1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џо Бајден во посета на Европа

ЖА
29 октомври 2021

Американскиот претседател, кој пристигна во Италија за да учествува на самитот Г20, денеска е примен во приватна аудиенција кај папата Франциско во Ватикан.

https://p.dw.com/p/42LUI
Italien Ankunft von Präsident Biden und Firstlady am internationalen Flughafen Rom-Fiumicino
Фотографија: Evan Vucci/AP Photo/picture alliance

Американскиот претседател заедно со сопругата Џил допатува во Рим заради учество на самитот на Г20, кој се одржува викендов во Италија. Оттаму Џо Бајден ќе отпатува во шкотскиот Глазгов, за да присуствува на Климатската конференција на ОН. Прва станица на американскиот претседател е Ватикан. Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, пред средбата со Бајден, денеска ги повика светските лидери, кои в недела ќе се соберат во Глазгов на Самитот за климата СОР26, да донесат итни и ефикасни одговори на еколошката криза.

Според информации од Белата куќа, теми за кои претседателот Џо Бајден и поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, меѓу другото ќе разговараат, покрај промената на климата, се борбата против пандемијата на коронавирус и односот кон  сиромаштијата во светот

Ова е веќе четврта средба на двајцата, но Бајден е првпат кај папата откако се пресели во Белата куќа. 78-годишниот Бајден е втор католички претседател во САД, по Џон Ф. Кенеди. Тој често зборува за својата вера и редовно оди во црква, но бидејќи се залага за правата на жените на  абортус,  меѓу него и Католичката црква владеат тензии.

Католичката бискупска конференција на САД летоска усвои документ според кој на оние кои се залагаат за правото на абортус, може да им биде одбиено правото на причест со нафора. Во таа прилика папата Франциско изјави дека не е работа на црквата да се меша во политиката, но истовремено го потврди својот одбивен став кон абортирањето, кое го нарекува „убиство“.

Оваа спорна тема не беше спомената на официјалниот дневен ред на аудиенцијата, која се одвива зад затворени врати, а неочекувано беше откажан и преносост на слики во живо од средбата на папата и Бајден.

#dw_BalkanBooster: Што мислат младите за абортусот