1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Лажни вести за експлозијата во болницата во Газа

Јан Валтер
20 октомври 2023

Израелските и палестинските власти меѓусебно се обвинуваат за истрелување на ракетата што погоди болница во Газа. На социјалните мрежи кружат наводни докази, но тие се лажни.

https://p.dw.com/p/4XmTR
Појас Газа | експлозија во болницата Ал-Ахли во Газа
Не само што сѐ уште не се знае кој ја истрелал ракетата, туку дури и бројот на жртви е контроверзен и не може да се потврдиФотографија: Ali Jadallah/Anadolu/picture alliance

Постојат многу теории за тоа како се случила разорната експлозија во болницата „Ал-Ахли“.Она што е сигурно е дека ракета или дел од ракета во вторникот вечерта го погоди местото каде што се наоѓа болницата. Според Министерството за здравство во Газа, кое го води милитантниот исламистички Хамас, притоа и во пожарот кој следел загинале околу 500 луѓе. Сепак, бројот на жртвите е спорен и не може да се потврди.

На социјалните мрежи врие од шпекулации за тоа кој ја предизвикал експлозијата. Најчести теории: Дали израелската армија намерно ја бомбардирала болницата? Дали неисправна ракета од Хамас- кој од страна на ЕУ, Германија и други земји е класифициран како терористичка организација - или од исламисти на Исламски џихад заталкала во болницата? Или пак израелска ракета пресретнала палестинска ракета, чии остатоци ја предизвикале смртоносната експлозија?

И за тимот за проверка на факти на ДВ е невозможно да процени која страна е во право. Затоа ќе се ограничиме на проверка на некои од наводните докази.

ДВ-проверка на факти | скриншот лажна вест
Фејсбук-скриншот објавен на мрежата Џ не покажува, како што се тврди, профил на израелските воени сили ИДФ Фотографија: X

Тврдење: Се вели дека израелската армија се пофалила дека ја бомбардирала болницата во Газа затоа што луѓето таму и така не би преживеале поради недостаток на медицинска опрема.

ДВ-проверка на факти: Лажна вест

Како „доказ“ се наведува скриншот кој наводно потекнува од Фејсбук-страницата на Израелските одбранбени сили (ИДФ) на арапски јазик, но која во меѓувреме е избришана. Таму се вели: „Поради недостаток на медицинска опрема и медицински персонал, беше одлучено да се бомбардира Баптистичката болница во Газа и да се донесе смрт со евтаназија“.

Со дистрибуирање на скриншот преку повеќе профили и медиуми, вклучително и профилот на мрежата X на палестинската новинска агенција Quds News Networkи Reddit,скриншотот беше прегледан повеќе стотици илјади пати.

Од 2011 година, ИДФ, меѓу другото, има Фејсбук-страници на хебрејскии англиски, како и една на арапски.Сите овие Фејсбук-страници имаат бела кука на сина позадина, што покажува дека профилот навистина припаѓа на наведеното лице или ентитет. Официјалната веб-страница на ИДФ исто така се поврзува со овие профили.

Фејсбук-профилот од кој доаѓа дотичниот скриншот го нема овој печат и името на профилот е различно од официјалниот. Портпарол на ИДФ за порталот за проверка на факти „Check your facts“, член на „Меѓународната мрежа за проверка на факти“, потврди дека профилот не им припаѓа на израелските вооружени сили.

Видеа како доказ за потеклото на ракетата?

Безброј корисници се обидуваат врз основа на различни видеа да утврдат дали пустошот во болницата „Ал-Ахли“ е предизвикан од целен напад или од заталкана ракета. Меѓутоа, со оглед на тоа што инцидентот се случил во темница, на ниту едно видео не може да се види што точно удрило таму и што го предизвикало пожарот што следел. Затоа оние што шпекулираат меѓу другото аргументираат со траекторијата на ракетата.

Многу е тешко да се потврди кои видеа се автентични. Она што е сигурно е дека ова нашироко споделено видео (види скриншот) не може да открие ништо за инцидентот во вторникот.

ДВ-проверка на факти | скриншот лажна ракета
Овој ракетен удар е објавен на социјалните мрежи уште во август 2022 годинаФотографија: X

Тврдење: Едно од видеата што наводно го прикажува ударот во вторникот покажува ракета која пред да удри лета во широк, донекаде хоризонтален лак. Снимката од шест секунди е споделена со тврдење дека ја прикажува болницата погодена од погрешно водена ракета на Хамас. Само еден твит кој го тврди тоа е прегледан повеќе од 400.000 пати, а друг, речиси идентичен, речиси 90.000 пати.

ДВ-проверка на факти: Неточно

Видеото дефинитивно нема никаква врска со експлозијата во вторникот вечерта во болницата „Ал-Ахли“. Тоа беше веќе споделено во 2022 година на бројни канали на социјалните мрежи, на пример преку Тикток, како што можевме да утврдиме преку обратно пребарување на слики.

Дали очевидците на Ал Џазира веднаш знаеле?

Катарската телевизија Ал Џазира беше меѓу првите медиуми што информираа за експлозијата и првично објавија дека станува збор за израелски воздушен напад. Телевизијата притоа цитираше официјални извори од Газа. Ова првично го објавија и западните агенции. Само додека известувањето продолжи, Ал Џезира, Ројтерс и Ко оставија отворено авторството на ракетниот напад и ги наведоа дури во подоцнежното информирање. Ал Џазира, Ројтерс и други медиуми велеа дека не е утврдено кој го извршил нападот и цитираа меѓусебни обвинувања за вината на двете страни - палестинската и израелската.

ДВ-проверка на факти | лажен новинар на Ал Џазира
Овој X-профил, кој во меѓувреме е избришан, веројатно е трол-профил и сигурно не припаѓал на новинар на Ал Џазира Фотографија: X

Тврдење: Наводна репортерка на Ал Џазира ја обвинува сопствената станица дека лажела набргу по експлозијата, тврдејќи дека препознала ракета на Хамас - Ајаш-250 која ја погодила болницата.

ДВ-проверка на факти: Лажна вест

Тврдењето доаѓа од профил на мрежата X со име на профилот Фарида Кан и самоопис „Новинар на @AJEnglish, известување за вистината од Газа и Палестина“.

Профилот беше избришан во средата навечер. Сепак, архивирана верзија покажува дека профилот е создаден дури во септември и за неколку недели од неговото постоење има повеќе од 5.000 објави - ова е типично за трол-профили.

Последниот твит беше за ракетата што ја погоди болницата „Ал-Ахли“. Во моментот на архивирање, околу три часа по објавувањето, тој твит имаше повеќе од 210.000 прегледи. Ал Џазира веднаш објави демант на Х,наведувајќи: „Овој профил нема врска со Ал Џазира, нејзините ставови или содржини“.

Соработка: Јоша Вебер и Ута Штајнвер