1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Владимир Путин: Роденденот на еден тиранин

7 октомври 2022

Рускиот претседател радо се прикажува како силен човек. Но, кој е навистина Владимир Путин? Многумина тврдат дека силен печат врз него оставило времето минато во Дрезден и крајот на ГДР.

https://p.dw.com/p/4Ht74
Луѓе на голем екран го следат говорот на Путин по анексијата на четири украински региони (30.09.2022)
Луѓе на голем екран го следат говорот на Путин по анексијата на четири украински региони (30.09.2022)Фотографија: AP Photo/picture alliance

Во време на мир, Владимир Путин својот 70-ти роденден, на 7 октомври 2022 година, веројатно би го прославил со многу помпа и повеќе или помалку добри пријатели од целиот свет. Герхард Шредер би бил на врвот на листата на почесни гости. Во 2004 година, поранешниот германски канцелар за својот близок пријател рече дека е „беспрекорен демократ“. Со оваа оценка, социјалдемократот и тогаш беше во голема мера изолиран.

Од нападот на Путин на Украина, на 24 февруари 2022 година, рускиот претседател стана многу осамен на меѓународно ниво. Од моќниците на светската политичка сцена, само шефот на кинеската држава Ши Џингпинг ја држи заштитнички својата рака над колегата во Кремљ.

Путин беше од прва рака сведок на крајот на ГДР

Од внимателно негуваната слика на силен човек, кој ништо и никој не може да го разниша, осум месеци по почетокот на војната остана малку. Особено што украинските трупи повторно заземаат сѐ повеќе од областите окупирани од Русија. Можеби Путин моментално се сеќава на последните драматични месеци од своето време во Германската Демократска Република (ГДР).

Владимир Путин во Дрезден, 11.10.2006
Владимир Путин во Дрезден, 11.10.2006Фотографија: DMITRY ASTAKHOV/EPA/dpa/picture-alliance

Оваа земја со диктаторско управување исчезна од светската мапа по падот на Берлинскиот ѕид и германското обединување во 1990 година. Путин го доживеа крајот на ГДР како офицер во советската тајна служба КГБ во Дрезден, денешниот главен град на покраината Саксонија. Следната година, во 1991-та, Советскиот Сојуз, чиј далеку најголем дел беше Русија, се распадна.

Во анализа за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, историчарот Хубертус Кнабе пишува дека Владимир Путин како млад агент на КГБ бил целосно изненаден одраспадот на ГДР. Во досиејата на Министерството за државна безбедност (Штази), никаде нема индикации дека службениците на КГБ и Штази биле свесни за претстојната опасност. „Длабоката недоверба на рускиот претседател кон граѓанското општество има голема врска со овие искуства“, заклучува Кнабе.

 Поранешната вила на КГБ во Дрезден
Поранешната вила на КГБ во ДрезденФотографија: Matthias Hiekel/ZB/picture-alliance

Рускиот претседател и неговата „волја за измама“

Според сознанијата на Хубертус Кнабе, Владимир Путин, како офицер на КГБ во времето на ГДР, имал одврзани раце да регрутира шпиони од класниот непријател во капиталистичкиот запад на поделената Германија. За да се биде успешен во тоа, потребни се вештини кои и денес можат да се забележат кај Путин: „Упорност, волја за измама и способност за тактички трикови“.

Ваков впечаток добил и Волфганг Розенбауер, кога на почетокот на 1990-тите во Хамбург имал неколку деловни зделки со идниот претседател на Русија. На една вечера, Путин се преправал „како воопшто да не разбира германски“ и разговорот му го преведувал соработник, се сеќава Розенбауер за ДВ многу години подоцна.

Владимир Путин во 2017 година му го честита 90-от роденден на својот КГБ-шеф од времињата во Дрезден, Лазар Матвејев
Владимир Путин во 2017 година му го честита 90-от роденден на својот КГБ-шеф од времињата во Дрезден, Лазар МатвејевФотографија: Alexei Nikolsky/TASS/dpa/picture alliance

Меѓутоа, уште од времето во Дрезден, Путин течно го зборува јазикот на земјата во која е родена неговата ќерка Катерина. Но, германскиот бизнисмен тоа го дознал дури кога се збогувал: „На крајот ме погледна и рече: Одлично, дајте ми ги документите. На германски!“

Непосредно пред анексијата на Крим (во март 2014 година), која е спротивна на меѓународното право, рускиот експерт Штефан Мајстер за ДВ изјави: „Путин е умен моќник.“ Меѓутоа, кога е под притисок, понекогаш реагира без размислување. За него е најважно секогаш да покаже сила, оценува Мајстер. Шефот на Кремљ така и се прикажува од својот прв претседателски мандат на крајот на милениумот: Путин како бестрашен џудо-борец и хокеар, или како коњаник и рибар со разголен горен дел од телото.

Владимир Путин сака да се презентира како силен човек (фотографија направена во 2009 година во јужен Сибир)
Владимир Путин сака да се презентира како силен човек (фотографија направена во 2009 година во јужен Сибир)Фотографија: A. Druzhinin/AFP/Getty Images

Средбата со источногерманските опозиционери

Во мај 2014 година, весникот Цајт објави портрет на четири страници на човекот кој го анектираше Крим два месеца претходно. Во написот има многу шпекулации за долгото патување на Путин од агент на КГБ во Германија до најмоќен човек во Русија. Клучната сцена во неговите години во Дрезден, наводно, се случила на почетокот на декември 1989 година, неколку недели по падот на Берлинскиот ѕид: опозиционерите на ГДР ја окупираа централа на Штази, а потоа преминаа кај огранокот на КГБ за и таму да побараат прием.

Во Цајт приказната гласи вака: „Се вели дека Путин за момент размислувал да возврати со силата на оружјето, а потоа избрал друга одбранбена тактика: камуфлажа. Излажал дека тој е само преведувач. Набрзо демонстрантите си заминаа. На Путин му остана искуството како е да се биде сам во нужда.“

Поделбата на Берлин, Германија и Европа до 1989 година (со темно сива боја: земји кои до 1989 година беа комунистички диктатури)
Поделбата на Берлин, Германија и Европа до 1989 година (со темно сива боја: земји кои до 1989 година беа комунистички диктатури)

1985: Михаил Горбачов го реформира Советскиот Сојуз

Што и да е вистина во врска со ова, тоа се вклопува во имиџот на „аутсајдер“ , како што Цајт го опишувај Путин. Човек кому му оставиле белег годините кои ги поминал во Дрезден, каде отишол во 1985 година. Истата година, реформистичкиот комунист Михаил Горбачовдојде на власт во Кремљ. Очигледно - шок за Путин: „Тој живеел како странец во една ГДР на умирање, истовремено отуѓувајќи се од својата татковина. Таму имаше знаци на промена“.

Само што се вратил во Советскиот Сојуз, Путин во март 1991 година беше сведок на распадот на Советскиот Сојуз. Загуба која, како што постојано се вели, идниот руски претседател никогаш не сакал да ја прифати. Најдоцна од анексијата на Крим во 2014 година, во тоа нема сериозни сомнежи. Поголемиот дел од населението во Русија кршењето на меѓународното право тогаш очигледно го виде низ очите на Путин: како знак на сила.

Имиџот на силен човек добива гребнатини

Изгледа дека така беше и на почетокот на нападот на Украина, во февруари 2022 година, кој исто така претставува кршење на меѓународното право. Но, колку подолго трае војната, колку повеќе руски војници умираат, колку повеќе се губат окупирани територии, толку повеќе се намалува поддршката за Владимир Путин. Имиџот на силен човек на чело на Русија добива сѐ повеќе гребнатини.