1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Целосна блокада на северот на Косово, Иринеј повикува на мачеништво

16 септември 2011

КФОР одлучи целосно да ги затвори граничните премини на северот на Косово, откако локалните Срби во текот на ноќта поставија нови барикади. Седницата на СБ на ОН не донесе никакво решение во однос на проблемот.

https://p.dw.com/p/12a4g
КФОР на КосовоФотографија: picture alliance/dpa

Состојбата на Косово е тензична во пресрет на најавеното преземање на двата спорни гранични премини кон Србија од страна на цариниците на официјална Приштина. Во текот на ноќта, најпрво стотици локални Срби организираа блокади на премините Јариње и Брњак од, како што изјавија, превентивни мерки, за потоа КФОР целосно да ги затвори премините со бодликава жица.

Од мисијата Еулекс најавија дека нивни претставници денеска ќе ја преземат контролата на границата во соработка со косовски цариници, на што се противат Белград и косовските Срби.

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, од Приштина вчера порака дека Алијансата нема да дозволи регионот повторно да биде зафатен од насилство, поради тензиите меѓу Приштина и Белград.

Советот за безбедност на ОН синоќа одржа тричасовна средба на која присуствуваа и српскиот и косовскиот шеф на дипломатијата, Јеремиќ и Хоџај. Од средбата не произлегоа никакви заклучоци, ниту официјална изјава. Јеремиќ по состанокот оцени дека Приштина не добила поддршка за своите акции од мнозинството членки на Советот.

Рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин, чија земја ја поддржува Србија во спорот, оцени дека „состојбата е многу опасна“ и оти „постои опасност од конфликт и крвопролевање“.

На седницата дошло до жестока поделба меѓу поддржувачите на Косово, САД, Велика Британија и Франција од една и Русија од друга страна. Германскиот амбасадор во ОН, Петер Витиг ги повика двете страни да ја ублажат реториката и да му се вратат на дијалогот. Тој ја предупреди Србија дека „популистичката и националистичка игра“ не е во склад со нејзините аспирации да и се придружи на ЕУ.

Поглаварот на Српската православна црква Иринеј, вчера во Митровица ги повика Србите на „мачеништво и одбрана на светата земја“.

„Иако страдате, знаете зошто страдате, доколку морате да пролиете крв, знаете зошто тоа морате да го сторите. Тоа е свето мачеништво и одбрана на светата земја“, порача Иринеј.

Автор: БГ/ ап/ бета

Редактор: Александра Трајковска

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема