1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Болницата Шифа во Газа: „Центар на владеењето на Хамас“

ЕМФ / дпа
10 ноември 2023

Израел го обвинува Хамас дека има своја централа во најголемата болница во Појасот Газа. Во болницата, покрај пациентите и персоналот, има и илјадници луѓе кои побарале засолниште. Како ќе постапи израелската армија?

https://p.dw.com/p/4Yc4Z
Газа | болница Шифа | сателитска снимка на Максар Технолоџис
Делот од градот Газа каде што се наоѓа болницата Шифа (сателитска снимка на Максар Технолоџис, 19.10.2023)Фотографија: 2023 Maxar Technologies via AP/picture alliance

Додека израелската војска напредува во градот Газа, во фокусот доаѓа можна - и многу контроверзна - цел: најголемата болница во Појасот Газа. Според наодите на израелските тајни служби, терористичката организација Хамас, која доминира во крајбрежната област, ја користи болницата како командно-контролен центар.

Лоши услови во болницата Шифа

Борбите во близина на клиниката стануваат сѐ поинтензивни. Очевидци зборуваат за оштетување на покривот на болницата по израелските бомбашки напади. Десетици илјади луѓе најдоа засолниште во ходниците и на просторот на преполната клиника, меѓу кои и Мохамед ал-Кука и неговото семејство. Има стравувања дека израелската армија ќе ја нападне зградата, изјави тој за германската агенција ДПА. Еден човек кој се молел до него неодамна бил убиен од гранатирање, раскажува Ал Кука. Многу луѓе во меѓувреме избегале од клиниката. Тој исто така сака да замине од таму.

Болницата Шифа во Газа
Палестински бегалци засолнети во болницата Шифа (29.10.2023)Фотографија: Dawood Nemer/AFP/Getty Images

Директорот на клиниката зборува за лажни обвинувања

Директорот на клиниката, Мохамед Абу Саламија, обвинувањата на Израел дека Хамас ја користи клиниката за свои цели ги нарекува „залажувачки обид“ да ги избрка луѓето од болницата. Тој зборува за ужасни услови за пациентите и целосно преоптоварениот персонал. Според медиумите, клиниката со одделенијата за хирургија, интерна медицина, радиологија, акушерство и гинекологија нуди простор за 700 пациенти. Според извештаите, во моментов во неа се лекуваат илјадници луѓе. Саламија предупредува и на недостиг на гориво. Ако нема гориво, тоа може да биде веднаш фатално за луѓето кои се упатени на вештачко дишење, на пример. Израелската армија, од друга страна, објаснува дека во болниците во Појасот Газа има гориво - кое Хамас го користи за својата „терористичка инфраструктура“.

Активист за човекови права: Имаше тортура во одделот на клиниката

Во минатото и од други извори имаше тврдења дека Хамас ја користи болницата Шифа за акти на насилство. Организацијата за човекови права Амнести интернешнел пред повеќе од осум години објави дека членовите на Хамас, за време на војната со Израел во 2014 година, мачеле Палестинци во дел од клиниката кој не се употребува. Хамас ги обвинувал жртвите за соработка со Израел. Воениот експерт Дени Орбах од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим вели дека многу години е познато дека Хамас ја користи клиниката, за која Израел некогаш издадал наредба да се прошири, за свои цели. Спофред него, во ваквите сознанија „нема сомнеж“.

Појас Газа l болница Шифа
Според медиумски извештаи, во моментов во болницата Шифа се лекуваат илјадници луѓеФотографија: Mohammed Al-Masri/REUTERS

Израелската армија тврди дека болницата е засолниште за терористите

Според израелската армија, Хамас користи и различни оддели во болницата за да нареди да се истрелаат ракети. „Хамас води војна од болниците“, вели армискиот портпарол Даниел Хагари. По масакрот на 7 октомври, како што се тврди, стотици терористи се сокриле во клиниката Шифа. Според војската, во рамките на клиниката има и влез во подземната база. Хамас ги негира обвинувањата.

Злоупотребата на клиниките е воено злосторство

Израелската армија објави сателитски снимки и материјали за да докаже дека клиниката ја користел Хамас. Видеата покажуваа контролни соби и поврзувачки тунели длабоко во земјата под клиниката. Информациите во моментов не можат да бидат независно проверени. Според експертот за меѓународно право, Даниел-Еразмус Кан од Универзитетот на Бундесверот, употребата на клиника за воени цели претставува воено злосторство.

Цивилни цели во меѓународното хуманитарно право

Израелските вооружени сили велат дека се решени да го напаѓаат Хамас секаде каде што е потребно. Армијата не кажува дали тоа значи и напади на болницата Шифа. Израелските медиуми јавуваат дека војската сѐ уште не одлучила дали и кога ќе бидат испратени војници во клиниката. Според меѓународното хуманитарно право, нападите врз цивилни цели, како болници, се забранети. „Сепак, ако цивилните објекти се злоупотребуваат, тие веќе не се свети сами по себе“, објаснува Кан. „Ако израелското претставување на нештата е точно, тогаш таков напад би бил дозволен“. Во ваков случај, меѓународното хуманитарно право прифаќа дури и ненамерни цивилни жртви. Израел сепак мора да направи сѐ што може за да ги евакуира цивилите од клиниката.

Појас Газа | болничко возило
Израелски воздушен напад врз болничко возило кое, како што тврди Израел, го користеле борци на ХамасФотографија: Momen Al-Halabi/AFP/Getty Images

Експерт: Армијата ќе ја пренамени клиниката

Историчарот Орбах смета дека пропорционалност постои. „Воената вредност е висока - дури и ако раководството на Хамас не е во базата.“ Сепак, израелската армија претпоставува дека повеќето високи членови на Хамас се кријат во клиниките, особено во болницата Шифа. Тие го искористиле тоа што армијата не бомбардирала болници. Според Орбах, уништувањето на „центарот на владеењето на Хамас“ би било и симболична победа за Израел над терористичката организација. Но, Израел ќе почека, претпоставува тој. Прво, војската ќе ја опколи клиниката додека не се предадат сите внатре, уверен е Орбах.

Масовна евакуација и преместување на пациенти

Воениот историчар претпоставува дека моќта на исламистичката организација наскоро ќе ја снема. „Тоа ќе предизвика домино ефект“. Вооружените сили потоа би можеле да спроведат масовна евакуација на цивилите од клиниката. Тоа што сè повеќе луѓе во моментов го следат повикот на армијата и бегаат кон југот на Појасот Газа, според Орбах, е знак дека Хамас почнува да ја губи контролата. Пациентите би можеле да бидат префрлени од клиниката во лазарети кои добиваат донации од странство, вели Орбах.

Според израелските медиуми, веќе имало договор меѓу Израел и спасувачките служби за префрлање на 50 пациенти. Кога амбулантните возила пристигнале, Хамас, како што се вели, дозволил само седум лица да ја напуштат болницата Шифа. ОН, во меѓувреме, го отфрлаат преместувањето пациенти, затоа што тоа ги загрозува животите на засегнатите. Според воениот експерт Орбах, откако ќе заврши евакуацијата, израелската армија целно ќе ја бомбардира клиниката. На крајот, копнените сили би можеле да ја заземат зградата и да ги уништат објектите на Хамас во неа. Воениот историчар не верува дека армијата ќе ја претвори зградата во пепел. Тој дури верува дека е можно болницата, која е основана за време на британскиот мандат, по војната повторно да се користи како клиника.