1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Што се промени по убиството на Џорџ Флојд пред една година?

Дејвид Слоун
25 мај 2021

Една година по убиството на Џорџ Флојд, многумина повикуваат на промени во полициското работење, но некои тврдат дека не се случило доволно за да се спречи полициското насилство врз Афроамериканците.

https://p.dw.com/p/3tsJN
USA I Prozess um den Tod von George Floyd steht vor dem Abschluss
Фотографија: Octavio Jones/REUTERS

Моќната слика на која поранешниот полицаец Дерек Шовин е клекнат врз вратот на Џорџ Флојд предизвика протести не само во САД, туку ширум светот. Спомениците и муралите што се појавија во негово име го насочија вниманието кон законодавците и на полициските оддели за тоа како тие ќе се осврнат и ќе започнат промени во нивните политики и пристап.

Месеци подоцна, нацијата го следеше судењето на Дерек Шовин и на крајот здивна во колективно олеснување по пресудата дека е виновен. Додека многумина го славеа исходот, на само 10 милји од судската зграда во Минеаполис, избувнаа протести откако беше објавено видеото со Донте Рајт, друг Афроамериканец, кој почина во акција на полицијата. Моментот беше отрезнувачки, бидејќи некои се надеваа дека нацијата достигна пресвртна точка во однос на правосудните реформи.

Во текот на изминатата година, полициските сили се спротивставуваа на повиците за реформи, додека се појавуваа повеќе видеа на кои се гледа како полицајци ја злоупотребуваат својата моќ со користење непотребна сила против Афроамериканците. Сликите на злоупотреба ефективно го сменија начинот на кој луѓето гледаа на полициското работење и на расните односи.

USA Polizei |Tod eines Schwarzen Mannes in Minneapolis
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Frazier

Дали црните животи и натаму се важни?

Движењето „Црните животи се важни“ (Black Lives Matters ) беше најзаслужно за воздигнување на смртта на Флојд на национално и на меѓународно ниво. Додека протести избувнуваа од град во град, законодавците и другите официјални лица чувствуваа притисок да ги послушаат нивните повиците за промени по прашањата на полициското работење и на социјалната правда.

Во Вашингтон, илјадници активисти маршираа во центарот на градот во поддршка на движењето „Црните животи се важни“ и да помогнат убиството на Џорџ Флојд да остане во фокусот на јавноста. Неколку недели тие се соочуваа со агресивна и на моменти насилна одмазда од Националната гарда на САД. Како одговор, градоначалничката Мјуриел Баузер нарача изработка на мурал со зборовите „Црните животи се важни“ пред Белата куќа.

Овие симболични гестови помогнаа движењето да влезе во мејнстрим културата. Разни брендови, спортски тимови и познати личности се приклучија и беа критикувани за кооптирање на демонстрациите. Една година подоцна, се чини, дека движењето загуби дел од својот моментум и идентитет.

„'Црните животи се важни', не е ништо ново“, вели Морис Хобсон, вонреден професор по африкански студии на Државниот универзитет во Џорџија. „Проблемот е кога мејнстримот на одреден начин го распаѓа движењето, и тоа губи дел од она што е“.

Смртта на Џорџ Флојд го вивна движењето „Црните животи се важни“ на место каде доби мејнстрим признание, но Хобсон вели дека ова е само уште едно повторување на другите движења за граѓански права и слични групи кои веројатно ќе се појават во иднина.

Реформа на полициското работење

Едно нешто што е заедничко за движењата за граѓански права е нивното настојување да доведат до реформи на полицијата. Полицајците во САД се справуваат со повици кои се движат од криминални активности до криза со менталното здравје. Од нив се очекува да ги деескалираат ситуациите, но обуката на полициските регрути е фокусирана на користењето на огнено оружје и на самоодбранбени вештини .

„Во просек низ целата нација, полициските службеници добиваат 60 часа обука за оружје, а само 10 часа обука за деескалација“, рече Кетура Херон, активистка на „Црните животи се важни“ во Кентаки. „Тие се обучени да напаѓаат први“.

„Структурата на полициското работење не е опремена за справување со проблеми, освен ако се реагира со сила“, истакнува Херон. „Сметам дека мора да ја смениме филозофијата“.

Солидарност со револтот во САД

Предлози кои се движат од пренасочување на финансирањето на полицијата до дополнителни мерки за транспарентност се множат ширум САД.

Во Итака, во сојузната држава Њујорк, градоначалникот и градските власти предложија замена на нивниот полициски оддел со нова градска агенција. Во Вашингтон, полицијата сега нема прва да одговара на повиците за проблеми со менталното здравје. Наместо тоа, невооружените тимови на здравствени експерти најнпаред ќе бидат испратени на местото на настанот.

Во исто време, моќните полициски синдикати продолжуваат да им пркосат на промените и активно се борат против реформите.

Нова Бела куќа и Конгрес

Претседателот на САД, Џо Бајден, потпретседателката Камала Харис и Конгресот со мнозинство од демократите активно се залагаат за законодавство што ќе се однесува на прашања во врска со полициската бруталност врз Афроамериканците.

Претставничкиот дом неодамна го усвои Законот за правда и полициско работење - Џорџ Флојд , кој се однесува на полициските обуки и тактики што можат да предизвикаат телесни повреди. Но законот во моментов е во ќорсокак во Сенатот, каде демократите немаат јасно мнозинство. Републиканците во Сенатот изјавија дека не можат да го поддржат законот во сегашната форма, но се подготвени да работат на ублажена верзија.

Некои набудувачи се загрижени дека Бајден и Харис не се најсоодветни за справување со ова огромно прашање. Како сенатор, Бајден го поддржа законодавството што доведе до засилено затворање на мажи и жени Афроамериканци. Тој го поддржа кривичниот законик во 1994 година, со кој се воведоа построги судски казни, и придонесе за проблемот на масовно полнење на американските затвори, со кој денес се соочуваат САД. Во меѓувреме, и Харис беше соочена со критики за нејзиното делување во однос на прашањата на кривичното правосудство за време на нејзиниот мандат државен обвинител во Калифорнија. Постојат обвинувања дека таа притискала за непропорционално долги затворски казни за Афроамериканки и Афроамериканци.

Минеаполис не се смирува

Сепак, некои експерти сметаат дека Бајден е искрен кога станува збор за соочувањето со неговите постапки во однос на прашањата на кривичното правосудство.

„Мислам дека има надеж. И мислам дека постои можност за администрацијата на Бајден да се искупи за неговите минати грешки, но сè уште не го гледам тоа", вели Хобсон. „Додека не видам промена, во преден план ќе биде само минатото“.

Смртта на Флојд го поттикна Бајден јавно да ги поддржи политиките што наметнуваат полициско работење во заедниците што помага да ги запре прекумерните затворски казни за Афроамериканците. Сепак, поради неговата агенда во минатото, некои експерти се сомневаат дека тој ќе биде истраен во својот нов став.

„Не мислам дека можеме да очекуваме нешто од нив, мислам дека мора да продолжиме да бараме од нив да сторат нешто“, вели Херон.