1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема решение без мир во Сирија

Наоми Конрад/превод:БГ18 февруари 2016

Германската влада се надева дека на самитот на ЕУ ќе се изнајде заедничко европско решение за бегалската криза. Но, главниот проблем кој мора да се реши е војната во Сирија, смета Наоми Конрад

https://p.dw.com/p/1HxAW
Фотографија: Reuters/A. Ismail

Вести полни очај и ужас: снимките од изгорени и разрушени куќи, ранети деца и долги списоци на оние кои се убиени во бомбардирањата. На неколку дена Фирас, активист од еден град кај Хомс, испраќа знаци на живот кои го покажуваат само тоа уште колку малку живот остана во Сирија- колку мачна, брутална и безнадежна е тамошната состојба.

Состојбата во Сирија, како што тоа го срочи Ангела Меркел во обраќањето до германскиот парламент, „и натаму е неподнослива“ и „непроменето депримирачка“. Наместо помалку- повеќе мака, наместо примирје, за сопирање на судирите и да не зборуваме- се повеќе борби.

Европско решение во три чекори

Канцеларката се надева на европско решение: заедничко сузбивање на причините за бегството од Сирија и од бегалските кампови во соседните земји, подобра заштита на надворешните граници на ЕУ и на крај, организирано, легално доаѓање на бегалците.

Conrad Naomi Kommentarbild App
Наоми Конрад

Таа знае дека секое од тие решенија е тешка задача и дека би било чудо кога секое од нив би било решено. Бидејќи, во четврток и петок (18. i 19.2.) во Брисел ја очекуваат европските партнери кои тоа не сакаат да бидат. Тие повеќе сакаат да подигнуваат огради и да ги утврдуваат границите отколку да примаат бегалци. А дома, во самата партија на канцеларката, се погласни се оние кои го бараат истото.
Додуша, уште пред неколку месеци беа ветени пари за училишта, образование и згрижување на бегалците во соседните држави. Првите рати очигледно, конечно стигнаа- со месеци, ако не и години задоцнување откако тоа го побараа хуманитарните организации. Освен тоа, ќе се градат ткн. „жешки точки“ кои треба да овозможат подобра регистрација на бегалците и на хуманитарните конвои.

Најголемиот од сите предизвици

Но сето тоа значи многу малку доколку не се надмине најголемиот од сите предизвици: постигнувањето траен мир во Сирија. Се додека продолжи убивањето, луѓето ќе бегаат, ќе се провлекуваат под оградите и ќе се качуваат во малите чамци кои не се најсреќната опција за преминување на море.
Има ли начин, било каков начин, да се принудат на мир безбројните групи и нивните помагачи- од Асад, преку Иран, Русија, Саудиска Арабија, Курдите, Турција и Слободната сириска војска- и да се порази ткн. „Исламска држава“?
Не знам. Но се надевам дека другите знаат. Бидејќи во спротивно на мојот мобилен телефон и натаму ќе пристигнуваат страшните вести од Фирас и другите- доколку воопшто ги преживеат следните денови и недели.
А доколку продолжи убивањето кое ги принудува луѓето на бегство- дали еден ден ќе ги затвориме нашите граници, ќе ја свртиме главата и ќе се повикуваме на горната граница на нашата подготвеност за помош и на нашите можности? Некои работи говорат во прилог на тоа.