1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Нема да ја скршат Македонија, не во наше време!

Катерина Блажевска15 март 2015

Народот одлучува кој ќе формира влада. Со преодна влада се отвора преседан кој ќе биде предмет на конфликт меѓу партиите, рече Груевски и оцени дека „креираните разговори“ не можат да ги засенат резултатите на Владата.

https://p.dw.com/p/1ErDT
Nikola Gruevski
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Нема да успеат. Тој што го наумил ова, не ја зел предвид љубовта на народот кон нас и кон татковината. Станете сите на нозе - Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци...Не‘ чека поход од град во град. Не‘ чекаат нови дела и нови моменти за гордост. Нема да ја скршат Македонија. Не во наше време!

Со овие зборови премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ го заврши своето обраќање на трибината во салата „Борис Трајковски“ кое од присутните беше дочекано со овации и бурни аплаузи.

„Заев е во грч. Тоа е човекот со лажна насмевка, кој одредува што ќе исече, што ќе објави, тој пресудува што е според закон, а што не. Воден од неговата алчност за власт, а без капцитет за програма, понуда и добар кадар, тој заборави - кој е! Ја злоупотребува неговата положба во Струмица за да стекне пари и богатство. Да заборавиме ли која е Шеќеринска и другите кои беа на функции во едно мрачно време? Уплашен од нашиот собир, побрзал да одржи прес-конференција. Тој живее во страв дека времето го гази. Во тоа не можеме да му помогнеме. Вели дека се бори за слобода и демократија. Дека овде немало слобода. А тој секој ден плука по кого сака со нелегално стекнати материјали. Каде има таков пример во светот“, реторички праша премиерот.

Неговото обраќање со внимание го следеа министрите Зоран Ставрески, Гордана Јанкулоска, Владимир Пешевски, Никола Тодоров, Елизабета Канческа-Милевска, Иво Ивановски, Никола Попоски, директорот на УБК, Сашо Мијалков и редица функционери во телата и органи на ВМРО ДПМНЕ. Меѓу присутните беа и поранешни министри, како и Срѓан Керим, еден од сопствениците на групацијата МПМ која што ги издава весниците „Дневник“, „Утрински весник„, „Вест“ и порталот „Телеграф“.

Премиерот потенцираше дека народот ги слуша обвинувањата од опозицијата, но не ги поддржува и не ги одобрува.

„Креирани разговори не се доволни да ја засенат нашата работа во која има многу дела, проекти и реформи. Вистината не е апстрактен поим кој опозицијата сака да го монополизира. Вистината е во постапките на граѓаните кои гласале за нас на сите избори во изминатите девет години“, рече Груевски. Притоа најави дека во името на идеалите на историското ВМРО, нема да дозволи опозицијата да ги закрви граѓаните, да ја врати земјата назад, да ги запре вработувањата и инвестициите.

„Бараат оставка од обвинителот и нов кој ќе се држи до словото на законот. Уверен сум дека сегашниот обвинител го прави тоа. Преодна влада е остварлива, но без ВМРО-ДПМНЕ во неа. Народот одлучува кој ќе формира влада. Со преодна влада само се отвора преседан кој ќе биде предмет на конфликтност меѓу партиите. Порачувам: ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име, ниту идеи и предлози кои би го загрозиле македонскиот идентитет, јазик и култура. Нема да дозволиме никакво прифаќање на предлог за решавање на спорт за името, без да се изјаснат за тоа македонските граѓани на референдум. Прашувате како ќе заврши сето ова? Со правна постапка согласно со законите. А ние сме подготвени за дијалог на принципиелни основи, но без уцени и условувања, бидејќи знаеме што се крие зад тоа“, порача Груевски.

Пред присутните тој најави уште шест нови странски инвестиции во земјата, кои, како што рече, ќе значат 4.500 нови работни места.

„На вакви 'бомби' ние го трошиме нашето работно време. Па народот нека прави разлика - дали ќе не‘ цени нас по делата или по материјалите што му ги даваат странски служби на Заев“, порача Груевски, потсетувајќи што досега било реализирано и кои капитални инвестиции ќе почнат или ќе продолжат во иднина.

Членството на ВМРО ДПМНЕ денеска пристигна со автобуси од целата држава, а салата „Борис Трајковски“ беше претесна да ги прими сите, па огромен дел од нив останаа надвор. Трибината започна со стенд-ап перформанс во изведба на актерот Тони Михајловски, во кој беа исмевани опозицијата, лидерот на СДСМ и скандалот со прислушувањето. Потоа свое обраќање имаа Јохан Тарчуловски и режисерот и поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубиша Георгиевски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема