Рекордна цена за корона-сликата на Бенкси
24 март 2021„На Националниот ден на рефлексија во Велика Британија, Game Changer на Бенкси е продадена за 16.758.000 фунти, нов аукциски рекорд за еден уметник“, објави гордо на Твитер аукциската куќа „Кристи“.
Парите (околу 19,5 милиони евра) би требало да отидат кај целиот персонал на британската здравствена служба НХС. Пред аукцијата сликата беше проценета на вредност помеѓу 2,9 и 4,1 милиони евра.
Сликата од мај 2020 година виси во ходникот на болницата во Саутемптон. На неа е прикажано момче кое во раката држи кукла-медицинска сестра со маска и капа на супер-херој, додека во корпата покрај него лежат кукли Супермен и Бетмен.
Бенкси во порака до вработените во болницата пред околу една година напиша: „Благодарам за сѐ што правите“. Тој изрази надеж дека сликата ќе го „осветли“ местото „иако е само црно-бела“. Уште тогаш се знаеше дека сликата ќе биде дадена на аукција за да се соберат пари за НХС.