1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали ЕУ треба да има свои нуклеарни бомби?

Тагесшау | ДТЗ
17 февруари 2024

Поради говорот на Трамп, постои сомнеж во САД како партнер на НАТО. Затоа кандидатката на СПД за европските избори, Катарина Барли ги уфрли во игра атомските бомби на ЕУ. Но, критики добива и од сопствената партија.

https://p.dw.com/p/4cOjm
Знамето на ЕУ
Знамето на ЕУФотографија: picture-alliance/dpa/K.J. Hildenbrand

Главната кандидатка на СПД за европските избори, Катарина Барли, предизвика контроверзна дебата со изјавата дека Европската Унија треба да има свои нуклеарни бомби. Тоа може да стане тема и кога се зборува за европската војска, изјави таа за берлинскиот весник „Тагешпигел“. Со оглед на неодамнешните изјави на Доналд Трамп за НАТО, објасни таа, „не можеме повеќе да се потпираме на американската нуклеарна заштита“.

Катарина Барли
Барли: Повеќе не можеме да се потпреме на нуклеарната заштита на САДФотографија: Getty Images/AFP/I. Fassbender

Трамп ја доведува во прашање обврската на НАТО да помогне

Поранешниот американски претседател Трамп за време на предизборниот настап минатиот викенд навести дека нема да ги заштити партнерите од НАТО кои не инвестирале доволно во одбраната од Русијаво итни случаи. Напротив, тој дури сака да ја охрабри Русија да прави „што сака“.

Тоа преиспитување на обврската на НАТО да обезбеди помош предизвика бран на огорченост - од Вашингтон, преку Брисел, до Берлин - особено што Трамп сака повторно да се кандидира за функцијата американски претседател во ноември оваа година. Обврската за давање помош е регулирана со член 5 од Северноатлантскиот договор. Во него се предвидува дека во случај на напад врз земја на НАТО, сојузниците мора да ги пружат сите форми на помош со цел „да се обнови и одржи безбедноста на северноатлантското подрачје“.

Линднер сака разговори со Париз и Лондон

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер се залагаше стратешките нуклеарни сили на Франција и Велика Британија и понатаму да се сметаат за „елемент на европската безбедност под чадорот на НАТО“. Во авторски текст објавен оваа среда (14 февруари) во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, политичарот од владејачките германски либерали (ФДП) напиша дека безбедноста на Европа и Северна Америка се нераскинливо поврзани преку нуклеарната размена.

Тој предвидува дека државите на НАТО, без нуклеарно оружје, ќе бидат заштитени и од нуклеарните сили на Северноатлантскиот договор. Според Линднер, сега се поставува прашањето под кои политички и финансиски услови Париз и Лондон би биле подготвени да ги задржат или прошират сопствените стратешки способности за колективна безбедност.

Откако Велика Британија ја напушти ЕУ, Франција во моментов е единствената земја во ЕУ која има нуклеарно оружје. Париз им понуди на другите партнери од ЕУ разговори за европското нуклеарно одвраќање. Линднер нагласи дека и Германија ќе мора да се запраша каков придонес е подготвена да даде. Сѐ додека има нуклеарно оружје во светот, Европа ќе мора да се држи до системот за нуклеарно одвраќање за да не остане беспомошна од уцените на авторитарните држави.

Сепак, главниот кандидат на ФДП за европските избори, Мари-Агнес Штрак-Цимерман, остро се спротивстави на Барли, но својот партиски шеф Линднер го предупреди против формирањето на европски нуклеарен чадор.

Штрак-Цимерман
Штрак-Цимерман: Треба да го зајакнеме конвенционалното оружјеФотографија: Bernd Weißbrod/dpa/picture alliance

„Темата 'нуклеарно' не треба да се дискутира јавно“, рече Штрак-Цимерман, која е и претседателка на Одборот за одбрана на германскиот Бундестаг. Франција навистина нуди да се разговара за нуклеарно оружје, но капацитетите на таа земја не се доволни за да се обезбеди заштитен штит; „Нејзината способност за нуклеарно одвраќање не може да се спореди со онаа на САД. Само САД би можеле да понудат заштитен штит што е изграден со децении, кој ги вклучува и балтичките земји на НАТО. Мое лично мислење е дека треба да го зајакнеме конвенционалното оружје и да направиме значително повеќе на сајбер полето“, додаде таа.

Демохристијаните бараат појаснување од Шолц

Пратеничката група на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) бара канцеларот Олаф Шолц да заземе став за изјавите на Катарина Барли за можното нуклеарно оружје на ЕУ. „Бидејќи оваа изјава доаѓа од поранешниот министер за правда и неодамна избраниот главен кандидат на СПД, канцеларот Шолц треба да разјасни дали тоа е ставот на сојузната влада и неговата партија“, изјави за „Тагесшпигел“ потпретседателот на парламентарната група на демохристијаните, Јохан Вадефул.

Вадефул понатаму прашува: „Како треба да се спроведе ова со оглед на меѓународните правни обврски на Германија?“ Политичарот на ЦДУ исто така би сакал да знае дали тоа е договорено со Франција, која веќе има нуклеарно оружје. „Дали канцеларот мисли дека одвраќањето со американско оружје може да се замени со сличен арсенал на ЕУ?

Штегнер зборува за „исклучително опасна ескалација“

Изјавите на политичарката Барли наидоа на критики и во нејзината партија. Експертот за надворешна политика на СПД, Ралф Штегнер, го опиша притисокот за заедничко европско нуклеарно оружје како „исклучително опасна ескалација“. Тој за „Тагесшпигел“ изјави: „Нема потреба од европска нуклеарна сила, тоа би било против европската безбедност“.

Мартин Ширдеван
Ширдеван: Со сите атомски бомби кои моментално постојат, можете да го уништите светот повеќе од 150 патиФотографија: Soeren Stache/dpa/picture alliance

Лидерот на Левица, Марин Ширдеван, ја обвини СПД за штракање со оружје. „Вистинскиот одговор на глупостите на Трамп не е нуклеарно вооружување, туку политика на деескалација и цивилно решавање на судирите“, изјави главниот кандидат на Левица за европските избори. „Повеќе атомски бомби нема да го направат светот побезбеден“, рече Ширдеван. „Напротив, со сите атомски бомби кои моментално постојат, можете да го уништите светот повеќе од 150 пати“.

„Одвраќањето вклучува нуклеарно оружје“

Сепак, главниот кандидат на ЦСУ за европските избори, Манфред Вебер, се чини дека е отворен за европски нуклеарен чадор. „Европа мора да стане толку воено силна што никој нема да сака да се натпреварува со нас“, изјави тој за весникот „Билд“. „Тоа значи дека ни треба одвраќање. А, одвраќањето значи нуклеарно оружје“.