Дали новиот чип на Хуавеи е закана за САД?
29 декември 2023Војната меѓу САД и Кина се вжештува откако Хуавеи лансираше нов телефон со технологија за која Вашингтон се надеваше дека ја држи надвор од дофатот на Кина.
Минатиот месец, кинескиот Хуавеи го лансираше Mate 60 Pro, без да даде многу детали за чиповите што се користат во уредот.
Но, „Техинсајт“, истражувачка организација специјализирана за полупроводници со седиште во Отава (Канада), дојде до изненадувачко откритие откако го отвори телефонот за да го анализира: уредот се напојува со 7- нанометарски кинески процесор Kirin 9000s. Големината на чипот е од суштинско значење, бидејќи помалите чипови може да се комбинираат со повеќе елементи, што ги прави побрзи и помоќни. Чипот, исто така, се чини дека е способен и а 5G.
Производителот на тој чип, Semiconductor Manufacturing International Corp (СМИЦ), претходно беше познат по производство на чипови ограничени на 14 нанометри. Во својата анализа на паметниот телефон на Хуавеи, „Техинсајт“ оценува дека процесорот укажува на тоа дека кинеската влада „ја отвора вратата“ за целосно домашен екосистем на чипови.
Вашингтон е „малку шокиран“
И Хуавеи и СМИЦ, најголемиот кинески производител на чипови, се под американски санкции поради наводни безбедносни ризици. На СМИЦ му е забрането да ги купува машините „Extreme Ultraviolet“ (EUV) што се користат за изработка на најнапредните микрочипови во светот. EUV машините се испорачуваат исклучиво од холандската компанија ASML.
Некои се надеваа дека ограничувањата ќе ја зачуваат технолошката предност на САДво време кога двете земји се борат за доминација на глобалниот пазар на полупроводници.
„Вашингтон е малку шокиран. Мислеа дека забранија се. Како е можно тоа Кинезите сè уште да напредуваат“, изјави за ДВ, Лу Ксијаоменг од консултантската компанија „Евразија груп“ , конкретно осврнувајќи се на 5G можностите на телефоните на Хуавеи.
Порака за САД
Телефонот на Хуавеи се смета за национален триумф во Кина. Многумина забележаа дека тој беше лансиран за време на посетата на американската министерка за трговија, Џина Раимондо, веројатно како сигнал до Вашингтон дека Пекинг се потпира на себе.
Вашингтон даде до знаење: администрацијата на Бајден веќе започна истрага за можни прекршувања на санкциите, а некои републикански пратеници бараат построги ограничувања.
Објаснувањето за успехот на Кина, сепак, можеби не го вклучува тоа што кинески компании ги заобиколуваат санкциите за да добијат врвна технологија. Минатата година, Техинсајт веќе објави дека СМИЦ можеби успеал да направи чипови од седум нанометри користејќи изменети, помалку напредни машини „Deep Ultraviolet“ (DUV) кои сè уште се достапни за купување.
За Лу, шеф на геотехнолошката пракса на „Евроасиа груп“, најновиот напредок на Хуавеи не требаше да биде изненадување. „Доколку вашата тактика го стави во небрано Хуавеи, тие на крајот ќе го иновираат својот начин за излез од тие ограничувања“, рече таа за ДВ.
Џејмс Луис, директор на програмата за технологија и јавна политика во Центарот за стратегиски и меѓународни студии (ЦСИС) во САД, има слични ставови и вели дека новите ограничувања на САД може да купат време во трката со чипови, но нема да ги спречат Хуавеи и другите кинески компании.
Дали тајванскиот ТСМЦ треба да биде загрижен?
Има и експерти кои го минимизираат пробивот на Хуавеи и се сомневаат дека компанијата може да произведе напредни чипови во голем обем.
Реј Јанг, консултантски директор на тајванскиот Институт за истражување на индустриска технологија (ИТРИ), за ДВ изјави дека „технологијата мора да биде погодна за производство“ и да не остане во фазата на истражување и развој. Тој рече дека Taiwan Semiconductor Manufacturing Company (TSMC), водечки светски производител на чипови, поседува различни патенти во масовно производство, додека „СМИЦ заостанува на тоа поле“.
ТСМЦ е способен да го снабдува глобалниот пазар со уште понапредни чипови од пет нанометри. Компанијата веќе поседува повеќе од 60 отсто од производствениот капацитет за најнапредните полупроводници.
Јанг верува дека успехот на Хуавеи е краткотраен и веројатно нема да трае повеќе од една година. „СМИЦ не може да прави чипови од пет нанометри без EUV технологија“, рече Јанг.
Забраната за извоз е „решение на студена војна“
Минатата недела, американскиот секретар за трговија Рајмондо исто така рече дека нема докази дека Хуавеи е способен да произведува паметни телефони со напредни чипови „во голем обем“, додавајќи дека Вашингтон продолжува да го истражува процесот на производство.
И додека анти-кинеските јастреби бараат дополнителни санкции, некои експерти тврдат дека би било невозможно да се донесат мерки кои целосно ќе ја затворат Кина од цврсто испреплетениот глобален синџир на снабдување.
„Обидот да се блокира развојот на чипови е решение на студена војна“, вели директорот на ЦСИС, Луис. Неговиот предлог е американската влада „да дозволи чиповите да одат во Кина“, но не и опремата за производство на тие чипови.
Тој смета дека би било добро за двете страни - американските компании би можеле да го задржат својот удел на пазарот во Кина, додека кинеските брендови, како што се „Oppo“ и „Xiaomi“, сепак би користеле западни чипови кои се поевтини и подобри.
Без нив, Пекинг би имал „огромен поттик“ да изгради сопствен полупроводнички капацитет.
Помалку блокирање, повеќе истражување
Покрај тоа, Пекинг веќе одговори на санкциите со ограничување на извозот на клучни метали за производство на полупроводници. И минатиот месец, Кина објави нов фонд од 40 милијарди долари (37,6 милијарди евра) за домашните производители на чипови за да се намали зависноста од странска технологија.
Лу од Групацијата Евроазија верува дека САД „премногу се фокусираат на блокирање на конкуренцијата и недоволно на зајакнување на сопствените способности“.
„Кога ги задржувате вашите конкуренти три генерации зад себе, ја задржувате и вашата компанија една или две генерации зад себе“, вели таа за ДВ.