1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Русија: Нова бруталност со новото воено раководство?

Јаспер Штајнлајн | АРД
12 октомври 2022

По воените неуспеси во Украина, Москва поставува новото воено раководство на чело на своите сили во Украина. Новите кадри би можеле да дејствуваат уште посурово - и да го разнишаат владеењето на Путин.

https://p.dw.com/p/4I1Ja
Новиот главен командант на таканаречената руска специјална операција во Украина, Сергеј Суровикин со рускиот претседател Владимир Путин во декември 2017 година
Новиот главен командант на таканаречената руска специјална операција во Украина, Сергеј Суровикин со рускиот претседател Владимир Путин во декември 2017 годинаФотографија: Kremlin Pool/Russian Look/picture alliance

Нападот на Русија врз Украина трае веќе 229 дена. Дури и државните медиуми во Русија признаа дека операциите не се одвиваат според планот. И покрај големите загуби во луѓе и материјал и немањето успех во освојувањето територии, Кремљ долго време инсистираше на своите цели. Но, сега, кога делумната мобилизација предизвика масовно бегство на регрути од Русија, командата треба да ја преземат порадикални сили, за да се постигнат посакуваните успеси.

Вака аналитичарите ги толкуваат унапредувањето на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, регрутирањето во затворите ширум земјата, што го спроведува шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, како и назначувањето на генералот Сергеј Суровикин за главен командант на таканаречената специјална операција. Овие потези би можеле да доведат до нова бруталност во Украина - и прашање е дали, во краен случај, шефот на Кремљ, Владимир Путин, може да ги контролира овие актери и да ги заузда доколку е потребно.

Суровикин - ригорозен кариерист

Помеѓу 2017 и 2019 година, Сергеј Суровикин беше на чело на руските воздушни и вселенски сили во Сирија и значително придонесе за останување на власт на режимот на Башар ал-Асад. Во Украина досега тој ја имаше командата над трупите на југот, а сега ќе му биде подредена целокупната руска воена сила во Украина. 

Генералот Сергеј Суровикин е познат по својата строгост и подготвеност за извршување на секоја наредба
Генералот Сергеј Суровикин е познат по својата строгост и подготвеност за извршување на секоја наредбаФотографија: Sergei Bobylev/Tass/dpa/picture alliance

Американскиот аналитички центар „Фондација Џејмстаун“ му припишува метеорски подем во руската армија, што бара строгост и подготвеност за извршување на секоја наредба. Тој никогаш не зборувал во јавноста за епизоди од своето минато, како што е смртта на тројца цивили во неговата област на одговорност за време на августовскиот пуч во Москва во 1991 година, или за наводите за насилничко однесување за време на расправија со други офицери.

Регрутирање криминалци од страна на Пригожин

Првиот човек на руската приватна воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин, чии единици се осомничени за воени злосторства, за Суровикин рече декае „најкомпетентниот командант на руската армија“. Тој додаде дека во 1991 година, за време на августовскиот пуч, Суровикин без двоумење седел во тенк, сакајќи да ја спаси својата земја. Пригожин призна дека тогаш бил „на погрешната страна“ на либералните демонстранти, а Русија плаќа за таа грешка до ден-денес. Британскиот весник „Гардијан“ наведува дека Пригожин во руските затвори ветува укинување на затворската казна и плата од 100.000 рубљи (околу 1.655 евра) за шестмесечниот воен ангажман на осудените воени злосторници.

Затворениците кои ја прифатиле понудата во Украина се соочуваат или со смрт или со неограничени можности за криминални активности. „Гардијан“ го цитира сведокот „Владимир“, кој во меѓувреме е на слобода: „Затворениците ќе знаат дека таму неказнето можат да направат сѐ“. Затворот те претвора во животно, во тебе расте многу омраза. А таму се отпуштаат сите сопирачки.“ 

Јевгениј Пригожин, првиот човек на Вагнер, регрутира затвореници за војната во Украина
Јевгениј Пригожин, првиот човек на Вагнер, регрутира затвореници за војната во УкраинаФотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Zemlianichenko

Кадиров: Ќе му помогнeме на Суровикин

Рамзан Кадиров, претседател на руската република Чеченија, кој во земјата и во странство е инаку познат по острите зборови за противниците, го поздрави назначувањето на Суровикин: „Во секој случај, можам да кажам дека тој е вистински генерал и воин, искусен и далекувид командант со силна волја, за кого поимите патриотизам, чест и достоинство се над сѐ“, рече Кадиров. Тој додаде дека очекува пресврт кон подобро во Украина. „Секако дека ќе му помогнеме во решавањето на поставените задачи“, напиша Кадиров на Телеграм.

