1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕЦБ спречува банкрот на Грција

Жанг Дахонг/сн21 јуни 2015

Грчкиот министер за финансии дава интервјуа и настапува на подиуми. Причината за тоа зошто тој и другите грчки политичари се толку опуштени е едноставна.Тие веќе одамна на своја страна ја имаат Европската централна банка

https://p.dw.com/p/1Fj5k
Фотографија: DW

Грците играат многу дрска игра, вели келнскиот финансиски и економски стручњак Макс Оте. „Колку подолго трае тој покер, толку повеќе пари мора да распредели Европската централна банка“. Притоа, тој мисли на кредитите за итни случаи кои Грчката централна банка со одобрување на Европската централна банка (ЕЦБ) им ги дава на грчките банки и така ги одржува во живот. Со други зборови, Грчката народна банка печати пари за грчките банки, кои инаку не би можеле да дојдат до пари.

Суштината на овие кредити наречени ЕЛА (Emergency Liquidity Assistance) најдобро ја опиша грчкиот министер за финансии Варуфакис, додека се’ уште не беше член на владата. „Системот ЕЛА едноставно им овозможува на пропаднатите банки, кои не можат да ги спасат празните државни благајни, да позајмат пари од Грчката народна банка во замена за обврзници кои не вредат многу.“

Без кредитите ЕЛА грчките банки веќе би банкротирале

Последиците од грчки банкрот

Во поглед на фактите, врз основа на кои економистот Варуфакис ја направи својата анализа, до денес ништо се нема променето. Напротив, откако е на власт во Грција левичарскиот сојуз Сириза банките уште повеќе се погодени од одливот на капитал. Од месец во месец Грците од своите банковни сметки подигаат милијарди евра. Ако банките подолго време имаат проблем со ликвидност, тие всушност банкротирале. А на несолвентните банки не смее да им се даде ЕЛА-кредит. Шефицата на европската установа за ликвидација на банки (Single Resolution Board) Елке Кениг и’ префрла индиректно на ЕЦБ за одолговекување на банкротот. „Границата меѓу ЕЛА и одолговлекувањето на банкротот е нејасна.“

И претседателот на Германската централна банка, Бундесбанка, Јенс Вајдман критички гледа на праксата на Советот на ЕЦБ кој речиси секоја недела го зголемува волументот на ЕЛА-кредитите и кој сега достигна 83 милијарди евра. Притоа, гаранциите на Грчката народна банка изнесуваат само 41 милијарда евра, предупредува претседателот на институтот ИФО Ханс-Вернер Зин. „Марио Драги неоправдано си ја присвојува оваа моќ“, вели економскиот експерт Макс Оте во разговорот за ДВ, додавајќи: „Каде нема обвинител таму нема ни судија. Кој ќе се постави над ЕЦБ? Бундестагот нема да го стори тоа во случај на двоумење.“

Голема полза од ЕЛА-кредитите

Занимливо е и што се случува со кредитите за итни случаи. Со нив прво се враќаат кредити кои мора да ги враќа Атина. Така се спасува грчката држава од неликвидност - тоа е значи индиректно финансирање на државата, што според статутот на ЕЦБ не е дозволено. Второ, со тие кредити се пополнуваат дупките во грчките банки кои се создаваат поради одливот на капитал. А со тоа се финансираат и приватни кредити, вели Ханс-Вернер Зин. „Грците дополнително испечатија 115 милијарди евра и преку банките и’ позајмија на приватната економија“, вели Зин во разговорот за ДВ.

Така се менува приватниот и јавниот капитал. Парите се изнесуваат од земјата или се депонираат во куфери. „Овие пари, во случај Грција да го напушти еврото, им остануваат ним. Тие со нив се осигураа. А отворените побарувања во системот на еврото тогаш ќе мора да се отпишат“, вели Зин.

30.07.2012 Deutsche Welle Wirtschaft Made in Germany Max Otte
Германскиот економски експерт Макс ОтеФотографија: DW

За Грција исплатлива замена

Од грчка гледна точка тоа е добра работа. И што подолго траат преговорите, што повеќе се трупаат кредити за итни случаи, толку поголеми стануваат ризиците за загуби кај останатите членки од еврозоната. Затоа економистот Оте се залага да се повлече кочницата за итност и Грција да се исфрли од еврозоната. ЕУ тогаш ќе мора да и’ одобри на Грција кредити за итни случаи, за да може да го воведе она најитното, „но тие кредити би изнесувале една десетина или една педесеттина од она што им го даваме сега“, смета Оте. И Грците би имале можност за нов почеток.

Иако излегувањето на Грција од еврозоната (грексит) никогаш не било толку блиску како сега, Оте не очекува дека и сега ќе дојде до тоа. „Во принцип сите водечки политичари велат: драги Грци ние ќе сториме се’, само вие морате да ни излезете малку ресрет.“ Додека грчката влада да изрази подготвеност за тоа, може да се потпре на ЕЦБ. А ЕЦБ најави дека и натаму ќе одобрува кредити за итни случаи.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема