1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Општините се празнат - училиштата кубурат со деца

ДТЗ
2 септември 2024

Само за последните десет години, бројот на ученици во основните и во средните училишта е намален за 27 илјади, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации

https://p.dw.com/p/4kAaB
училиште
Општините се празнат - училиштата кубурат со децаФотографија: P. Stojanovski

Само за последните десет години, бројот на ученици во основните и во средните училишта е намален за 27 илјади. Намалувањето на бројот на ученици е особено изразен во средното образование, каде само за десет години, бројот на ученици е намален дури за 20 проценти, односно за 17 илјади ученици, а во основното образование, намалувањето изнесува 5 проценти, односно 10 илјади ученици.

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации кое се базира на податоци од Државниот завод за статистика покажува дека во две третини од општините има намалување на бројот на ученици, додека зголемување има во десет скопски општини и во 9 други општини, надвор од Скопскиот регион. 

Преполовени паралелки 

Најголемо намалување на бројот на ученици во вкупна бројка има во општина Гази Баба, каде во последната учебна година имало дури 2.389 помалку ученици отколку пред десет години. Следна општина е Тетово каде имало речиси 1.500 ученици помалку, само за период од десет години. Со намалување од по илјада ученици следуваат: Центар, Струга, Куманово и Гостивар.

Во релативни бројки, најголемо намалување на бројот на ученици во осмолетка има во општина Ново Село, каде само за десет години, бројот на ученици во односното образование е преполовен, односно е намален за 57 отсто. Намалување на бројот на ученици за третина има во општините Маврово и Ростуше, Вевчани, Кратово и Пехчево. Намалување за една четвртина на бројот на основци има во Врапчиште, Конче, Зрновци, Гази Баба и Берово. 

Скопските општини уште добро се држат 

Зголемување на бројот на ученици, пак, имало во десет општини од Скопскиот регион, а со тоа и во Градот Скопје во целина. Најголемо зголемување и во вкупна бројка и процентуално има во Бутел и Карпош. Во Карпош, во последната учебна година имало речиси 2,5 илјади повеќе основци отколку пред десет години, што е зголемување на бројот на ученици за 56 %. Во Бутел, зголемувањето е за околу 2 илјади ученици, односно за 59 %. Слично е и во Ѓорче Петров каде зголемувањето е за 43 %, односно за нешто повеќе од илјада ученици.

„Надвор од Скопје, зголемување имало во девет општини, но во сите заедно имало само илјада ученици повеќе сега отколку пред десет години. Тоа се претежно мали општини како Чашка, Теарце, Ресен и Крушево. Единствено од поголемите градови, само во Струмица има зголемување на бројот на основци за околу 400, односно за 9%“, посочуваат од  Центарот за граѓански комуникации. 

ученик
Само за последните десет години, бројот на ученици во основните и во средните училишта е намален за 27 илјади, покажува истражувањето на ЦГКФотографија: Imago/PhotoAlto

Пехчево - најголем губитник 

Кога станува збор за средното образование, се посочува, состојбата е многу полоша. Таму, намалување на бројот на ученици има во дури 73 општини, односно во 90 % од општините, вклучувајќи го и Град Скопје како целина. Во апсолутни бројки, најголемо намалување на бројот на средношколци има во Скопје и во речиси сите големи градови, почнувајќи од Тетово, Струга и Кичево, сè до Струмица, Гостивар, Куманово и Штип.

Процентуално, пак, најголем губитник е Пехчево. Таму, бројот на ученици во средно е намален за 83 % само во последните десет години. Преполовување на бројот на средношколци има во Крушево, Македонски Брод и Врапчиште.

Во главниот град Скопје има намалување од 2.727 средношколци, односно за 10 % во последната учебна година.

Зголемување има само во седум општини од кои пет се од Скопскиот регион и само три други општини, Брвеница, Боговиње и Богданци. Четири од општините со зголемување се оние во коишто во последните десет години се отворило средно училиште, а претходно немало со што може да се оправда зголемениот број на ученици. Ако се изземат овие општини, бројот на ученици во средно е зголемен само во 3 општини во земјава и тоа: Аеродром, Центар и Богданци, посочуваат од ЦГК. 

Во сите седум општини каде што има зголемување на бројот на средношколци, вкупната бројка на зголемување изнесува 1.136, наспроти 18.000 за колку што е намален бројот на ученици во останатите 73 општини. 

Многу наставници - малку деца 

Истовремено со намалувањето на бројот на ученици во основното образование насекаде низ земјата бројот на наставници е зголемен. Во последната учебна година имало 1.203 наставници повеќе отколку пред десет години, односно нивниот број е зголемен за 7 %. Истовремено, бројот на ученици е намален за 5 проценти. Кога станува збор за средното образование, бројот на наставници е намален за речиси 5 %, но таму намалувањето на бројот на ученици е за 20 %, се наведува во истражувањето. 

Анализата го потврдува негативниот тренд којшто се случува со години наназад.  Алармот е одамна вклучен - за една година 14 основни училишта во Северна Македонија ставиле клуч на вратата. Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажаа дека од 976 во 2021/2022 година, бројот на основни училишта во 2023 година се намалил на 962. Статистиката забележува намалување и на бројот на паралелки и на ученици. Пораст има само на бројот на наставници. 

Бројот на паралелки за една година се намалил од 11.057 на 10.997, а бројот на ученици од 184.910 на 182.245. Слична е ситуацијата и во средното образование каде за една година, бројот на ученици се намалил за 2.700, а бројот на паралелки за 49. Опаѓа интересот и за средните верски училишта. Бројот на паралелки во двете верски училишта е намален од 13 на 12, а бројот на ученици се намалил од 144 на 122.