1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прагот за осигурување на депозитите - над 30.000 евра?!

Костадин Делимитов
28 мај 2021

По одлуката на Уставниот суд, надлежните се под притисок за ефикасни промени, а една од опциите е зголемување на прагот на осигурените депозити, кој е тројно понизок од оној во ЕУ.

https://p.dw.com/p/3u5g5
Mazedonien Bankautomat Geld abheben
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Јавноста збунета, штедачите во грч, банките во небрано. Што ќе се случува и какви законски промени треба да се донесат по одлуката на Уставниот суд кој укина член од законот за банки со кој Фондот за осигурување на депозити го изгуби приоритетот во исплатата од стечајната маса доколку некоја банка пропадне? Фондот има обврска за исплата на штедните влогови до 30.000 евра која е гарантирана со закон, но со укинувањето на членот 163 став 3 од Законот за банки сега го нема ексклузивитетот прв да ги повлече парите од стечајната маса, односно ќе мора да чека во ред со сите други доверители.

Законски измени

Ваквата одлука на уставните судии под плаштот на заштита човековите права на штедачите отвори многу дилеми и создаде правен вакуум кој експресно ќе треба да се премости со законски измени. По налог на Владата тие веќе се подготвуваат во Министерството за финансии. Фокусот на промените треба да биде заштита на јавниот интерес, но како тие ќе изгледаат и на чиј грб ќе паднат, засега е неизвесно.

„Се работи на решение откако се создаде правен вакуум. Но она што треба да се види е во која законска регулатива ќе се интервенира, бидејќи постојат повеќе кои ја регулираат оваа област. Дали само во делот на законот за банки или и во законот за осигурување на депозити. Ќе се консултираат засегнатите страни и во еден инклузивен процес ќе се донесе соодветен предлог кој ќе се достави до Владата и ќе се објави во јавноста. Поконкретно од ова во оваа фаза не можеме да откриеме ништо, бидејќи во тек се широки консултации“, велат за Дојче веле од министерството за финансии. 

Nord-Mazedonien Verfassungsgericht  Gebäude
Уставниот суд укина член од законот за банки со кој Фондот за осигурување на депозити го изгуби приоритетот во исплатата од стечајната маса доколку некоја банка пропаднеФотографија: Petr Stojanovski /DW

Повисоки камати?

Какви ќе бидат промените или што конкретно треба да се очекува, ретко кој од упатените сака јавно да коментира. Дел од експертите веќе предупредија дека целиот процес е контроверзен и може да испровоцира и зголемување на каматите на банките, односно намалување на каматите за штедните влогови доколку се зголемат трошоците за обезбедување на депозитите. Ваквото сценарио не е исклучено, но во оваа фаза сепак и малку веројатно дека би се случило. Банкарите се помалку затечени, но јавно не сакаат да коментираат ништо сѐ додека не видат какви ќе бидат законските измени:

„Искрено не верувам дека тоа е крајниот ефект на ова и не верувам дека тоа ќе се случи. Но и да се случи тоа, да се зголеми премијата, не верувам дека тоа веднаш би се ефектуирало врз каматите. Треба да биде јасно дека досега фондот за сѐ што исплаќал повторно се полнел од страна на банките и доколку тие средства не се доволни, тогаш државата е таа која има законска обврска да ги обезбеди средствата по која било основа, дури и со задолжување или издавање на некаква обврзница. Така што фондот воопшто не се доведува во прашање и затоа не треба да се создаваат паники дека тој нема да има пари и граѓаните во страв да повлекуваат депозити. Тоа е неодговорно и тоа не е случај, оти законот е јасен - фондот мора да обезбеди и да обесштети, без разлика дали има пари во стечајната маса или не. А како потоа ќе си наплати, државата е таа што води грижа“, коментира за Дојче веле претставник на една од поголемите банки во државата.  

Повеќе: 

По трагата на парите – која е вистината за пропаѓањето на Еуростандард банка

Случај Еуростандард: Почнува обесштетувањето, но дали и чешлањето за злоупотреби и криминал?

Кривични пријави за стечајот на „Еуростандард банка“, штедачите на мака да си ги вратат парите

Осигурување над 30.000 евра?

Законските измени треба да ја зацврстат довербата во банкарскиот систем. Надлежните се под притисок за ефикасни промени, а една од опциите која сериозно се разгледува, според информациите, е зголемување на прагот на осигурените депозити, кој во моментов изнесува 30.000 евра, и е далеку понизок од оној во земјите од Европската унија. Упатените предупредуваат дека евроинтеграциите на земјата ќе ја направат оваа реформа неминовна:  

„Во земјите од Европската унија, депозитите во банките се осигурани преку фондовите во износ од 100.000 евра. Во некои држави пак воопшто и нема ограничување на оваа сума. Кога ќе влезе во ЕУ, Северна Македонија ќе мора да го зголеми лимитот на 100.000 евра, преку фондот за депозити кои би биле гарантирани и тоа е обврска. Дали кога би започнале со преговори за членство или кога би станале полноправна земја членка, но мора да се оди до таа сума. Кај нас во меѓувреме останува веројатно тој износ од 30.000 евра, иако се разгледуваат и опции за коригирање, што мислам дека би било добра опција“, коментира нашиот соговорник. 

