1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ескалацијата на Косово повеќе му штети на Белград

31 јули 2011

Она што во моментов се случува на Косово најмногу и штети на Србија, бидејќи со ескалацијата и се ослабнуваат позициите во преговорите со ЕУ, велат експерти. Други се на мислење дека се е диригирано од кругови во Белград

https://p.dw.com/p/126Fb
Запалениот граничен премин меѓу Србија и КосовоФотографија: dapd

Јохана Дајмел, експерт за Косово во минхенското Друштво за југоисточна Европа смета дека се работи за обид на косовскиот премиер Хашим Тачи да ја зајакне својата позиција и на Косово и на меѓународен план.

„Косовските критичари на дијалогот Белград-Приштина секогаш го поставуваа прашањето: што имаме ние од тоа? Добиваат само Србите, а ние ништо. Сега Тачи веројатно помисли дека мора да покаже сила и пред националистичките сили во неговиот парламент“.

Она што се случува во моментов најмногу му штети на Белград, бидејќи со ескалацијата на Косово се ослабнуваат неговите позиции во преговорите со ЕУ за добивање статус на кандидат за членство. Последниве денови во Брисел се нагласува дека нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина е предуслов за почеток на преговорите. Тоа го нагласува и Гернот Ерлер, потпретседател на пратеничкиот клуб на СПД во Бундестагот.

Gernot Erler
Гернот ЕрлерФотографија: picture-alliance/ dpa

„Јас мислам дека губитник е Белград. Со апсењето на Горан Хаџиќ дојде до позитивно придвижување, а сега се’ е во сенка на царинскиот спор со Косово. Тоа доведе до тоа, светската јавност повторно да се соочува со српскиот проблем на Косово. Тоа не може да биде во интерес на Србија, бидејќи таа сака нешто да постигне во ЕУ. Косово за сега нема такви јасни цели“, вели Ерлер.

Набљудувачите се едногласи дека спорот не е поттикнат однадвор, бидејќи ни САД, ниту ЕУ немаат интерес за ескалација и дестабилизација на Косово, вели Дајмел. Оттука и толку острите критики на сметка на Приштина поради воведувањето на ембаргото и акцијата на полициските специјалци.

Диригентите и во Белград

За разлика од меѓународните, српските аналитичари се убедени дека последните настани влечат корен од радикализираната домашна политичка сцена, поточно од тамошната опозиција.

„Она што се случи на Косово е рефлексија на политичката немоќ на некои белградски кругови да запрат некои започнати позитивни процеси. На многумина на овдешната политичка сцена преговорите не им одговараат и се трудат со сите сили да ги оневозможат или спречат. Сето тоа е диригирано од одредени кругови во Белград, и тоа е една многу неодговорна политика“, вели Миљенко Дерета, директор на Граѓанската иницијатива од Белград.

Belgrad Serbien Pro Ratko Mladic Demonstration
Според белградските аналитичари, зад инцидентите стојат радикални белградски круговиФотографија: DW

Според претседателката на српскиот Хелсиншки комитет, Соња Бисерко, најголем проблем за Белград се одредени Срби во Косовска Митровица. Станува збор за радикална дружина, која е тесно поврзана со Демократската партија на Србија (ДСС) и Српската радикална партија, вели таа. Тие групации го блокираат конечното решавање на граничните прашања, бидејќи до сега тие беа под нивна контрола. Ним им одговара некои проблеми никогаш да не се решат, бидејќи грижата на Белград за Косовска Митровица носи и одредени привилегии.

Бисерко објаснува дека она што се случува на Косово е и во функција на предизборната кампања во Србија.
„Владејачката коалиција се обидува да избори кандидатура за членство во ЕУ, што би било нејзин главен влог во предизборната кампања. Опозицијата се обидува тоа да го злоупотреби. Имајќи предвид дека состојбата на Косово е еден од важните фактори за потенцијалната кандидатура на Србија, на властите во Белград им е многу важно состојбата да се смири и дијалогот да продолжи“, заклучува Бисерко.

Автор: Зоран Арбутина/Ивица Петровиќ/Борис Георгиевски

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема