1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се конституира Парламентарно собрание на ПСЈИЕ

ЕМФ/миа28 мај 2013

Започнува процесот за воспоставување Парламентарно собрание на Процесот за соработка во ЈИЕ. Документите беа усвоени денеска (28.05) на 10. Конференција на претседатели на парламентите на ПСЈИЕ што се одржува во Охрид.

https://p.dw.com/p/18fRz
Фотографија: MIA

Седиштето на секретаријатот и буџетот на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ ќе бидат дефинирани наредната година, за време на романското претседателство во Букурешт, кога се очекува да се одржи и инаугуративната седница.

„По тригодишни активности и одржани десет состаноци, работната група во отворена и конструктивна атмосфера со примена на принципот на консензус успеа да усогласи повеќе документи кои се основа за конституирање на новото регионално парламентарно тело“, изјави на прес-конференција претседателот на македонскиот парламент Трајко Вељаноски.

Тој очекува Парламентарното собрание на ПСЈИЕ да придонесе за унапредувањето на соработката и координацијата на

настојувањата на парламентите на земјите-учеснички за претворање на регионот во зона на мир, стабилност, солидарност и добрососедска соработка на граѓаните, народите и државите, како и на Европа во целина.

Парламентарното собрание, како што додаде Вељаноски, треба да делува во насока на иницирање на ралични форми на размена на искуства од областа на законодавството, хармонизацијата на законодавството со она на ЕУ и јакнењето на дијалогот со цивилното општество.

„На идните генерации во глобално поврзаниот свет треба да им оставиме соседство кое меѓусебно се разбира, поддржува и соработува, ако сакаме да ги искористиме предностите на геополитичката, економската и културната поврзаност, намалувајќи ги и надминувајќи ги меѓусебните јазови“, нагласи Вељаноски.

На конференцијата на претседатели на парламентите на ПСЈИЕ, што се одржува во Охрид, усвоени се заедничка изјава на учесниците и финална декларација. Во заедничката изјава се дефинира структурата на Парламентарното собрание. Делегациите на парламентите на земјите членки на ПСЈИЕ ќе ги предводат претседателите и ќе имаат три до пет членови, а секоја делегација ќе има право на по еден глас. На чело на Парламентарното собрание ќе биде претседател на парламентот на земјата претседавач со ПСЈИЕ. Највисок орган ќе биде парламентарната сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, која ќе биде редовно свикувана еднаш годишно, а меѓу двете парламентарни сесии со активности ќе раководи Постојан комитет.