1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе ја исфрлат ли Турција од НАТО?

Даниел Белут
29 октомври 2019

Според една анкета, мнозинството Германци сака Турција да биде исклучена од НАТО. Многу политичари ја поддржуваат оваа идеја, иако таа е нереална.

https://p.dw.com/p/3S8cc
Türkei Militärkonvoi an der Grenze zu Syrien
Фотографија: picture-alliance/AP/DHA/Kirikhan/M. Kocacik

Турската воена операција во северна Сирија натамошно ги влоши нејзините односи со НАТО. Нетрпението кон Анкара се зголемува, а погласни стануваат и повиците за исфрлање на Турција од Алијансата. Покрај политичари од германската Левица, и претседателот на пратеничката група на СПД во Бундестагот, Ролф Мицених го доведе во прашање нејзиното членство во НАТО. Оваа бескомпромисна идеја ја делат и големи делови од германското население: во анкета на Институтот за испитување на јавното мислење ЈуГов изработена по порачка на Германската новинска агенција ДПА, 58 проценти од испитаниците се за исклучување на Турција од НАТО поради турската инвазија во северна Сирија, а само 18 проценти се против.

Во што е суштината на спорот?

Од аспект на Анкара,  воената операција во северна Сирија  е голем успех:  засега е спречено формирање курдска држава.  Курдската милиција ИПГ, која Анкара ја категоризира како терористичка, во моментов е истиснувана од сириско-турската граница, координирано со руската воена полиција. Операцијата и` помогна на Турција во натамошно остварување на нејзините безбедносно политички цели. Истовремено, таа претставува фундаментален конфликт на интереси со мнозинството членки на НАТО:  воената операција ја засилува Исламска држава  и го олеснува прикриеното бегство на терористичките борци, гласи критиката на Западот. Освен тоа, таа го зајакна и најголемиот конкурент на НАТО - Русија. 

Турската воена офанзива и` помогна на Русија да ја зацврсти нејзината воена надмоќ и да ја етаблира Сирија во „вазалска држава“ на Кремљ. Додека најголем дел од членките на НАТО остро ја критикуваа турската операција, која германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас ја нарече дури и спротивна на меѓународното право, турската влада во неа гледа само борба против тероризмот. Шефот на турската дипломатија на критичарите им возврати дека од НАТО-партнерите не очекува осуди, туку солидарност.

Има ли предисторија?

Тензиите меѓу Анкара и НАТО во изминатите месеци континуирано растеа. Посебно кавгата околу купувањето на рускиот рекетен систем С-400 покажа колку малку доверба постои меѓу турската влада и партнерите во НАТО. Турција реши својот воздушен простор да не го штити со американски ракетен одбранбен систем. Наместо тоа, купи воен систем од конкурентот на НАТО - Русија. Кај Западот тоа наиде на лош прием, поради безбедносни причини. Се стравува дека Кремљ преку радарската техника на С-400 ќе добие пристап до тајни информации на НАТО. САД беа толку разгневени од едностраниот чекор на Анкара, што и` поставија ултиматум и се заканија со економски санкции. Ваков полн со експлозивни тензии однос меѓу сојузниците никогаш немало. И на денот на почетокот на турската воена офанзива, американскиот претседател на својот турски колега  лично му се закани со „уништување на турската економија.“

Russisches Flugabwehrsystem S-400 für Türkei
Турција купи руски ракетен одбранбен систем С-400 и ги разлутите НАТО-партнеритеФотографија: picture-alliance/dpa/Russian Defence Ministry

Меѓу сојузниците во НАТО егзистира и стравувањето дека воената и надворешнополитичката соработка со Москва ќе го унапреди турското оддалечување од западните партнери. Анкара се вклопува токму во стратегијата на рускиот претседател Путин: експерти сметаат дека рускиот претседател со својата политика кон Турција за цел има раздор во НАТО.

Ќе дојде ли до исклучување на Турција од НАТО?

Исклучување на Турција од НАТО за германските граѓани би било атрактивно сценарио, но практично малку можно или речиси неможно. Договорите на НАТО не предвидуваат исклучување на некоја членка. Но, според членот 13 од договорoт на Северноатлантскиот сојуз, држава - членка може сама да си замине. Но, дури и ако членките на НАТО имаа правна можност, не би се решиле да ја „избркаат“ Турција.

Поренешниот германски министер за надворешни работи Зигмар Габриел неодамна евентуалното исклучување на Турција го нарече „чудно“ - тоа би водело кон „создавање нов голем безбедносен ризик на источната граница на ЕУ“. На самитот на НАТО минатата недела знаците не укажуваа на изолација. Напротив: често беше истакнувано стратешкото значење на Турција. Што не е за чудење: Алијансата тешко може да се откаже од Турција, со нејзината географска положба меѓу Истокот и Западот таа претставува еден вид мост. Без Турција би се намалила геополитичката ефикасност на НАТО, на пример во поглед на сузбивањето на тероризмот или совладување на бегалските движења. Згора на тоа, Анкара располага и со втората по големина армија во рамките на НАТО, нејзино исклучување силно би се одразило врз воените капацитети на Алијансата.

Дали Турција ќе го напушти НАТО?

И оваа варијанта не е многу веројатна. Зашто, меѓу одбранбениот сојуз и Турција постои меѓусебна зависност. НАТО на Турција и` отвора платформа за разговор со најмоќните држави во светот. Притоа, надворешнополитички Турција е многу изолирана. Ништо не го демонстрира тоа подобро од воената операција во северна Сирија, кога целата меѓународна зедница, вклучувајќи ги дури и арапските и муслимански држави, се позиционираа против акцијата. Воената заштита преку најсилниот светски воен сојуз и за Турција е безбедносен фактор од кој не може да се откаже.