1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Која е вистината за пропаѓањето на Еуростандард банк?

ДТЗ /ДВ
13 ноември 2020

Додека оштетените штедачи протестираа пред Собрание, пратениците на Надзорна расправа ги слушнаа спротивставените аргументи на главните актери во случајот. Допрва се очекува разврска

https://p.dw.com/p/3lHLR
Eurostandard Bank in Skopje Nord-Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Туѓи пари не сакаме, своите ги бараме“ – со ваква порака оштетените штедачи на Еуростандард банка излегоа на протест пред Собранието, додека во парламентарниот дом пратениците на Надзорна расправа се обидуваа да го отплеткаат клопчето околу пропаѓањето на банката и причините коишто довеле до тоа. Додека оштетените се надевааат на правна разврска и што поскоро обесштетување, пред пратениците своите аргументи ги спротивставија  гувернерката Анита Ангелоска Бежоска и мнозинскиот акционер во Еуростандард банка, Трифун Костовски.

„Дозволата за работа на „Еуростандард банка” беше одземена заради констатирана несолвентност по исцрпување на сите можности, порача гувернерката Анита Ангелоска Бежоска на Надзорната расправа во Собранието во организација на Комисијата за финансирање и буџет. Таа оцени дека одземањето на дозвола за работа на една банка е најтешка одлука за една централна банка.

„Пред да се посегне кон ваква одлука се вложуваат максимални напори за изнаоѓање поповолно решение. Но, од друга страна, централните банки не смеат да дозволат банка да работи спротивно на законските прописи доведувајки ја во прашање стабилноста на финансиски систем“, рече Ангелоска.

Таа посочи дека поради преземање на повисоко ниво на ризик во работењето, банката во подолг период беше под засилен супериворски надзор.
„Постојано изрекувавме супервизорски мерки и го засилувавме интензитетот на супервизорскиот режим. За илустрација: во последните 8 години, изрековме околу 70 дополнителни супервизорски мерки, од кои околу 40 само во последниве 2 години. Со дел од мерките баравме уплата на дополнителен капитал, поаѓајќи од правилото дека поголемиот ризик, бара и поголем капитал за покривање на евентуални загуби. Банката и сопствениците покажуваа одредена респонзивност на изречените мерки, но за жал недоволна“, рече гувернерката.

Големи пари – голем криминал

Но, бизнимснеот Трифун Костовски обвини дека станува збор за „големи пари и за голем криминал“.
„Парите, како и полжавот имаат траги. Со стечајот фактички трагите се кријат, ако сакате да учествувате сите заеднички во ваквото покривање на криминал, повелете“, порача Костовски. Според него, станува збор за организиран криминал, што почнал не пред една година, туку многу порано. Тој нагласи дека и претходно состојбата на банката била десет пати полоша отколку во моментот кога е донесена одлука за стечај.

На надзорната расправа пратениците и поставуваа прашања на гувернерката и на сопственикот на банката Трифун Костовски за одземањето на дозволата за работа на банката, а до нив беше доставен и извештај од поранешниот гувернер Димитар Богов, кој, како што кажа претседателот на Комисијата, Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ, бил спречен да присуствува на седницата.

Пратениците се интересираа за мерките кои се преземени од Народната банка, кои фирми подигнувале кредити и зошто тие не биле вратени, но и за тоа каква е моменталната состојба во банкарскиот сектор.

Партиите во клинч

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ ја праша гувернерката дали била запозната дека 29 струмички фирми кои се блиски до семејството Заеви, меѓу која и фирмата „Сара инженеринг” која е фирма на Вице Заев, „Глобал Медиа Груп”, како и „Тритерол”, бизнис партнери на Зоран Заев како поранешен градоначалник, со месеци наназад не ги плаќале кредитите во Еуростандард банка.

„Овие 29 фирми блиски до Заеви, меѓу кои и фирмите кои се во нивен посед, оствариле добивка од Еуростандард банка 12,8 милиони евра поради неплаќањето на кредитите, на штета на сите други штедачи во Еуростандард банка", рече Милошоски.

Напротив него, Костадин Костадинов од СДСМ, вели дека „меѓу компаниите кои биле кредитирани од страна на Еуростандард банка, без покритие, се и компании во сопственост на бизнис партнер на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ“, Христијан Мицкоски.

„Во едно интервју, сопственикот на Еуростандард банка Трифун Костовски, а потоа и на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, беше истакнато дека биле кредитирани фирми од Струмица, без доволно покритие и дека наводно тие фирми биле блиски со СДСМ. Компаниите „Јанев трејд“ „Ведра мини“ и „Минка ДА“ се поврзани со власта. Станува збор за компании на партнер на Христијан Мицкоски. „Минка ДА“ и другите компании што ги спомнав, а коишто без покритие ги има финансирано Еуростандард се партнер на Мицкоски во бизнисот со хидроцентралите“, рече Костадинов.

Каде завршиле парите?

Директорот на Управат за финансиска полиција, Арафат Муареми денеска изјави дека не може да се затвори истрагата, додека не се утврди каде завршиле парите од Еуростандард банка. Тој вели дека Управата активно работи на овој случај, ги утврдува причините како дошло до несолвентност на банката, како се давале кредитите и каде завршиле тие пари. 
„Ние истражуваме, а Јавното обвинителство треба да утврди дали ќе оди со истрага или ќе ја запре постапката. Има три наредби, една е од ОЈО, а една од Обвинителството за Организиран криминал, а имаме и сопствена постапка“, нагласи директорот на Управата. Според него, процесот се уште е во предистражна постапка, се уште не е отворена истражна постапка.

„Имаме голем број фирми кои се предмет на проверка, за еден дел се веќе обезбедени докази, а други се на листата за кои треба да се обезбедат докази. Инаку, и нас не интересира каде завршиле парите, и ние следиме каква е трагата на парите, бидејќи без тоа нема да можеме да ја затворите истрагата“, рече Арафат Муареми, директор на Управата за финансиска полиција.

По завршувањето на надзорната расправа Комисијата за финасирање и буџет ќе треба да изготви извештај со заклучоци. Еуростандард банка ја изгуби дозволата за работа во август годинава поради, како што беше посочено тогаш, неконтролираното преземање ризик за кредитирање и големото издвојување на резервации за кредити кои не се враќале на време. Досега над 70 отсто од клиентите на банката со заштеди до 30.000 евра ги подигнаа средствата кои им беа заробени, додека останатите 780 депоненти кои имаат поголеми износи од 30.000 евра, остатокот ќе треба да си го бараат од стечајната маса.