извештај од 9 октомври, Институтот за проучување на војната (ISW) заклучи: „Путин не успева да го направи единственото нешто што неговиот тврдокорен електорат сака да го направи – да победи во војната. Промените во највисоките команданти нема да ги решат системските проблеми што ги имаат и кои ги парализирааат руските операции, логистиката, одбранбената индустрија и мобилизацијата од почетокот на инвазијата“. Жртвените јарци можат да ја оттргнат критиката од себе само за некое време, а фактот дека таа расте и меѓу неговите поддржувачи е „веројатен предвесник“ на идно незадоволство во тој табор.

По експлозијата на Керчкиот мост, кој ја симболизираше руската анексија на Крим, внатрешната клима во Русија стана особено експлозивна
По експлозијата на Керчкиот мост, кој ја симболизираше руската анексија на Крим, внатрешната клима во Русија стана особено експлозивнаФотографија: AFP/Getty Images

Погрешни стратешки проценки и тактички грешки

Засега заговорот на Кадиров и Пригожин за смена на министерот за одбрана Сергеј Шојгу не произведе посакувани разултати. И тој и началникот на Генералштабот Валери Герасимов и понатаму се на своите позиции и имаат целосна контрола. Но, тоа не го менува фактот дека зад маглата на пропагандата која неизбежно се спушта во војната, излегува руинираниот профил на руската армија, на удар од секаква критика, нападната и одвнатре и однадвор, оставена без заштита од своите политички нарачатели, кои ја одбраа војската како жртвено јагне и единствен виновник за катастрофално погрешната стратешка проценка која беше одлучена на маса, заедно со серијата тактички грешки на воениот терен.

Слабоста на Кремљ, која тој се обидува да ја замаскира со сила, веќе се претвора во отворен и јавен судир помеѓу руските тајни служби и војската. Причината за тоа е двојна. Првата произлегува од спротивставувањето кон делумната мобилизација, каде покрај регрутираниот се инволвира и целиот фамилијарен кружок, така менувајќи ја и општата наклонетост кон војната. Вториот аспект е повлекувањето на руската армија кое веќе не може да се сокрие или маскира и кое не може да биде компензирано со фарса-референдумите за анексија на украинските територии. На тоа треба да го додадеме и високиот број на воени загуби меѓу руските војници, кој на 6 месеци од војната изнесуваше 55 илјади мртви. За споредба, во Авганистан СССР имаше 13 илјади мртви и 35 илјади ранети за 10 години конфликт.

Вината да падне на грбот на војската

Оттука, притисокот врз војската во оваа фаза на „специјалната операција“ е евидентен. Мошне веројатно е дека Путин и Кремљ одлучиле да го насочат јавното разочарување и незадоволство на сметка на армијата, со цел грешките на политичарите да паднат врз грбот на војската. Во секој случај, оваа растечка разединетост помеѓу политичката димензија и воената димензија во рамки на рускиот команден систем е нешто невообичаено и досега невидено за Русија. Уште од Октомвриската револуција, Црвената Армија, тогаш трансформирана од „војска на селани и работници“, во вооружена рака на партијата, секогаш предвидувала силна идеолошка и политичка симбиоза. Троцки ги врати во армијата голем дел од царските старешини, но и воведе на секое ниво во војската „политички комесари“, со цел да обезбеди кохезија и послушност.

Притисок врз руската војска: Дали вината за неуспесите ќе падне врз грбот на армијата?
Притисок врз руската војска: Дали вината за неуспесите ќе падне врз грбот на армијата? Фотографија: Sergei Malgavko/TASS/dpa/picture alliance

Околу оската Партија-Војска-КГБ за целото време на СССР се развиваше моќниот советски воено-индустриски комплекс, кој околу себе ги обединуваше сите воени потреби, индустриски интереси, високата државна бирократија, економските цели и влијанието врз петгодишните планови диктирани од партијата. Повеќе од државно лоби, овој апарат беше еден вид на „длабока држава“ кој ја контролираше науката, од кој зависеа и се развиваа три-четвртини од истражувањето додека економијата се милитаризираше, а воената индустрија преку производство достигнуваше 25% од целиот советски БДП. Овој комплексен и силно артикулиран апарат неизбежно влијаеше врз општествената организација, врз формацијата, карактерот и физиономијата на земјата. И токму затоа, денешните поделби, слабости и грешки на рускиот апарат водат директно до самиот политички врв на Кремљ.

- повеќе од авторот: Со страв и нуклеарни закани Путин се спасува од воен пораз

Доколку разделувањето на политиката и војската продолжи, а судите помеѓу војската и тајните служби се продлабочат, Москва би се нашла на лизгав и досега непроучен терен. Кремљ тогаш ризикува армијата и целиот воен апарат да се автономизираат и претворат во независен субјект, кој би следел поинакви или свои цели, поинакви од стриктно политичките. Тоа значи дека и војската би можела да стане дел од борбата за превласт, развивајќи сосема своја теорија на моќта.

- повеќе од авторот: Време е за револуција на жените во Иран

Доктрината Суровикин

Моќта на Путин забрзано му се лизга од рацете, затоа што ја губи поддршката за војната и затоа што државниот и воениот апарат полека одат во спротивни насоки. Затоа на Путин му се брза и неговите стратези немаат друг избор освен да го ескалираат конфликтот во трите насоки кои ги споменав. Обид за успех на воен терен - што е невозможно. Терор врз украинската популација – затоа што е најлесно. И, приморување на Западот да седне на преговарачка маса, зголемувајќи ја ескалацијата и нуклеарните закани. Тоа е целта на доктрината Суровикин.

- повеќе од авторот: Момент на вистината за Мелони и Италија

За несреќа на Москва, Вашингтон е тој што го контролира одвивањето на војната. Украина е американски заложник, како што е и Европа. Целта на Вашингтон е што повеќе да ја оддалечи Москва на исток од линијата на судир со НАТО. Целта на Моска е да ја освои Украина. Западот веќе делува како да се доближува до своите цели и крајната победа, додека Москва сите карти ги става на тоа како повеќе да ги уплаши Украинците и Американците. До финалната разрешница ќе бидеме сведоци на еден вид рововска војна како онаа од Првата светска војна.

Војната ќе ја одлучи тој што ќе произведе повеќе оружје, нешто што САД го доминира. Воениот апарат и производство на Москва се речиси истрошени, што значи дека ќе мора да даде некакви концесии, можеби и големи. Суровикин или не, Русија доби само нов командант во едната иста војна.