Кога Ал Каеда го донесе тероризмот во Источна Африка
7 август 2018Беше 7 август 1998 година, 10.30 наутро. Пред американската амбасада во кенискиот главен град Најроби двајца атентатори кренаа во воздух резервоар наполнет со експлозив. Девет минути подоцна експлодираше уште една бомба, овојпат во соседната Танзанија пред американската амбасада во Дар ес Салам. Во двата напади загинаа 242 лица, најголем дел од Најроби, каде од експлозијата беше уништена фасадата на амбасадата, а се урна и соседната куќа.
„Нападите врз амбасадите во Најроби и Дар ес Салам беа вистински шок за многумина," се сеќава Мурити Мутига, експерт за безбедност во Меѓународната кризна група во Најроби. „Поголемиот дел од Кенијците и Танзанијците не можеа да сфатат што е тоа што ги тера луѓето да извршат вакви крвави напади."
Но, не само за Кенија и Танзанија, туку и за остатокот од светот, нападите врз амбасадите на САД беа новина. Никогаш порано напад од тогаш релативно непознатата терористичка мрежа Ал Каеда, немаше однесено толку многу цивилни жртви. Дотогаш, исламистичките напади во најголем дел беа насочени кон воени цели. Осама бин Ладен и неговата организација добија меѓународно значење речиси преку ноќ. Бидејќи САД на тоа реагираа со ракетни напади врз цели во неколку земји, за многу експерти денес ова се смета за почетна точка на таканаречената војна против тероризмот.
Африка како колатерална жртва
Источна Африка стана сцена на првиот напад на Ал Каеда со повеќе стотици цивилни жртви, иако нападот не беше насочен против Африканците. „Африка беше таканаречена лесна мета за терористите", објаснува безбедносниот експерт Мутига во интервју за ДВ. Амбасадите на западните земји таму не беа обезбедувани како во други места, и порозните граници беа олеснителна околност за терористите да шверцуваат луѓе и експлозив за конструкција на бомба. „Така Африка за жал стана колатерална штета на оваа глобална војна", констатира Мутига. Многу аналитичари тогаш предвидуваа дека Африка ќе биде главното жариште на глобалниот тероризам во иднина. Стравувањата беа базирани на тоа дека се кревки државните структури, особено во Сомалија, зафатена со граѓанска војна, им нудат на терористите идеални услови за стационирање и можности за регрутирање.
Повеќе: Кенија не ги сфати сериозно терористичките закани
Стабилноста на источна Африка е под закана
„Според мене тоа само делумно се оствари", вели Анет Вебер, експерт за Источна Афика од Фондацијата за наука и политика. Точно е дека откако сомалиската терористичка организација Ал Шабааб ѝ се приклучи на мрежата на Ал Каеда, сѐ уште е силна во регионот и изведува напади. Но, проценката дека исламистичкиот тероризам во 21 век ќе се одвива пред сѐ во Африка не се потврди. „Сосем е јасно дека центарот на тоа е на Блискиот и Средниот Исток", заклучува Вебер во разговор за ДВ.
Тероризмот стана таен
Сепак тероризмот е вкотвен на Рогот на Африка. Особено два напади во Кенија беа потврда за тоа: нападот во трговскиот центар Вестгејт во Најроби во 2013 година и нападот врз Универзитетот во Гариса во 2015 година. Сепак нападите се различни во споредба со оние од пред 20 години, смета Вебер. Наместо „мали, мобилни единици на Ал Каеда, кои патуваат во регионот за да извршат напади" сега се работи за „групи кои се многу повеќе вкоренети во заедницата", смета оваа експертка. Според неа, економската ситуација игра многу поголема улога во регрутирањето отколку верскиот или политичкиот екстремизам.
Кенискиот експерт за безбедност Мурити Мутига исто така забележува промена и во целите на терористичките напади во регионот. Иако на почетокот нападите беа експлицитно насочени врз западни цели како што се амбасади, сега се насочени повеќе против локалното население. „Граѓаните станаа напаѓачи на своите сограѓани". Во октомври 2017 во сомалискиот главен град Могадишу експлодираше камион натоварен со експлозив - речиси 600 луѓе беа убиени. Ниту една терористичка група јавно не ја презеде одговорноста за нападот.
Американските напади со беспилотни летала причина за загриженост
Безбедносните сили во регионот ги адаптираат своите стратегии во однос на домашниот тероризам - но понекогаш со контрапродуктивни резултати, вели Мутига. "Имаше многу несреќна практика на таргетирање групи врз основа на нивната верска или етничка припадност". Така, кениската влада пуашално ги обвини Сомалијците за нападите во нивната земја. Но, во меѓувреме антитерористичка борба е зајакната и водена од принципите на владеењето на правото и врз база на разузнавачките информации - очигледно со успех: „Се разбира, никогаш не може со сигурност да се знае кога ќе се случи следен напад", вели Мутига. „Но, се чини дека Ал Шабааб нема да изведува толку често напади како што тоа го правеше пред неколку години".
Според експертот, причина за загриженост е новата стратегија на владата на САД во Сомалија, која пред сѐ базира на зголемен број напади против Ал Шабааб со беспилотни летала. Иако таквите напади понекогаш може да имаат позитивни ефекти со цел да ги ослабат и онеспособат терористичките групи. „Но, тие исто така може да предизвикаат негативен ефект кај локалното население", предупредува Мутига. Според британското новинарско здружение ТБИЈ, САД во Сомалија досега извршиле 16 воздушни напади со беспилотни летала. Речиси 90 луѓе беа убиени – во најголем дел борци на Ал Шабаб.