1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се залета ли Ердоган во нов напад?

Феликс Штајнер
10 мај 2017

Германија одобри азил на турски војници, зашто во татковината им се заканува политички прогон. Дали е на повидок ново оптоварување на германско-турските односи? Одлуката сепак е исправна, смета Феликс Штајнер.

https://p.dw.com/p/2ciaF
Deutschland Erdogan Anhänger in Köln
Фотографија: picture alliance/dpa/H. Kaiser

НАТО постојано се нарекува себе си „заедница на вредности“. Од овој аспект, звучи како виц тоа што членка на НАТО мора да им одобрува политички азил на војници од друга земја-членка.

Далеку од „заедница на вредности“

А се случува токму тоа- германското Министерство за одбрана ја потврди информацијата за признавањето азилантски статус. Со тоа, самопофалбите за „заедница на вредности“ се испоставуваат како празни фрази. НАТО е едноставно сојуз чии членки се избрани како резултат на воен и стратешки интерес. Од тие причини НАТО немаше поголеми проблеми за соработка со профашистичката диктатура на Салазар во Португалија, ниту со воената диктатура во Грција или воените пучисти во Турција во 1960, 1971 или 1980 година. Од истата причина и владеењето на Реџеп Таип Ердоган, сеедно во кој правец ќе се развие, нема да има никакво влијание врз НАТО-членството на Турција. Зашто, државата со нејзината положба на југоисточното крило, му е неопходна на НАТО, вредностите се на втор план.

Но, непобитно е и нешто друго: одобрувањето политички азил на првите од досега 414 баратели во Германија, е целосно исправно.Станува збор за луѓе кои во Турција извршувале високи функции како дипломати, судии или офицери и членови на нивните семејства. Нив, исто како и илјадници други во Турција, владата ги отстрани од работните места, не добиваат веќе плата, зашто наводно се припадници на движењето на свештеникот Ѓулен и со тоа наводни поддржувачи на обидот за пуч од јули минатата година. Досега за тоа ниту во целост, ниту во одделни случаи, не постојат релевантни докази. Станува збор за луѓе на кои по враќањето во татковината им се заканува лишување од слобода, односно очигледни примери за политички прогон, поради што, според германскиот устав, им следува право на азил. 

Steiner Felix Kommentarbild App
Феликс Штајнер

Но, доделувањето на овој статус на турски државјани очекувано може да води кон проблеми. Не поради тоа што Германија би била преоптоварена поради бројноста на случаите. Во време кога и натаму во земјата секој месец стигнуваат речиси 20.000 мигранти, група од 414 луѓе не е никаков посериозен предизвик. Дури и кога сите околу 7.000 апликации за азил поднесени во Германија по неуспешниот обид за пуч во Турција, би биле одобрени во еден потег, бројот би бил неспоредливо минорен во однос на другите доселеници.

Отров за германско-турските односи

Многу поверојатно е дека тоа што на турски офицери им се признава статус на политички бегалци, дополнително ќе ги оптовари и без тоа веќе силно затегнатите германско-турски односи. Белгија, каде турски офицери од НАТО-централите во Брисел и во Монс, исто така имаат доставено барање за азил, од добра причина се двоуми во преземањето на ваков чекор. Сосем разбирливо, ако се имаат во предвид искуствата на Холандија и на Германија со Анкара во изминатите месеци.

Сега треба да се покаже дали беа во право бројните експерти за Турција, кои вербалните испади и заканите од турската влада ги аргументираа со планираното мобилизирање на Турците во странство за уставниот референдум. Во меѓувреме, референдумот беше добиен, па би требало Ердоган и неговите министри да бидат поопуштени. Но, доколку сега следат нови напади од Анкара, тогаш Германија треба да ги издржи. Постојат ситуации во кои треба да се почитуваат сопствените принципи. Во спротивно, тие немаат вредност. Германската канцеларка Ангела Меркел доволно долго ја толерираше злата игра во Турција.