1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пожарите во македонските шуми никако да стивнат

ДТЗ
28 август 2024

Северна Македонија веќе два месеци се соочува со големи шумски пожари. Проценките на Национални шуми се дека пожарите предизвикале штета од околу 1,5 милијарди денари

https://p.dw.com/p/4jzzt
пожари
Состојбата со пожарите пак се влошуваФотографија: Tomislav Georgiev/Xinhua/picture alliance

По малото „затишје“, состојбата со пожарите на отворен простор повторно се влошува. Првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов апелира до граѓаните да бидат исклучително внимателни за да не предизвикаат пожар.

Доколку забележат сомнително однесување, тие се повикуваат веднаш да пријават на 112 или на некој другар, пријател или познаник кој информацијата ќе ја пренесе во МВР.

Во текот на вчерашниот ден (27.08) имаше вкупно 37 пожари на отворен простор, од кои активни се 5, под контрола се 3 и изгаснати се 29. 

Гори кај Студеничани, Дебар и Чашка 

Активни пожари има во општина Студеничани, над селото Црвена Вода, кај месноста викана Крста, во општина Штип, кај месноста викана Јамуларци, во близина на Пенуш и воениот полигон Криволак, во општина Дебар кај селата Татар Елевци и кај Могорче. Во општина Чашка активен е пожарот кон село Степанци и месноста викана Кадиица, на граница меѓу Општина Чашка и Општина Долнени, каде гори мешана шума.

Како што информира ЦУК, од дождот е изгаснат пожарот во Општина Чашка, на планината Мукос, во атарот на село Оморани. 

Под контрола е пожарот на планината Галичица, место викано Зли Дол, на територија на Општина Охрид, каде тлеат трупци од претходниот пожар.  Пожарот на ресенска страна е изгаснат од дождот. Под контрола е пожарот и во Општина Желино, кај село Мерово и во Општина Ново, каде гори депонијата. 

Изгаснати се четири пожари во општина Прилеп, два во општина Јегуновце, во општините Кичево, Теарце, Ново Село, Велес. Изгаснати се по два пожари и во општините Гостивар, Центар Жупа, во Бутел, Сарај, Чучер Сандево, Петровец ...

Северна Македонија веќе два месеци се соочува со големи шумски пожари, коишто предизвикаа огромна материјална и еколошка катастрофа. Проценките на Национални шуми се дека пожарите предизвикале штета од околу 1,5 милијарди денари само на шумскиот фонд. Во пожарите биле зафатени околу 60 илјади хектари шума.