1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ го губи кредибилитетот на Косово

30 јули 2011

Сликите од палењето на граничните премини ќе имаат последици и за Србија и за Косово, порачуваат од Меѓународната кризна група. Оттаму ги повикуваат што побрзо да им се вратат на преговорите, а ЕУ да стори повеќе.

https://p.dw.com/p/125xX
Жозе Мануел Баросо и Хашим ТачиФотографија: DW

Белград и Приштина треба со дијалог да ги решаваат сите отворени прашања, додека ЕУ мора да го врати својот кредибилитет со понуда на конкретни решенија. Во Меѓународната кризна група (МКГ) оценуваат дека случувањата на границата меѓу Србија и Косово се загрижувачки, а фактот што едно лице загина и имаше многу екстремистички инциденти, го сметаат за трагичен.

„Голема штета е што сето тоа се случи на овој начин. Подобро ќе беше двете страни да седнеа на преговарачка маса и да се договореа за отворените прашања, како што е на пример царината. Таа тема беше на дневен ред во Брисел и ќе беше подобро таму да се договореа, наместо проблемот да се пренесе на улица“, вели Сабине Фрејзер, директорка за Европа во МКГ.

Иако сметаат дека по насилствата ќе биде многу тешко повторно да се седне на заедничка маса и да се разговара, во МКГ веруваат во брзо продолжение на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Фрејзер притоа потсетува дека и во минатото имало судири меѓу Албанците и Србите, но сепак успеаја да отпочнат дијалог.

Kosovo Serbien Grenze Grenzposten verwüstet
Граничниот премин ЈарињеФотографија: dapd

Лоша слика и за Србија и за Косово

„Лошо е тоа што косовските власти одлучија да ги преземат граничните премини, и тоа без претходен договор и во текот на ноќта. Од друга страна, разбирливо е и што се фрустрирани со состојбата бидејќи со години се обидуваат да го решат проблемот со царините низ дијалог. Значи, постои вина на двете страни и она што е сега важно е да се надминат инцидентите, и да се седне на маса“.

Во МКГ сметаат дека сликите на палењето на граничните премини ќе изгледаат лошо и за Србија и за Косово, и воопшто нема да им послужат на нивните евроинтегративни стремежи. Во МКГ посебно ја нагласуваат и важноста на улогата на ЕУ, чиј кредибилититет на Косово може да биде доведен во прашање.

„Сметаме дека ЕУ сега мора да ги зајакне своите напори. Тие не треба само да издаваат соопштенија во кои го критикуваат насилството, туку мораат да покажат и пат за решавање на проблемот“, заклучува Сабине Фрејзер во разговорот за Дојче Веле.

Автор: Марина Максимовиќ/ Борис Георгиевски

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема