1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Даравелски останува во „Идризово“ до 2028 година

ДТЗ
11 јануари 2023

Со оглед на тоа што неколкупати се барани екстрадиции, апсолутната застареност на извршувањето на затворската казна е 2028 година. Во меѓувреме Даравелски преку неговиот адвокат побара повторување на постапката

https://p.dw.com/p/4M0VS
Идризово затвор
Даравелски пет години ќе треба да одлежи во „Идризово“ Фотографија: Petr Stojanovski

Поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, кој по две децении се врати во земјата, треба да остане пет години во затворот „Идризово“, доколку нема. Според пресметките на судот во Куманово, кој е надлежен за случајот, апсолутна застареност на извршувањето на затворската казна која што му изречена настапува во 2028 година. 

„Од известувањето кое го добивме од судот во Куманово апсолутна застареност на извршувањето на казната по пресуда на Основниот суд Скопје 1,К.бр.809/05 настапува на 26 .03 2028 година“, потврдуваат од Министерството за правда. Оттаму велат дека изминативе години неколкупати била побарана екстрадиција на Даравелски кој се наоѓаше во Белград, но и покрај неколкуте ургенции повратен одговор од Србија немало. Сѐ додека тој самиот не одлучи вчера да се појави на граничниот премин „Табановце“, по што беше приведен. 

Екстрадиции биле побарани 2004, 2013 година, а за последен пат е барана екстрадиција во јуни 2020 година. „Со оглед на тоа што се барани екстрадиции, затоа и апсолутната застареност е 2028 година“, велат од Министерството за правда. 

Што било преземено досега?

Истото од потврдуваат и од судот во Куманово. Според нив, извршувањето на затворската казна за Даравелски не застарува со оглед што Основниот суд Куманово по приемот на правосилната пресуда  преземал повеќе дејствија, со кои текот на застарувањето на извршувањето на казната е прекинувано.

Даравелски беше осуден на седум години затвор во отсуство во 2007 година за злоупотреба на службената положба и овластувања и се бараше со меѓународна потерница. Според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година.

„Согласно чл.109 ст.1 т.3 од КЗ застарување на извршување на казна затвор над 5 години настапува по 10 години од правосилноста на пресудата со која казната е изречена.  Согласно на чл.111 од КЗ застарувањето се прекинува со секое дејствие на надлежен орган, што се презема заради извршување на казната, а со секој прекин застарувањето почнува повторно да тече“, велат од .Основниот суд во Куманово.

Согласно ст.5 од чл.111 од КЗ застареност настапува во секој случај кога ќе помине два пати онолку време, колку што според законот се бара за застареност на извршување на казна. Со оглед дека од последното преземено дејствие од страна на судот нема изминато период од десет години, ниту пак изминало два пати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршување на казна, застареноста не настапила.

Може ли да се повтори постапката?

Со оглед на тоа што Даравелски е осуден во отсуство, се споменува можноста да бара повторно судење, што пак наметнува нова опасност од застареност, бидејќи од извршувањето на кривичното дело се поминати 20 години. Во однос на оваа дилема, од Министерството за правда велат дека се надлежни да постапуваат само во постапка за екстрадиција. „Дали ќе му биде повторена постапката или не, тоа е во надлежност на судот. Судот е тој кој констатира застареност“, укажуваат од ресорното министерство. 

Во меѓувреме, Даравелски преку неговиот адвокат побара повторување на постапката, поради пресуда донесена во отсуство. Од Основниот кривичен суд Скопје велат дека е оформен предмет кој е распределен пред надлежен Кривичен совет за понатамошно постапување. Советот, во однос на барањето, согласно законските надлежности првично ќе се обрати за податоци до затворот каде ја издржува казната, а потоа предметот ќе го прати на  мислење до Основното јавно обвинителство. По комплетирање на списите, Советот закажува седница по што се носи одлука. Евентуалното застарување на кривичниот прогон го утврдува Основниот суд во Куманово, а во однос на застарување на кривичното гонење одлучува Основниот кривичен суд Скопје при евентуална повторена постапка.