Голем дел од руските војници во Украина се од Чеченија. Кадиров ја поддржа и мобилизацијата, најавувајќи дека во војна ќе ги испрати своите три сина тинејџери. Кадиров пред неколку недели го критикуваше воениот врв за неуспехот во Украина, а минатата недела беше унапреден во чин генерал-полковник. Овој чин е трет по важност во руската армија. По тешките руски ракетни напади на целата територија на Украина, Кадиров на Телеграм напиша: „Е, сега сум стопроцентно задоволен од спроведувањето на специјалната воена операција“.

Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров е унапреден во генерал-полковник во руската војска
Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров е унапреден во генерал-полковник во руската војскаФотографија: Yelena Afonina/Tass/dpa/picture alliance

Шојгу во немилост на Путин?

Со Суровикин, Кадиров и Пригожин сега има тројца ултрарадикали на истакнати позиции. Овие позиции им овозможуваат да го насочат воениот ангажман според нивна волја. Сите тројца наводно имаат лоши односи со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. И тој е несомнено лојален на Путин како нив, но, за разлика од нив, своите кавги не ги пренесува во јавноста. Од март, Шојгу не е често во јавноста. Украинската воена разузнавачка служба, како и „Сива зона“,  канал на Телеграм близок до Пригожин, објавија дека и Шојгу и началникот на Генералштабот, Валериј Герасимов се разрешени. Наводните имиња на новите луѓе се гувернерот на Тула, Алексеј Дјумин и генералот Александар Матовников. Досега овие наводи не се потврдени.

„Гардијан“ пишува дека одамне не само руските воени блогери се незадоволни од недостатокот на воен успех, а за тоа се обвинуваат старите кадри на Путин, како Шојгу. Се чини дека целата руска елита на моќници очајно балансира помеѓу сопствената воздржаност и прилагодувањето на моменталните миленици. „Во времето на лудаци треба да се преправате дека сте еден од нив“, се цитира извор од кругови блиски до властите. Британскиот весник наведува дека Шојгу ќе го доживее неговото разрешување од сегашната позиција како олеснување, бидејќи тој „бара излез од оваа беда“.

Рускиот министер за одбрана Серхеј Шојгу заедно со претседателот Путин за време на Денот на руската морнарица одбележан на 31 јули 2022 година
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу заедно со претседателот Путин за време на Денот на руската морнарица одбележан на 31 јули 2022 годинаФотографија: Russian President Press Office/dpa/picture alliance

„Инциденти“ на фронтот

Меѓутоа, не е сигурно дали новите кадри во военото раководство ќе донесат пресврт во војната. „Институтот за проучување на војната“ во својот извештај од 9 октомври ја изнесува следнава проценка: „На Путин не му поаѓа од рака да го направи она што го бараат неговите тврдокорни гласачи - да победи во војната. Ротацијата на високи офицери нема да реши системските проблеми кои од почетокот на инвазијата ги парализираа руските операции, логистиката, воената индустрија и мобилизацијата. Жртвените јарци можат да го одвлечат вниманието од критиките кон неговата личност за некое време, а фактот дека таа расте меѓу неговите поддржувачи е веројатно знак на идно незадоволство во тој табор".

- повеќе: Сите луѓе на Путин

Конечно, духовите што ги повика Путин, може да му создадат сосема нови проблеми: На Телеграм, организацијата „Гулагу.нет“, која се бори против тортурата и нехуманите услови во руските затвори, објави дека на фронтот се случиле „серија немири“, наведувајќи дека во регионот Доњецк припадник на Вагнер убил потполковник на руската армија. Ова, наводно, не е прв инцидент од ваков вид.