1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За четворица од десет Грци - договорот од Преспа е неповолен

ДТЗ /МИА
18 јуни 2024

Договорот од Преспа за 38,5 отсто од анкетираните е штетен, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП.

https://p.dw.com/p/4hBTw
Грција протести
За четворица од десет Грци - договорот од Преспа е неповоленФотографија: Reuters/A. Avramidis

Четворица од десет Грци (43 отсто) имаат неутрално мислење за Северна Македонија, 37,5 негативно, а само 18 отсто позитивно. Речиси поделено е мислењето за поддршката на ЕУ-перспективата на земјата, а Договорот од Преспа за 38,5 отсто од анкетираните е штетен, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП, во соработка со солунскиот Универзитет Македонија и Фондацијата Конрад Аденауер.

Истражувањето е спроведено од 15 до 21 април 2024 година, во период пред да се одржат изборите во Северна Македонија и изборот на новата претседателка, која во своите јавни настапи избегнува да го употребува уставното име, што предизвика бурни реакции во Грција. Во рамките на истражувањето биле анкетирани 1.165 луѓе по случаен избор.

Неутрални за Северна Македонија и Албанија

Истражувањето  е на тема грчкото јавно мислење за односите меѓу Грција и Албанија, меѓутоа вклучени се и прашања што се однесуваат и на другите земји од регионот, меѓу кои и Северна Македонија. Резултатите на анкетата ги пренесува агенцијата МИА.

На прашањето „Какво е вашето мислење за Турција, Бугарија, Северна Македонија, Албанија, Србија и Израел“, највисоко позитивно мислење испитаниците имале за Србија - 60 отсто, а најголем негативен став за Турција - 65 проценти.

За Северна Македонија и за Албанија, преовладува неутралното мислење.

Доколку се направи споредба со претходното истражување пред пет години за истото прашањето и конкретно за Северна Македонија, резултатите тогаш биле за нијанса полоши, со оглед на тоа што негативно мислење имале 40,5 отсто (сега се 37,5 проценти), неутралниот став бил исто така 40,5 отсто (сега 43 проценти), а позитивното мислење се зголемило за еден процент од 17 отсто во 2019 година на 18 проценти сега.

Алексис Ципрас и Зоран Заев
Алексис Ципрас и Зоран Заев во одбрана на Договорот од ПреспаФотографија: Government North Macedonia

Корисен или штетен договор

Во однос на европската перспектива на регионот, најголема е поддршката за Србија, а најмала за Турција. На прашањето „Дали вие лично би ја поддржале кандидатурата на следните земји да станат членки на Европската Унија“, за Северна Македонија 52,5 отсто одговориле „не“, 45 проценти дале позитивен одговор, а останатите 2,5 отсто одбиле да одговорат.

За Договорот од Преспа, истражувањето покажува јасно влошување на ставовите. Процентот на позитивни и донекаде позитивни ставови се намали на 28,5 отсто во 2024 година, од 35,5 проценти во 2019 година.

Поконкретно, на прашањето „Колку беше корисен Договорот од Преспа за Грција?“, негативно одговориле 38,5 отсто, односно 22 проценти рекле „многу штетен“, а 16,5 отсто „донекаде штетен“, а „ниту корисен ниту штетен“ како одговор го одбрале тројца од десет анкетирани, додека пак три проценти одбиле да одговорат.

Останатите 28,5 отсто сметаат дека Договорот е „донекаде корисен“ (19 проценти) и „многу корисен“ (9,5 отсто).

Истражувањето се објавува во период кога се одбележуваат шест години од потпишувањето на Договорот од Преспа, кој уште ја бранува јавноста во двете земји.