1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕЛА-кредити: секој си печати пари за себе

Жанг Данхонг / Е.М. Фиданоска1 јули 2015

Грчките банки се всушност банкротирани. Тоа што на премиерот Ципрас сепак не му се брзаше да постигне договор со кредиторите, се должи на кредитите за итна помош, врз кои тој досега можеше да се потпре.

https://p.dw.com/p/1Fohg
Фотографија: picture-alliance/S. Simon

На средината од февруари Европската централна банка (ЕЦБ) му ја затвори славината на грчкиот банкарски сектор со тоа што соопшти дека нема веќе да ги прифаќа грчките државни обврзници како гаранција за кредити. Причината за тоа беше што новата влада на Сириза по преземањето на власта ги откажа договорите со кредиторите.

Сепак, ЕЦБ од февруари преку „мала врата“ и натаму за грчките банки го држи отворен пристапот до пари. Таа оттогаш постојано - првично еднаш неделно, а во последно време речиси секојдневно - ја покачува рамката за таканаречените ЕЛА-кредити за Грција, која во меѓувреме достигна речиси 90 милијарди евра.

ЕЛА е кратенка од „Emergency Liquidity Assistance“, значи еден вид помош да се остане ликвиден во случај на нужда. Ваквата итна помош е, така да се каже, диспозиционен (контокорентен) кредит на една земја во евро-системот. Притоа, Советот на ЕЦБ и‘ одобрува на националната централна банка да печати пари за да ги одржи во живот банките во сопствената земја.

ЕЛА - нетранспарентен инструмент

ЕЦБ ги прави парите од ЕЛА поскапи од сопствените кредити. Така, ЕЛА-каматата за грчките банки изнесува 1,55%, пишуваат експерти на Комерцбанк во една анализа. Од ЕЦБ, пак, банките добиваат пари со 0,05% камата, значи „за џабе“. Меѓутоа, аналитичарите не се сосема сигурни, затоа што работата со ЕЛА не е сосема транспарентна. Националните централни банки не се обврзани да ја објават каматната стапка и точниот волумен. Доволно е ако ЕЛА-кредитите ги стават под ставката „други побарувања“.

Тоа доведе до таму, и други земји да не се многу воздржани кога се служат со овој инструмент. Така Ирска, според проценките, дала 50 милијарди евра ЕЛА-кредити на своите банки во 2011 и 2012 година, што практично ја надминува рамката на краткорочно премостување. И Грција еднаш веќе има користено вакви кредити. На врвот од евро-кризата во 2012 година, ЕЛА-кредитите за грчките банки достигнаа околу 100 милијарди евра.

Ризик за другите евро-држави

Во статутот на ЕЦБ стои дека националните централни банки постапуваат на свој ризик, но ако Грција навистина излезе од еврозоната, тогаш овие кредити ќе им останат на товар на другите евро-држави. И колку повеќе се одолговлекуваат преговорите, колку повеќе итни кредити се трупаат, толку поголеми ќе бидат ризиците од загуба за останатите евро-држави.

Со ЕЛА-кредити не само што се пополнуваат дупки кои настанале со одливот на капитал од банките, туку со нив Атина ги враќа и достасаните рати од кредитите. На тој начин грчката држава се штити од банкрот. Значи, станува збор за индиректно финансирање на државата, нешто што на ЕЦБ со статутот не и‘ е дозволено.

Symbolbild Finanzhilfe Finanzpaket Griechenland
Со ЕЛА-кредити Атина ги враќа и достасаните рати од кредититеФотографија: DW-Montage/bilderbox.de

Претседателот на Бундесбанката Јенс Вајдман не крие дека во ЕЛА-кредитите гледа државно финасирање на „мала врата“ од страна на ЕЦБ. Ханс-Вернер Зин, претседател на Институтот за економски истражувања ИФО, ја обвинува ЕЦБ за одолговлекување на банкрот, оти грчките банки без ЕЛА-кредити одамна ќе банкротираа. Тоа во приватното стопанство е криминал, а Централната банка смее да го прави, забележува тој во интервју за ДВ.

ЕЛА-кредитите смеаат да се даваат само на солвентни банки и само за ограничен период. Во случајот со Грција сите овие правила се пречекорени. Меѓутоа, во Советот на ЕЦБ досега немаше двотретинско мниозинство за да се запре ваквата практика.