Дојче веле праша во Министерството за финансии дали законските измени ќе донесат и промени во прагот на осигурената сума за депозити, но оттаму не сакаат да коментираат ништо поконкретно. Единствено велат дека искуствата во регионот и европските земји се различни по овој основ и не обврзуваат конкретно никого за ништо поконкретно.

Symbolbild Europäische Bankenunion
Прагот на осигурените депозити во земјите од ЕУ е далеку повисокФотографија: picture-alliance/dpa

Депозити кои се осигурени

А што вели законот и кои и какви депозити се осигурани во Фондот за осигурување на депозити? Банките, филијалите на странски банки и штедилници основани во Република Северна Македонија се должни во Фондот да ги осигураат депозитите. Под депозити во смисла на овој закон се подразбираат денарските и девизните депозити, сертификатите за депозит, трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички и девизни приливи на физичките лица.

Во случај на обесштетување од страна на Фондот, поединечните депозити на едно лице во една банка, филијала на странска банка или штедилница се сметаат за единствен депозит. Фондот за осигурување на депозити во случај на настанување на ризичен настан врши обесштетување до 30.000 евра во денарска противвредност по депонент, во банка, филијала на странска банка или штедилница во согласност со одредбите од законот. Во износот до 30.000 евра предмет на обесштетување се и главницата и каматата на сите депозити на кои е имател едно лице депонент во банка на денот на настанување на ризичниот настан“, пишува во законот.

Mazedonien Kunden am Schalter der Stopanska Banka in Skopje
Јавноста збунета, штедачите во грч, банките во небраноФотографија: DW/P. Stojanovski

Што се промени во законот за банки?

Иницијативата пред Уставниот суд ја поднесе Здружението на оштетени штедачи од пропадната Еуростандард банка. Уставните судии, со тесно мнозинство, пет гласа „за“, наспроти четири „против“ гласаа за укинување на членот 163 став 3 кој предвидуваше дека побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители.

Во првите два става од овој член во законот стои дека со денот на отворањето на стечајната постапка престануваат побарувањата на физичките лица од банката во стечај по основ на депозит до висината на осигурениот износ на депозитот. Односно дека пред исплатата на доверителите од стечајната маса се издвојува дел на средства за трошоци на постапката, вклучувајќи ги и трошоците на банката која ги презема работите со влоговите во банка од банката во стечај.

Правни дилеми

Сепак, она што е дилема по одлуката на Уставниот суд е дали законските измени би важеле и за случајот со Еуростандард Банка. Уставниот суд донесе одлука за укинување на делот од законот, но не и поништување. Ова значи дека законското решение не се поништува, што во таков случај би имало ретроактивно дејство, туку новите законски правила би важеле откако членот е укинат. Оштетените штедачи од Еуростандард банка бараат повратот на парите да не биде ограничен и да нема привилегирани во целиот процес. Тие предупредуваат дека цехот од досегашната поставеност го плаќале исклучиво граѓаните и фирмите, но не и банките, за кои сметаат дека издвојувале мали премии на сметката на Фондот за осигурување на депозити. Очекуваат оваа одлука да донесе промени во корист на граѓаните иако препознаваат инертност за промени на системот:

Eurostandard Bank in Skopje Nord-Mazedonien
Дилема по одлуката на Уставниот суд - дали законските измени би важеле и за случајот со Еуростандард БанкаФотографија: DW/P. Stojanovski

„Токму таа инертност како и серијата неповолни закони и одлуки во законскиот систем во целина придонесоа моментално да имаме ситуација каде одлуката на Уставен суд, со која се одбранија основните човекови права, да помине непоздравена и неискоментирана од многутте невладини организации за човекови права чија главна цел треба да им биде токму тоа што уставните судии го направија сега. Истата таа одлука помина и без реакции кај опозициските политички партии, чија основна причина за постоење е да го бранат интересот на граѓаните. Дали оваа летаргија и потиштеност е предзнак дека обичниот граѓанин полека, но сигурно се предава во борбата за правдина и за своите човекови права кои му се загарантирани со Устав? Дали е можно да се третира како јавен интерес профитот на банките и целосната подреденост на граѓаните и правните лица на банкарскиот систем? Се прашуваме, дали затоа со толкава итност се форсира измена и дополнување на Законот за банки со алузија дека со него треба да се заштити јавниот интерес? Што заштитува тогаш Народната банка?“, реагираат од здружението „Правда за штедачи“.

Пет пропаднати банки

Случајот со Еуростандард Банка не е прв во Северна Македонија. Ваква или слична судбина во изминативе три децении имаа уште четири банки, Алмако Банка, Радобанк Скопје, Експорт импорт Банка, Македонска Банка. Во списокот на ризични настани од формирањето на Фондот за осигурување на депозити во јануари 1997 година до 31.12.2019 година, освен петте банки се регистрирани и случаите со шест штедилници. Вкупната пресметана обврска за обесштетување од единаесетте поранешни членки на Фондот изнесува 1 милијарда 522 милиони денари, а досега преку Фондот се исплатени 90,2% од обврските.