Во напад во Најроби загинаа 14 лица
16 јануари 2019Истрагата за терористичкиот напад во хотел во Најроби, за кој одговорност презеде терористичката група Ал Шабаб, е сѐ уште во тек, но бројот на жртвите е утврден. Кенискиот претседател Ухуру Кенијата изутринава изјави дека загинале 14 невини луѓе. Тој исто така додаде и дека сите терористи се „неутрализирани“.
Меѓу жртвите има и странци. Американското МНР потврди дека меѓу загинатите е и еден американски државјанин.
Нејасно е како можело да дојде до нападот во хотелот, кој се наоѓа во комплекс во богат кварт во Најроби. Денеска изутрина од околината на хотелот сѐ уште се слушале експлозии и истрели, а Министерството за внатрешни работи речиси истовремено соопштило дека за јавноста веќе не постои опасност и дека сите објекти и околината на хотелот се безбедни. Неколку часа подоцна пак, полицијата соопшти дека „безбедносната операција“ е во тек и дека јавноста треба да го избегнува тој дел до градот.
Според припадникот на антитерористичка полициска единица Мавира Мунганија, цел на нападот била конференција која била организирана од САД. Настанот требало да се одржи во хотелот кој е нападнат од терористите, но во последен момент локацијата била променета, изјави Мунганија за агенцијата ДПА.
Повеќе: Кога Ал Каеда го донесе тероризмот во Источна Африка
Милитантното исламистичко движење Ал Шабаб со години во Сомалија се бори за превласт. Со оглед на тоа што кениските безбедносни сили ѝ даваат поддршка на сомалиската влада во рамки на мисијата на Африканската унија против терористичката милиција, Ал Шабаб постојано врши напади во Кенија.
Нападот во луксузниот хотел во Најроби траел повеќе часови. Меѓу другото, во фоајето на хотелот бил извршен и самоубиствен напад, соопшти полицијата. Напаѓачите „пукаа околу себе, но имав среќа и можев да побегнам и да се сокријам“, вели очевидецот Џозеф Катана, кој работи во хотелскиот комплекс. Дел од напаѓачите, како што соопшти полицијата, повеќе часови биле забарикадирани во комплексот, каде инаку има и канцеларии, продавници и ресторани.