САД подигнаа обвинение против Хуавеи
29 јануари 2019Обвиненијата на американското Министерство за правда се сериозни. Кинеската влада одговара со остра критика и од САД бара да запрат со „несоодветното угнетување“ на Хуавеи. Обвинението против кинескиот технолошки џин доаѓа само еден пред разговорите на САД и Кина за надминување на трговскиот конфликт. Американската влада тврди дека е направен „значителен напредок“. Како Германија реагира на вревата околу Хуавеи?
Хуавеи: Во служба на државата и партијата?
Многу Германци користат смартфон од Хуавеи и веројатно не размислуваат за тоа. Но, по многуте непријатни извештаи од изминатите недели, има и такви кои почнаа да размислуваат: што се случува со богатиот мистериозен концерн? Точни ли се наводите за корупција и шпионажа? Што е со независноста на концернот од државата и тајните служби?
Едно е дали една тоталитарна држава на другиот крај на светот знае какви љубовни пораки си разменуваат млади тинејџери на Ватсап. Но сосема друго е прашањето дали мрежниот оператор може да контролира или манипулира една цела мрежа, во овој случај во Германија, каде треба да се инсталира 5Г мобилна мрежа.
Освен тоа, се работи за екстремно многу пари: изградба на мрежа според 5Г стандарди е голем залак и за моќната германска економија. Торстен Герпот, професор за телекомуникациска економија на Универзитетот во Дуизбург-Есен, посочува дека може да произлезат долгорочни трошоци кои сега не можат ни да се предвидат. Но, тој проценува дека инвестицијата „во следниве 20 до 30 години ќе дојде до 80 милијарди евра."
Повеќе: Иднината на мобилната комуникација се вика 5G
Растечки отпор во целиот свет
Сомнежите дека близок контакт со снабдувачот со мрежна опрема би имал исто значење како да е остварен близок контакт со кинеските тајни служби,за еден концерн кој е непрегледен, а Хуавеи е токму таков, не би можеле да се отстранат туку така. Во други земји веќе постои свесност за ова и делумно веќе се делува: Австралија и Нов Зеланд го исклучија Хуавеи како можен градител на 5Г мрежата во нивните земји. Во Норвешка и Полска исто така се разгледува оваа опција.
Во Канада односот кон Хуавеи веќе доби бизарни, а очигледно и трагични димензии: поради сомнежите на американските власти дека шефицата за финансии на Хуавеи, Менг Ванжу го прекршила бојкотот на американската влада кон Иран, таа е уапсена во Канада. По апсењето на менаџерката, која е ќерка на основачот на Хуавеи, Рен Ченфеи, двајца Канаѓани се уапсени во Кина веројатно во знак на одмазда. Освен тоа, казната на еден од уапсените Канаѓани во Кина е сменета во смртна казна и постои закана да биде извршена.
Повеќе: Уапсена финансиската директорка на Хуавеи
Шпионажа? Ние не! Најискрено!
Извршниот директор на компанијата Рен Ченфеи ретко излегува пред медиумите. Во светло на големите обвинувања против неговата компанија тој само еденаш излезе во јавноста. Пред американските медиуми тој изјави дека никогаш не бил принуден од некоја влада „да пренесува нелегални информации." И додаде: „Јас ја поддржувам Комунистичката партија, но нема никогаш да сторам нешто што би ѝ наштетило на која било земја."
Досега германскиот министер за економија Петер Алтмајер не размислува да го исклучи Хуавеи од трката за изградбата на 5Г мобилната мрежа во Германија. Сојузното биро за безбедност во информатичарската технологија (БСИ) исто така нема конкретни приговори против учество на Хуавеи на тендерот и одбива бојкот на концернот. Од шефот на Сојузот на германската индустрија, Дитер Кемпф, дојде насока дека Хуавеи не може да се исклучи од трката за изградбата на 5Г мрежата само поради непотврдени сомневања. Кемф вели: „Ако има некој, кој прави такви претпоставки, тогаш има и проклета обврска таквите сомнежи да ги докаже."
И економистот Торстен Герпот исто така повикува на воздржаност. Обвинувањата кои се подигнати против кинескиот концерн, се далеку од докажани: „Во моментов има нешто повеќе како предрасуди кон Хуавеи, без сигурни докази дека е прекршен закон."
Веќе постојат алтернативи - дури и во Европа
Освен тоа, се уште не се знае дали Кинезите ќе учествуваат во трката за изградба на 5Г мрежата. Тие важат за фаворити, бидејќи се најголем играч на пазарот и, како што вели Торстен Герпот, „многу ценовно агресивно влегуваат на пазарот".
Економистот Улрих Хајмесхоф, професор по економија на универзитетот „Ханрих Хајне“ во Диселдорф, смета дека Хуавеи е фаворит токму поради тоа што „на тендер цената секогаш е одлучувачка".
Најчесто тројца конкуренти влегуваат во трка: покрај Хуавеи, уште Ериксон и Нокија. Овие три компании, според Торстен Герпот, „меѓу себе делат 80 до 85 проценти од пазарот на 5Г мрежната опрема". Рака на срце, Нокија неделава најави дека ќе отпушти повеќе од 500 од 3500 соработници во Германија. Тоа, вели Герпот, во никој случај не е знак за капитулација. Напротив: „Ериксон и Нокија се на добар пат"
Не е сѐ во цената
При формулирање на условите за тендерот, корисникот на услугите, значи Германија, има многу опции како да ја натера избраната компанија, да се обврзе дека нема да прави економска шпионажа, или други шпионски активности, односно во најмала рака ќе ги отежне. „Примарно, ова ќе биде дел од одговорноста на БСИ", вели експертот за јавни набавки Хајмесхоф. „Во однос на ова шефот на бирото се изјасни оптимистички - дека тие тоа може да го исполнат."
И Торстен Герпот смета дека е така: „БСИ мора да постави безбедносни стандарди, кои гарантираат дека еден мрежен оператор не може да биде заобиколен незабележано.“ Исто така „БСИ не се безгрешни, но развојот на ваквите цели е динамичен процес и бирото мора да продолжи да ги води и да ги спроведува, со цел да се минимизира потенцијалот од шпионажа."