1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Деноноќна борба со огнот за да се спасат пет села во Мариово

ДТЗ
4 септември 2024

Пожар од застрашувачки размери, со линија долга 20 километри, беснее на Мариово. Се води борба со огнот да се заштитат неколку села од пламените јазици кои брзо се движат кон куќите

https://p.dw.com/p/4kFej
пожари
Борба со огнот од земја и од воздух за да се спасат пет села во МариовоФотографија: Tomislav Georgiev/Xinhua/picture alliance

Пожар од застрашувачки размери, со линија долга 20 километри, беснее во Мариово. Веќе неколку дена пожарникарите водат борба со огнот да се заштитат неколку села од пламените јазици кои брзо се движат кон куќите. Во гаснењето на пожарот учествуваат 200 професионалци. 

Поради силниот ветер пожарот ескалираше, што го вклучи алармот кај надлежните. Седница одржа општинскиот кризен штаб во Прилеп на која присуствуваше и директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.

Ветрот го разгорува огнот

Надлежните укажуваат дека се потребни повеќе човечки ресурси и воздушна поддршка за гаснење на огнената стихија која е активна веќе четири дена и ги опфаќа мариовските села.

„Во текот на денот се обидовме да вклучиме хеликоптер и ЕР трактор на ДЗС, но поради високиот чад, не беше безбедно нивното летање над пожарот, поради што ги повлековме. Вечерва доаѓа до уште поголема ескалација. Пожарот се движи во насока на неколку села: Бонче, Крушевица, Пештани, Дуње и Кален“, изјави во вторникот (03.09) директорот на ЦУК.

Овој пожар за два дена зафати огромно пространство од преку 15 илјади хектари површина, површина во која пред се се голини со висока трева или пак пространства со грмушки и многу малку слаба деградирана шума.

Помош од повеќе градови

Во справувањето до огнената стихија се вклучени и 70 припадници на АРМ, 25 припадници на специјалната полиција,  40 вработени во ЈП „Национални шуми“  и повеќе од 60 пожарникари од повеќе градови. На терен има вкупно 195 лица, припадници на АРМ, пожарникари, од специјалната полиција. „Засега нема потреба од ангажирање доброволци. Покрај прилепските се ангажирани и пожарникари од Кавадарци, Охрид, Битола, Ресен, Новаци, од Могила, Кочани, Радовиш, Свети Николе, Струмица и од Штип“, вели Ангелов.

Nordmazedonien Waldbrände
Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

„Ако има потреба, ќе се повикаат изутрина други пожарникари. На располагање се пожарникарите и од другите градови. Нема потреба од паника кај граѓаните. Во овој момент претежно гори нискостеблеста шума, пожарот дури вечерва влезе во борова шума и мислам дека ширењеето ќе биде благовремено спречено. Оптимист сум дека во текот на денот, пожарот ќе биде ставен под контрола. Но, постои проблем поради густиот чад да не може да биде во функција воздушната поддршка. Затоа понудивме и механизација, булдожери и багери. Не е во опасност ниту еден објект, ниту манастирот „Свети Илија“, изјави Ангелов.

ТППЕ Струмица веднаш по апелите за помош од страна на градоначалникот на Општина Прилеп и кризниот штаб, уште во раните утрински часови испрати тим од пожарникари-спасители да помогнат во справувањето со оваа огромна огнена стихија. 

Ирена Стерјоска Локвенец, началник на прилепскиот кризен штаб ги уверува прилепчани да не паничат и да знаат дека воздушната поддршка за гаснење на огнената стихија ќе полета од платото на „Могилата“ во Прилеп.

„Со воздушната поддршка се надеваме дека многу ќе помогне да го ставиме под контрола овој пожар. Граѓаните да не се вознемируваат што ќе се полетува од платото од „Могилата“ во Прилеп. Пожарот од градот вечерва се гледаше, стравуваме дека се приближува кон селото Волково. Ориентирани сме да обезбедиме стручни екипи и голема благодарност што во пресрет ни излегуваат градоначалниците и екипите од многу градови“, рече Стерјоска Локвенец.